X
 04.11.2020 Живот

Индиските власти до жителите: „Јадете повеќе шеќер!“

Вишокот шеќер ги поттикнал властите во Индија да започнат кампања со која ги охрабруваат жителите да јадат повеќе шеќер. Индиската асоцијација за фабрики за шеќер соопштува дека сака да ги разбие митовите за шеќерот и неговите последици врз здравјето.

Жител на Индија јаде околу 19 килограми шеќер годишно, што е под глобалниот просек. Сепак, земјата е најголемиот потрошувач на засладувачи во светот.

Се очекува производството на шеќер во Индија да се зголеми за 13% оваа година и да достигне 31 милион тони, но владата посочила дека може да престане да доделува субвенции за извоз со кои производителите се ослободуваат од вишокот шеќер. Затоа, Индиската асоцијација за фабрики за шеќер започнува онлајн-кампања за да ги поттикне домашните потрошувачи да купуваат повеќе шеќер.


Фото: Pixabay

На новата веб-страница на асоцијацијата има написи за здрав живот со консумирање шеќер, а онлајн-кампањата вклучува и објави на социјалните мрежи и работилници во кои славни готвачи и нутриционисти дискутираат за здравиот живот. Асоцијацијата нуди и рецепти за слатки, а пишува и написи за штетноста на вештачките засладувачи.

Оваа кампања се одвива во време кога многу земји се трудат да ги поттикнат жителите да внесуваат помалку шеќер поради неговите можни негативни последици врз здравјето. Шеќерот се поврзува со повеќе здравствени проблеми како дебелина и дијабетес.

Околу 50 милиони луѓе во Индија се занимаваат со одгледување шеќерна трска, а уште милиони работат во фабриките за шеќер и се занимаваат со транспорт на трска.

Извор: bbc.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот