X
 04.12.2018 Наша тема

Прдлев, Козаров, Калашников, Пичоски... од каде потекнуваат македонските презимиња

Презимињата во Македонија најчесто влечат корен од лично име или од прекар. Има презимиња што истовремено се изведени од двете категории или се резултат на многубројни варијации на едно презиме

Бараба, Дупевски, Газлевски, Прдлеви, Заблиеви, Абдалови, Докурчеви... Ова се неколку од многуте специфични презимиња во Македонија. Како настанале презимињата кај нас, кога, зошто немаме семејства чии презимиња може да се следат со векови?

Презимето кај поголемиот дел од Македонците се зацврстува дури во 19 век, со навлегувањето на европските обичаи, пишува во двотомниот „Речник на презимињата кај Македонците“ од Трајко Стаматоски, Олга Иванова, Марија Коробар-Белчева и Маринко Митков, издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од 1994 година.


Галичник / Фото: Википедија

„Дотогаш, како и кај други народи, и кај нас се употребувал системот само на лично име. Кога за идентификација веќе не било доволно само личното име, почнал да се развива системот на лично име со дополнителна определба. Презимето прво се развило кај градското население и кај селаните што имаа поразвиени трговски, духовни, општествени врски“, пишува во речникот.

Презимињата во Македонија најчесто влечат корен од лично име или од прекар. Има презимиња што истовремено се изведени од двете категории или се резултат на многубројни варијации на едно презиме.
Според книгата, македонските презимиња се образуваат од лични имиња со суфиксите -ски или -ов/-ев и дијалектното -оски/-ески, и од прекари што означуваат: занаети, припадност по националност, според некое населено место, некоја психичка или телесна особина и слично.
„Професијата, особено занаетите, многу често се наследувани и тоа придонело за нивно затврдување во презимињата“, пишува во „Речник на презимињата кај Македонците“.

„Административно-правни“ презимиња

- Адвокатов
- Граматиков (од граматик-писар кај Србите)
- Китапов (од китап – книга)
- Даскалов (од турскиот учител)

„Војнички“ презимиња
- Бајрактаров (турски – знаме)
- Борозанов (од турскиот - трубач)
- Гавазов (турски - стражар, придружник)
- Сеизов (турски - коњушар)

„Духовни“ презимиња
- Владиковски
- Ѓаконовски
- Поповски
- Лазарев (Лазарус, бог помага, божја помош)
- Драгомиров (да им биде драг на луѓето)

„Трговски“ презимиња
- Бакалов
- Брашнарски
- Туџаровски (турски - трговец)

„Занаетчиски“ презимиња
- Абаџиев (оној што од аба шие народна носија)
- Алваџиевски
- Ќумурџиев
- Фурнаџиски
- Шеќерџиев
- Пушкаров

„Земјоделски и сточарски“ презимиња
- Козаров
- Свињароски
- Смокварски
- Тикварски
- Биволчев
- Говедаров

„Стопански“ презимиња
- Зографски (грчки - иконописец)
- Коробар/Салџиев (турски - кораб, сплав)
- Сарафоски (турски - менувач, банкар)


Чучер Сандево пред 1920 година / Фото: Википедија

Презимиња од прекари
- Абдалов (турскиот абдал - глупав, будала)
- Аждерски (турски аждер - змеј, ала, или силен човек, јуначиште)
- Акалиеви (турски акал - умни, паметни)
- Алабакови, Алабаковски (од прекарот алабак - будала, глупав, тап)
- Алтипармакови и Алтипармаковски (шестопрсти)
- Амароски (горчливи)
- Амбаковски (турски - надворешната зелена корупка на оревот)
- Ашикови, Ашиковски (турскиот збор за водење љубов, љубовник)
- Ашлаков (турски – мангуп)
- Бабачев, Бабачевски (од бабаче - дебел, крупен човек)
- Билмезов (од турскиот билмез - незнајко, глупав, будала)
- Заблев (од прекарот забле - заблест човек, зајадливец и дрдорко)
- Јуда (по Христовиот ученик што го предал)
- Калашников (турски „калаш“ - крадец, расипник, бекрија)
- Прдевски, Прдешлиев, Прдлеви (од прекарот Прде - испушта гас)
- Чаламовски (од чалам - фалење, перчење)
- Пичоски (од пич - тукушто никнато гранче или новороденче)
- Фукара (од турскиот сиромав човек, бедник)
- Газлевски (презимето има два корена - едниот се поврзува со изведенка од личното име Газе или Газо; вториот од прекар, дефинирано како „човек со голем задник“)
- Докурчев (од прекарот „докурче“, што значи „оној што носи облека до половиот орган“).


Презимето како форма првпат се појавило во 11 век во Италија и во Франција, па преминало во Англија. Следниот век широко се распространило во Германија, а во 15 и 16 век и во Данска и Шведска.


Во турската администрација не се употребувале презимиња. Скопје во 20. век / Фото: Wikimedia Commons

Кај Македонците почнало да се употребува многу подоцна. Најмногу поради турскиот административен апарат кој не употребувал презимиња. Дополнително поради фактот што нашиот народ најмногу бил во контакт со народи што не знаеле за презимиња, сè до 19 век, кога почнале да навлегуваат европските обичаи.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска/vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема