X
 25.05.2023 Здравје

Повременото „мамење“ во исхраната може негативно да влијае врз мозокот и цревата

Сите може да се согласиме дека добрата исхрана е важна за здравјето. Но, прифатливо е да се јаде нешто нездраво одвреме-навреме, зарем не? Истражување спроведено на Универзитетот во Нов Јужен Велс во Австралија покажува дека таканареченото мамење во исхраната, односно повременото јадење нездрава храна доведува до зголемување на телесната тежина, но и негативно влијае врз работата на мозокот и здравјето на цревата.

Истражувањето било спроведено врз основа на експерименти на стаорци. Стаорците што јаделе здрава храна во поголемиот дел од времето, но повремено јаделе мрсна храна и храна со многу шеќер, покажале знаци на когнитивно оштетување, особено на тестовите за просторна меморија. Освен тоа, тие имале негативни промени во цревните бактерии.

Истражувањето се надоврзува на претходна студија од членови од истиот тим која открила врска помеѓу лошата исхрана и нарушувањето на просторната меморија на долг рок.


Фото: Pixabay

Во новото истражување биле направени експерименти на повеќе групи стаорци. Дел од стаорците ја задржале здравата исхрана во целиот период, дел имале пократки периоди со нездрава исхрана, а дел од стаорците јаделе нездрава храна во подолги периоди. Било заклучено дека дури и кратките периоди со нездрава исхрана доведуваат до негативни промени во цревните бактерии. Ефектот се влошувал со продолжувањето на периодот со нездрава исхрана.

Со текот на времето, когнитивното оштетување, исто така, се влошувало. Стаорците што најдолго јаделе нездрава храна имале најлоши резултати на тестовите за меморија. Истовремено, стаорците што јаделе нездрава храна очекувано ја зголемиле телесната тежина.

Извор: Science alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје