X
 05.01.2021 Живот

Кој е Џулијан Асанж и што направи за САД да бараат негова екстрадиција?

Последнава деценија беше особено долга за Џулијан Асанж, кој во понеделникот избегна екстрадиција во САД. Сепак, неговиот случај не е затворен бидејќи САД може да се жалат на одлуката на судот во Лондон. Додека сите го знаат неговото име, не знаат детали за неговиот живот и причината зошто бега од американскиот суд.

Што е „Викиликс“?

„Викиликс“ била основана во 2006 година како платформа за анонимни „свиркачи“ кои сакаат да споделат тајни информации и податоци. Платформата била основана од Асанж, а таа различно била прифатена низ светот. Многумина сметале дека „Викиликс“ претставува платформа за истражувачко новинарство, додека други сметале дека таа е опасна за националната безбедност.

На платформата биле објавени различни документи, меѓу кои и 400.000 тајни воени документи поврзани со војната во Ирак и уште 90.000 за Авганистан. Во 2010 на платформата било покажано видео од американски војници како од хеликоптер убиваат цивили во Багдад, меѓу кои биле и двајца новинари на „Ројтерс“.


Фото: Wikipedia

Што се случи со Асанж?

Шведските власти поднеле барање за апсење на Асанж во 2010 поради обвиненија за силување и сексуално малтретирање. Подоцна тој бил уапсен во Велика Британија, каде што се наоѓал во тој момент, и чекал пресуда за барање за екстрадиција во Шведска. Две години подоцна тој побарал азил во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што останал во наредните 7 години.

Дотогаш САД отвориле истрага за објавувањето на тајните документи за Ирак и Авганистан и подоцна побарале екстрадиција на Асанж од Велика Британија. Тој е обвинет за шпионажа и хакирање заедно со американскиот „свиркач“ Челси Менинг. Менинг, поранешен аналитичар во американската армија, била осудена на 35 години затвор, но отслужила само 7 бидејќи поранешниот претседател Барак Обама ѝ ја изменил казната. Во март 2019 г. таа била повторно уапсена откако одбила да сведочи против „Викиликс“, но била ослободена по една година.

Во меѓувреме, односите помеѓу Еквадор и Асанж почнале да се изладуваат, а претседателот Ленин Морено ја обвинил амбасадата за повеќе прекршоци. Тоа довело до бркање на Асанж од амбасадата во април 2019 г. Тогаш бил уапсен и чекал пресуда за екстрадицијата во САД до понеделникот.

Шведска ги повлече обвиненијата за силување во ноември 2019 г.


Фото: Wikipedia

Што се случи со екстрадицијата?

По четиринеделно судење, судијката Ванеса Барацер на 4 јануари одлучи дека Асанж не треба да биде екстрадиран во САД поради неговата здравствена состојба. Судијката ги прифати мислењата на лекарите дека Асанж пати од депресивно нарушување и аутизам (иако во неговиот случај станува збор за високофункционален аутист).

Што се случува сега?

Асанж е вратен во затвор и ќе поднесе барање за ослободување, а адвокатите на САД имаат 14 дена да поднесат жалба на одлуката.

Дали ова е победа на слободата на печатот?

Веројатно не. Во својата пресуда судијката Барацер ги поддржала мнозинството аргументи на обвинителството за екстрадиција на Асанж, меѓу кои и изјавата дека тој не може да се потпре на заштитата на слободата на говорот и слободата на печатот во своите барања. Според неа, повеќе негови активности биле надвор од надлежностите на новинарите. Затоа случајот на Асанж целосно зависел од неговото ментално здравје.

Автор: Рејчел Кенеди
Извор: euronews.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот