Според мене, едно од најдобрите нешта на МИТ се луѓето. Интересно е да се види како професори и студенти од разни места во светот доаѓаат тука и комуницираат на еден сосем трет - заеднички јазик и заеднички доаѓаат до идеи кои буквално го менуваат светот, вели Сања
Сигурно се сеќавате на
Сања Симоновиќ, која пред 4 години водеше вистинска борба за да замине на неколку математички светски натпревари и на крајот успеа со донацијата на Мустафа Алиловски.
Третманот на нашите талентирани средношколци, за жал, сѐ уште е непроменет. Тие и денеска едвај одат на натпревари во странство со барање донации за патните трошоци. За среќа, ова не ги спречува да продолжат да работат на себе и да бараат подобар третман, па ако треба и надвор. Таков е барем примерот со Сања, која успеа да добие стипендија за престижниот МИТ, а стана и истражувач-практикант во IBM Research, каде што работи на истражувања поврзани со вештачката интелигенција.
Еве што вели Сања за деновите кога најголем стрес ѝ беше како ќе замине на натпреварување.
- Од денешен аспект можам да кажам дека главно олимпијадите ги паметам како позитивни искуства кои имаа големо влијание врз многу работи што се случуваа потоа во мојот живот. Секако, фактот дека постоеја проблеми со патните трошоци остава црна дамка на нешто што инаку беше прекрасно искуство. Можеби најболен е фактот дека овие проблеми се непотребни и можат да се избегнат. На крајот на краиштата, не е научна фантастика дека математичките олимпијци се репрезентанти на државата исто како и спортските олимпијци и дека и едните и другите имаат оправдана потреба од финансии за патување на олимпијадите. Овој третман особено лошо се одразува врз оние талентирани ученици од социјално загрозени семејства, промовирајќи грешни вредности кои прават овие капацитетни индивидуи да се соочуваат со многу непотребни препреки за да се искачат на социјалната скала и да си помогнат себеси, на своите семејства и, пред сѐ, да станат продуктивни членови на општеството кое на крај секако има финансиска корист доколку ги задржи. Ова креира интелектуално сиромашно општество во кое речиси нема поттик да се иновира и напредува и кое страда од излив на мозоци. И покрај сето ова, јас ги охрабрувам младите талентирани ученици да не се откажуваат и да се трудат да ги остварат своите цели бидејќи без разлика каде и да се и со што и да се соочуваат, знаењето е нешто што никој не може да им го одземе.
Во мај оваа година ќе дипломирате на МИТ, во Кембриџ, Масачусетс, еден од најпрестижните универзитети во светот. Што Ви беше главно поле на интерес за време на студиите...
- Поле на интерес ми беа компјутерските науки, со акцент на машинското учење и вештачката интелигенција. Покрај часовите, голем дел од тоа што го научив за мојата област дојде од истражувачки програми за студенти и работни пракси за време на распустите, кои ги искористував максимално. Работните пракси ми дадоа можност да искусам разни култури и места, како Индија, Мексико, Калифорнија и, секако, тука во Кембриџ. Во текот на секој семестар работев по минимум една работа, често поврзана со студиите, која ми овозможуваше да имам константен приход. Покрај тоа, колку што дозволуваше времето, се вклучував во разни воннаставни активности кои помагаат да се постигне баланс меѓу учењето и забавата и да се стекнат нови пријатели. Сѐ на сѐ, и покрај тоа што имаше и доста тешки моменти кога се чувствував преоптоварено, не би го менувала целокупното искуство за ништо и не можам да се замислам студирајќи на друго место.
Што, според Вас, е најдоброто искуство на МИТ, наставните програми, односот на професорите кон студентите? Кои се предностите на американското образование, но и мааните…
- Програмата на МИТ е таква што ни овозможува да имаме голема флексибилност во однос на тоа што изучуваме. Тоа значи дека можеме да го смениме полето на интерес преку ноќ (буквално). Можеме сами да избереме значителен дел од предметите што ги земаме и имаме доволно време да се премислиме пред да „заглавиме“ со некој предмет. Има многу ресурси за учениците да го научат материјалот и да добијат академска помош. Речиси секој предмет има т.н. асистенти кои имаат определено време и место кога се тука за какви било прашања во врска со материјалот. Системот е поставен така што се стреми учениците навистина да успеат, а не да изгубат. Речиси сите професори што сум ги сретнала се достапни и спремни да им дадат поддршка на студентите. И интересно, не само што се врвни во својата професија во светски рамки, туку се и неверојатно скромни, приземни и карактерно блиски до просечниот студент. Според мене, едно од најдобрите нешта на МИТ се луѓето. Интересно е да се види како професори и студенти од разни места во светот доаѓаат тука и комуницираат на еден сосем трет - заеднички јазик и заеднички доаѓаат до идеи кои буквално го менуваат светот.
Околината е убава, има патеки за прошетка покрај река, паркови, шопинг-центри
Сега малку и за мааните, ако може да се наречат така. Не е ретко студентите на најпрестижните светски универзитети да се соочат со хроничен стрес и други психолошки проблеми како последица на академскиот притисок. Доколку некојпат студентот се соочува со тешкотии по некој предмет и покрај сета поддршка, неизбежно е тој да почувствува дека проблемот е во него и да се соочи со чувства на слаба самодоверба и повлекување. Покрај тоа, земајќи предвид дека сите студенти на МИТ се селективно избрани и се натпросечни во барем една област, не е реткост да се најдеш опкружен со луѓе кои изгледаат стопати попаметни од тебе. Ова често резултира во еден куп студенти што се соочуваат со т.н. „импостор синдром“, мислејќи дека не се доволно добри да бидат тука, нешто што е крајно неточно. Кај нас има изрека дека да се добие знаење од МИТ е исто како да се пие вода од противпожарно црево. Секогаш има толку многу што можеш да правиш и да научиш, така што ако не си добар во нешто, најчесто е поради тоа што си посветен и добар во нешто друго. Во овие моменти битно е да се запомни дека секој е тука со причина, дека секој е добар во нешто и дека сите имаме капацитет да научиме нешто доколку сакаме и му се посветиме.
Секако, сѐ што кажав досега се однесува за МИТ и е само моја перспектива. Што се однесува до американското образование во целина, тешко е да се генерализира бидејќи има многу различни колеџи и секој си има свои карактеристики. Не сум имала шанса да испробам друг колеџ во Америка, ниту пак сум студирала во некој од македонските факултети, така што ќе оставам на тие со лично искуство да продискутираат околу тоа.
Каде престојувате, раскажете ни нешто за студентскиот живот, како изгледа да си студент во Америка?
- Престојувам во еден од повеќето интернати во кампусот, кој е на само 1-2 минути пешачење до повеќето згради каде што имам предавања. Не би било грешно да се каже дека живеам во МИТ. Секој семестар си носи со себе своја рутина, зависно од предметите, работата, други обврски итн. Предавањата сами по себе не одземаат многу време, но домашните задачи и проекти најчесто се предизвик за повеќето студенти и се направени со цел да се решат на колаборативен начин. Повеќето од моите пријатели ги имам сретнато на некои од предавањата или додатни сесии решавајќи проблеми, па сме одлучиле дека е попаметно да „патиме заедно, а не поединечно“. Освен учењето, МИТ има многу ресурси за разонода, а и околината е доста убава, на пример, има патеки за прошетка покрај река, паркови, шопинг-центри итн. Друго нешто што е доста интересно и би сакала да го споменам е дека бројот на студенти Македонци на МИТ моментално можеби е поголем од кога било, вкупно сме четворица и сите сме различна година. Мило ми е да кажам дека се знаеме меѓу себе и доста често се дружиме, понекогаш готвиме заедно, пиеме кафе, дискутираме идеи итн. Мило ми е што МИТ ги отвора вратите за македонските студенти и се надевам дека така ќе продолжи и во иднина.
Студенти Македонци на МИТ (Сања прва од десно)
Овој месец сте на пракса во IBM Research... Како Ви се случи оваа можност и што значи за Вашата кариера?
- МИТ има партнерство со IBM Research, па многу истражувачки групи од МИТ работат заеднички на проекти со вработените во компанијата. Јас работев во една од тие групи на МИТ, и кога излегоа огласи за практиканти во IBM, ја следев стандардната процедура која вклучува интервјуа, каде што верувам моето искуство со истражувачката група беше од клучно значење. Оваа можност значи многу за мојата кариера, не само затоа што IBM Research е врвен истражувачки центар туку и затоа што ова искуство се случува во многу поволно време кога ги имам потребните теоретски основи за да се вклопам во тој свет и сум на прагот да дипломирам и да продолжам со понапредни студии, па влијае врз мојот избор на што поточно ќе се фокусирам и со кого ќе работам на академскиот труд.
Колку време ќе бидете истражувач во IBM, каков е договорот?
- Официјално договорот е за времетраење на зимскиот распуст, кој е доста краток - трае еден месец. Но, сепак, како што споменав, поради тесната соработка меѓу МИТ и IBM и мојата инволвираност во истражувачките групи, приказната не завршува тука.
Ни споменавте дека тука ja истражувавте вештачката интелигенција... Објаснете ни што точно анализиравте?
- Проектот е во рамките на област од вештачката интелигенција наречен „Commonsense Reasoning” или „Machine Common Sense”, значи создавање системи кои имаат интуиција, слично на луѓето. Идејата е дека многу од „интелигентните“ системи функционираат добро на некои предодредени задачи, на пример, класификација на слики или преведување од еден јазик на друг, но сепак не се способни да ги разберат ниту основните закони на физиката, на пример дека цврстите предмети не можат наеднаш да исчезнат, да сменат форма или ненадејно да забрзаат. Систем кој може да ги победи врвните натпреварувачи во шах или играта Go не знае што е чаша и не знае дека ако една чаша е скршена, не би требало да се сипе вода во неа. Сите овие нешта се многу интуитивни за луѓето, а толку тешки за машините. Всушност, ова поле е тесно поврзано со развојната психологија чии истражувачи прават многу експерименти со бебиња на возраст од 0 до 18 месеци и согледуваат кога и на кој начин бебињата покажуваат знаци на интуиција. Доколку направите некој трик пред неколкумесечно бебе, на пример, ако направите некој објект да изгледа како да исчезнал, ќе забележите дека бебето ќе гледа подолго на местото каде што се случил трикот. Ова е знак на интуиција. Областа на Machine Common Sense пробува да направи систем кој ќе поседува разбирање за овие основни принципи за физичкиот свет.
Во фокусот на Вашата наука најмногу е вештачката интелигенција. Што ќе ни донесе таа во иднина, какви се предвидувањата, што Вие лично очекувате?
- Вештачката интелигенција е обемна и многу популарна област во денешно време и многу институции инвестираат за нејзино унапредување. Во последните години има многу нови откритија и начини да се постигнат одредени функции. Неколку компании активно работат на автономни возила и веќе имаат функционални прототипи. Постојните системи се унапредуваат и константно има интерес за нови примени на вештачката интелигенција. Генерално, ова е многу атрактивно поле и има големи планови за иднината. Според мене, важно е бенефитите од вештачката интелигенција да станат достапни не само во развиените земји, туку секаде каде што би биле корисни. Тоа, пред сѐ, значи дека едукативните институции, особено факултетите и истражувачките центри во развојните земји, треба континуирано да ги приспособуваат своите програми за да ги земат предвид новите откритија во ова поле кое постојано еволуира.
Секој е тука со причина
Сепак, вреди да се спомене дека овие навидум интелигентни системи имаат многу недостатоци, од кои дел е токму недостигот на интуиција. Не би сакале да имаме автомобил на улица кој не ќе може да се приспособи на динамичниот свет, на начин на кој просечен возач би можел. Секако тука се поставуваат и тон етички прашања, за кои може да се дебатира со денови. Но доколку се успее да се направат робусни автономни возила, се предвидува дека значително ќе се намалат сообраќајните несреќи кои денес настануваат од човечки фактори. Секако, ова е идеално сценарио и сè уште не сме таму, но јас верувам дека има надеж и многу место за напредок во многубројните области од вештачката интелигенција и мило ми е што имам можност да сум на право место и во право време за да сведочам за овие напредоци.
Какви се плановите за иднина, дали ќе останете во Америка?
- Примена сум на постдипломски мастер-студии во времетраење од една година, повторно на МИТ. Планот засега е да ја искористам оваа можност за понатамошно академско унапредување, пред да станам дел од работната сила. Во иднина би сакала да бидам дел од институција која ќе може да ги задоволи мојата љубопитност и желба за напредок и каде што ќе се чувствувам дека правам разлика. Доколку тоа го најдам во одредено општество во кое можам да се вклопам, не би ми сметало да пробам, па да донесам заклучоци врз таа основа. Краткиот одговор би бил „најбитно здравје, а потоа ќе видиме“.