X
 05.03.2020 Живот

Пет илјади коали загинале во пожарите во Нов Јужен Велс - сѐ повеќе повици да се прогласат за загрозени

Голема е веројатноста околу 5.000 коали во Нов Јужен Велс да загинале во пожарите што изминатите неколку месеци ја зафатија Австралија и нивниот број е можно да се намалил за дури и до две третини за помалку од 20 години, се наведува во нов извештај.

Групите за заштита сакаат властите во Австралија вонредно да ги прогласат коалите за загрозени.

Извештајот, овластен од глобалната група за заштита, Меѓународен фонд за благосостојба на животните, разгледува како пожарите во седум региони во Австралија влијаеле врз коалите чиј број веќе опаѓа поради уништување на хабитатот, климатските промени и сушата.

Стивен Филипс, истражувачки научник и еколог за коали во „Биолинк“, кој го направи извештајот, вели дека тоа го сториле со конзервативен пристап.

- Но, сè уште мислиме дека сме загубиле две од три коали во Нов Јужен Велс. Тоа е огромна загуба во однос на критериуми за заштита и речиси итно ги исполнува условите за ставање на листата на загрозени животни - вели тој.

За изработка на студијата бил разгледан падот на популациите на коала во три генерации - околу 18 години - и бил вклучен ефектот на пожарите од 1 октомври 2019 до 10 јануари 2020 година. Се проценило дека загубите се меѓу 29 и 67 отсто, а ќе се направат и дополнителни анализи за пожарите до 10 февруари.

Во студијата се испитуваат и претходните процени на популации на коали. Било утврдено дока во 2012 година во Нов Јужен Велс имало 54.284 коали. Пред пожарите, бројот на три генерации на коали опаднал за околу 20 отсто.

Коалите се осетливи на големи влијанија како пожари бидејќи се размножуваат релативно бавно и секоја женка може да роди само максимум едно малечко секоја година.

Филипс вели дека оваа стапка на репродукција зависи од соодветни резерви на храна и немањето други пречки. Тој додаде дека извештаите за климатските промени посочуваат дека условите ќе станат полоши за коалите, со акцент на евкалиптусот, на кој тие се потпираат за храна, како и зголемените ризици од пожари.

- Ситуацијата нема да се подобри. Ќе се влоши. За коалите заканата од исчезнување во Нов Јужен Велс станува поголема бидејќи тие нема да можат да го зголемат нивниот број пред следниот пожар - предупредува Филипс.

Во вторникот Меѓународниот фонд за благосостојба на животните упати повик до комитетот за загрозени животни во Нов Јужен Велс и министерот за животна средина коалите вонредно да бидат заведени на листата со загрозени животни. Вонредното заведување може да трае две години додека не се направат понатамошни процени.

Извор: Guardian
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот