X
 05.04.2018 Здравје

Еве како да ја победите пролетната премаленост

Пролетниот замор, често проследен со пролетната депресија, не е ретка појава. На телото му е потребно време да се приспособи на промената на годишните времиња, повисоките температури, а сето тоа со поголема потрошувачка на енергија. И кога организмот нема да успее да се приспособи на овие промени, ние стануваме уморни, незаинтересирани, раздразливи и крајно неефикасни. И додека се обидувате да се ставите во ред, обврските само се трупаат и работата се зголемува.

Решението постои и иако никој не сака да го слушне, сè започнува од правилната исхрана и физичката активност.

- Штом се појави пролетниот замор, треба да се промени и менито. Треба да се намали мрсната и зачинета храна и да се стави акцент на што е можно повеќе овошје и зеленчук. Започнете го денот со чаша вода, а потоа испијте уште една, но во неа ставете многу лимон и мед - советува д-р Петар Боровиќ, лекар-специјалист.

Чувствата на замор, раздразливост и нервоза се карактеристични за овој период. Премаленоста и лошиот сон се резултат и на слободните радикали. Нив, според Боровиќ, можеме да ги компензираме со антиоксиданси (витамин Ц, цинк, селен) и во деновите со големи разлики во температурата треба да се јаде овошје и свежа салата. Се разбира, сето ова придружено со вежбање.

- Кога луѓето би вовеле вежби пред спиење и наутро, кога би имале ритам на пиење вода пред секој оброк, значително би се подигнал нивниот имунитет и би биле попродуктивни. Вака, ефектот на работата се намалува за 20, 30, па дури и 40 проценти, бидејќи „се влечеме“... Пиеме кафе, кое го зголемува нивото на хормоните на стресот, го убива витаминот Б, кој е потребен за продуктивност - вели лекарот.

Друга причина за помала продуктивност и општа премаленост во овој период се сè почестите осцилации на воздушниот притисок и огромните температурни разлики.

- Наглите температурни промени тешко му паѓаат на организмот бидејќи е потребно време да се подготви за нив. Во деновите кога температурата е ниска, терморегулаторниот центар на мозокот „издава наредба“ за забрзување на организмот. Меѓутоа, во случај на ненадејни осцилации, на пример, кога температурата нагло се зголемува, на организмот му треба време да го прифати тоа - објаснува Боровиќ.

Таквите атмосферски феномени доведуваат до помал внес на кислород, а недостигот од него се чувствува и на нашето работно место. Нивото на концентрација е многу ниско, на нашето тело постојано му се спие. Ова е особено присутно во поголемите градови каде што и онака недостига кислород, луѓето се забавени, не им се работи, не се ефикасни, а рефлексите доцнат.

Како да се намали нивото на стрес за организмот

Најважно е да сфатите дека пролетниот замор е само минлива фаза, но морате да му дозволите на телото да се приспособи, нема брзање.

Обидете се да температурата во просторијата каде што работите секогаш да биде приближно иста. Воспоставете дневни и неделни рутини, така што телото да има распоред на обврски. Не форсирајте се. Полека поместете ги границите и задачите што ги поставувате пред себе. Секоја ненадејна промена и дополнително оптоварување ќе предизвикаат нов стрес кој можеби ќе го издржите неколку дена, но не подолг временски период.

Слушајте го вашето тело, а и вашите потреби. Направете пауза од работа и најдете време за некои пријатни активности.

Како да се зголеми енергијата

Пијте доволно вода. Го чисти телото од токсини и го активира телото, а заморот се јавува како еден од првите знаци на дехидрација. Ова е наједноставниот и најефективен начин да се зголеми енергијата.

Земајте мали количества свежа храна, барем еднаш на ден некое овошје и зеленчук.

Кислород - не заборавајте да дишете длабоко. Застанете и барем трипати дневно длабоко вдишувајте.

Вежбајте и бидете надвор. Дури и 15 минути на сонце ќе му дадат на вашето тело доволно витамин Д за тој ден. Со вежбање ќе го подигнете нивото на енергија, а ако немате време да одите во вежбалница, тогаш барем истегнете се.

Понекогаш туширајте се со ладна вода.

Спијте што е можно повеќе.

Обидете се да воспоставите ментален баланс. Медитацијата или некои вежби за релаксација не се толку лоша идеја.. Нема да ви одземат повеќе од десет минути дневно.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје