X
 09.09.2019 Живот

Зошто се вооружува земјата што не војувала 205 години?

Пред неколку недели Шведска одбележа 205 години од потпишувањето на последниот мировен договор, што значи дека повеќе од два века не била во војна. Иако своите последни бранители и воени ветерани ги погребала уште кон крајот на 19 век, Шведска не ги занемарила своите вооружени сили. Во текот на последните децении одделувањето за одбраната е во постојан пад, но пред неколку дена владата предводена од социјалдемократите најави сеопфатно и зголемено вложување во одбраната.

Некои политичари изјавија дека станува збор за историско зголемување на буџетот за одбрана, а бројките покажуваат дека е навистина така. Шведска за својата одбрана пред 40 години издвојувала 3,1 отсто од бруто-домашниот производ, а минатата година бројката опаднала на 1 отсто. Затоа одбранбениот буџет од годинашните 52 милијарди круни (околу 5 милијарди евра) до 2025 година ќе се зголеми на 84 милијарди круни и ќе стаса до 1,5 отсто од БДП. Секоја година од 2021 година издвојувањето за војската ќе се зголемува за дополнителни пет милијарди круни.

Набавува 60-ина нови авиони

Конкретните планови сѐ уште не се изнесени во јавност, но веројатно е дека ќе се вложува во сите видови вооружени сили, а најмногу во копнената војска. Вкупниот број на вработени во вооружените сили, вклучително и цивилите, би требало од денешните 60.000 да се зголеми на 90.000 до 2025 година. Копнената војска би требало да построи четири нови бригади, но ќе профитираат и останатите. Медиумите шпекулираат дека вооружените сили, освен набавката на 60 нови авиони „грипен Е“, ќе задржат и ќе модернизираат 95 постари модели на „грипен“. Се планира и модернизација на две стари и изградба на уште две нови подморници и обнова на радарскиот систем.

Страв од Русија

И тука се наметнува прашањето зошто земјата која повеќе од два века успева да ја одржи неутралноста и да избегне воени удари, граѓански војни и политичко насилство, одлучи толку нагло и значајно да ги зголеми трошоците за одбраната, односно за и така добро обучените и модерно опремени вооружени сили? Притоа, Шведска е во добри односи со сите скандинавски и балтички соседи. Одговорот е во веќе традиционалната загриженост, би можело да се каже и страв од моќната Русија.

- Руското однесување сѐ повеќе е советско и на тоа мора да се приспособи и Шведска. Со поголема војска и понапредна територијална одбрана ние ќе бидеме поподготвени и поотпорни, што може да влијае врз тоа да не дојде до војна - објаснува Алан Видман, парламентарец од редовите на шведските либерали, кои ја поддржуваат владата.

Во Балтичкото Море има десетици инциденти годишно во кои доаѓа до блиски средби меѓу шведските и руските воени авиони, до влез на руските авиони во шведскиот воздушен простор и до појава на „неидентификувани“ подморници во шведските територијални води.

Сѐ уште не е членка на НАТО

Во свет во кој доминираат трговската војна меѓу САД и Кина, Брегзит и постепениот пад на американскиот интерес за улога на меѓународен полицаец, Шведска проценила дека не е лошо да ги зајакне вооружените сили. Наспроти постојаното залагање на граѓанските партии од десниот центар, Шведска сѐ уште не е членка на НАТО, па од таа страна начелно не може да очекува помош. А од сите земји што имаат излез на Балтичкото Море, Шведска моментално за одбрана издвојува најмал процент од БДП. Но, со оглед на членството во ЕУ, сепак не е сосема без сојузник.

Кога се зборува за трендовите во шведската безбедносна политика, треба да се спомене и повторното воведување на задолжителното служење воен рок, нешто што беше укинато во 2010 година. Иако секоја година околу 95.000 18-годишници задолжително мора да се јават кај воените власти, всушност, темелната обука годишно ја минуваат само околу 5.000 од нив, што сепак е доволно за редовна обнова на вооружените сили и за одржување на борбената подготвеност.

Парите ќе се набават од нови даноци за банките

Добро организираните држави како Шведска не би се впуштиле во креирање и јавно изнесување на стратешки планови ако немаат јасна финансиска конструкција. Со оглед на тоа дека финансирањето на вооружените сили на штета на животниот стандард на граѓаните не доаѓа предвид, владата одлучила да побара пари онаму каде што и најмногу има - во банките. Министрите за одбрана и за финансии најавија дека најмалку една четвртина од потребните пари ќе се добијат од новите даноци за банките.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот