X
 05.06.2018 Живот

Студиите на еден Американец во Северна Кореја: живеел во луксузен хотел, а студирал во мрак

Американски студент во Северна Кореја? Да, можно е. Тревис Џепесен, новинар и авантурист, во 2016 година поминал еден месец на факултет во Пјонгјанг и подоцна во една книга одлучил да го опише своето необично, фантастично, но и застрашувачко искуство.

Џепесен студирал корејски јазик, но неговиот живот на странски универзитет бил прилично поинаков од животот на обичните студенти на размена. Живеел во луксузен, но празен хотел и со него постојано имало двајца чувари кои внимавале Американецот да не види нешто што не смее.

Но, тој не бил единствениот странски студент, имало и еден Французин и еден Австралиец. Австралиецот му бил цимер во собата на 28. кат од хотелот „Сосан“.

- Бевме единствените гости на целиот кат. Во собата имавме два големи кревети, модерен мебел, огромен ормар и балкон со неверојатен поглед на цел Пјонгјанг - напишал Џепесен во книгата „Се гледаме во Пјонгјанг“.

Единствените луѓе со кои се дружел Американецот во хотелот биле бизнисмените што доаѓале повремено, но и тие го предупредувале што помалку да зборува за политичката ситуација и напнатоста меѓу САД и Северна Кореја.

Интересно е што студентот секое утро имал будење во пет часот бидејќи во градот одекнувала песната „Каде си, драги генерале?“, посветена на Ким Ил-сунг.

- Нешто најбизарно што сум го доживеал. Како во филмовите. Тие сцени се потсетник дека драгиот лидер е со тебе каде и да одиш, во секој момент - истакнува Џепесен.

Тој одел на предавања по два часа секој работен ден. Во текот на викендите тој подучувал, пишувал задачи или одел на екскурзии. Што се однесува до колеџот, Џепесен бил шокиран.

- Главно немаше електрична енергија, ходниците беа во целосна темница. Исто така, ги избегнував тоалетите бидејќи нешто не беше во ред со цевките. Ужас! Тоа беше потсетник дека бев во сиромашна земја од третиот свет - вели тој.

Исто така, забележал дека речиси секое домаќинство во Пјонгјанг имало свој шпион. Тие гледале што се случува во нивната област и ги известувале властите на крајот од секој месец.

- Таа работа претежно ја работат неупадливи средовечни луѓе. Вистинскиот шпион има очи за секој детаљ, точно знае колку лажици и виљушки има едно семејство, со кого се дружи, за што зборува... Сепак, повеќето од овие шпиони се поткупливи и може да се договорите со нив - раскажува Џепесен.


Фото: Jutarnji

Сепак, тој признава дека во Северна Кореја може да видат некои промени со Ким Јонг-ун. Луѓето на улица се облекуваат полежерно, често може да се видат и фармерки, а Американецот тврди дека пред две години најголема мода кај жените била комбинација од чорапи и високи потпетици.

Како најбизарно искуство во Северна Кореја, Џепесен го опишува неговото заминување од зоолошката градина. Иако се рекламира како место каде што има 6.500 животни и 650 различни видови, американскиот студент вели дека таму видел само кучиња и мачки.

- Кај нив тие не се сметаат за домашни миленици. Тоа не е дел од нивната култура. Тие се сиромашна земја, едвај ги хранат децата, па како можат да хранат и куче - вели Американецот.

Сепак, кучињата и мачките во кафезите не биле единственото изненадување за Џепесен во зоолошката градина.

- Видов двајца полицајци кои насилно одведоа постара дама што продаваше сладолед. Гледав каде ја водат, но брзо ги изгубив од вид. Искрено, мислам дека приказната не заврши добро - додава Џепесен.

Кога станува збор за домашните забави, Џепесен не знае што да каже. Секојпат кога го вклучувал телевизорот на екранот имало исти сцени - Ким Јонг-ун и дневни посети на војската, универзитети, болници ... Меѓутоа, кога бил дома кај еден владин претставник, Американецот бил прилично изненаден од неговиот избор на вечерна забава.

- Извади пиратско дивиди и одеднаш ја гледавме „Зоотопија“ - вели Џепесен.

На крајот, Американецот открива дека најмногу го нервирало тоа што постојано го следеле.

- Психолошки, тоа е многу стресно. Имаше моменти кога бев сам, а сепак се чувствував страшно зашто се навикнав да ме следат во чекор. И на улиците ми беше непријатно, сите гледаат во тебе како да си некое светско чудо. Едноставно, луѓето таму не се навикнати да видат белец да шета низ Пјонгјанг - објаснува Американецот.

На крајот на приказната тој ја доби дипломата што го сакаше, а од Корејците доби понуда да се врати и да одработи уште две недели предавања. Сепак, по смртта на еден американски студент, Американците им забранија на своите граѓани да патуваат во земјата на Ким Јонг-ун.
Подготвил: Билјана Арсовска

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот