Но, што ќе ја напојува сета таа поврзана електронска технологија? Тоа е прашањето со кое се занимаваат во „Towards Zero-Power Electronics“, иницијатива во „Fraunhofer-Gesellschaft“, најголемата европска институција за применети истражувања.
„Начинот на кој се занимаваме со прашањето за електронското напојување на ’интернетот на нештата‘ мора да се промени“, вели Ерик Јанг од овој институт во Берлин.
Терминот „нула напојување/струја“ ја илустрира насоката во која се движи неговото истражување, иако крајната цел е многу далеку. Вистинскиот начин е фокусот да биде на електрониката што троши најмалку, со цел да се поправи сликата за енергетската ефикасност.
„Кога и да треба електрониката да ви изџвака некои податоци или некаде да ги испрати, ќе ’изеде‘ одредена количина енергија. Од тоа нема бегање, но можеме да работиме на случајот сето тоа да го прави со најмал можен влог на енергија“, вели Јанг.
„US National Science Foundation“ вели дека „интернетот на нештата“ до 2020 година ќе биде сочинет од трилиони сензори. За некои од тие сензори, поврзани на машина со свој сопствен извор на енергија, напојувањето нема да биде проблем, пишува „
Фајненшел тајмс“.
Таму каде што ќе се користат безжични сензори, се наметнува прашањето за јачината на батеријата и трошоците за одржување.
Дел од истражувањата во „Fraunhofer“ се насочуваат на развој на технологии што ќе ја „будат“ технологијата само кога ќе треба да обработи некоја наредба или задача.
Кога се користат во апликации преполни со сензори, овие „будилници“ ќе значат дека системот ќе биде трипати поефикасен. Уште една работа на која работат е развој на батерија на чипот. Се користи нанотехнологија за да се направат мали вдлабнатини на полуспроводници или микроконтролери, кои можат да носат електролит или електричен кондензатор со што би се напојувала таа компонента.
Трето поле на интерес на „Fraunhofer“ и на многубројни организации е складирањето на енергијата добиена од околината, додека во електронските системи се инкорпорирани елементи што генерираат енергија. Тоа може да вклучува соларни ќелии, пиезоелектрични елементи и термоелектрични елементи со чија помош сончевата енергија, вибрациите и топлината ќе се претворат во напојување.
Идејата е со складирањето на енергијата да им се продолжи трајноста на батериите, или дури да се отстрани потребата за батерии. Проблемот е што количината енергија што се собира од околината силно варира ако температурите паднат или ако сонцето не свети како вообичаено и „интернетот на нештата“ не може да собере и да пренесе доволно податоци.
Таквите системи наскоро може да бидат видливи и во секојдневните предмети. Во Велика Британија, од „Drayson Technologies“ развиле „Freevolt“, систем што собира енергија (радиофреквенција – RF) што ја создаваат мобилните уреди и Wi-Fi трансмисија.
Во „Drayson“ оваа технологија првенствено ја користеле за набљудување на степенот на загадување преку технологијата „Cleanspace tags“, а сега целта е да ја вгради во кредитни картички.
„Паметните картички стануваат сè побезбедни, но како и многу други технологии, им треба уште енергија за да го достигнат нивото на безбедност и приватност што го бара пазарот“, вели основачот на компанијата, Лорд Дрејсон, некогашен министер за наука на лабуристичката влада.
Кредитната картичка опремена со технологијата „Freevolt“ „фаќа“ RF енергија кога ќе се доближи до читачи за картички или паметни телефони, а таа енергија ја користи за да ги напои сите можни функции за безбедност. И научниците од Универзитетот во Вашингтон демонстрирале телефон без батерија, што работи така што собира енергија или радиосигнали или светлина.
„Ако сакаме да постигнеме да се користи само фракција на енергијата што се троши денес, мораме сериозно да размислиме за тоа како се дизајнираат телефоните и сите други уреди“, вели Шајам Голакота, професор по компјутерско инженерство од Школата за компјутерски науки и инженерство „Пол Џ. Ален“.