05.06.2023
Живот
Отсега родителите ќе можат да поднесат електронско барање за упис на новороденчето
Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, заедно со министерот за здравство Фатмир Меџити, генералниот директор на Управата за водење на матичните книги, Емир Сулејмани, и директорот на Гинекологија, д-р Башким Исмаили, ја промовираа новата онлајн услуга: електронска регистрација на новороденче.
– Задоволство ми е што денеска сме во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир за промовирање на најновата онлајн услуга за граѓаните: електронски упис на новороденчето за издавање извод од матична книга на родените. Преку новата услуга родителите имаат можност да поднесат електронско барање за упис на нивното новороденче, без потреба за одење до шалтерите на УВМК. Аплицирањето преку услугата “eID” од порталот www.uslugi.gov.mk ќе овозможи поднесување на барање за овој извод, лесно и без доцнење – рече министерот Алиу.
Според него, дигитализацијата е единствениот начин да се промени животот на граѓаните. Тој посочи дека до крајот на годината ќе се промовираат повеќе од 150 нови онлајн услуги на националниот портал за е-Услуги.