X
 05.06.2026 Живот

Откажувањето на цигарите го намалува ризикот од деменција, но под еден услов

Ново истражување покажува дека откажувањето од пушење во подоцнежната животна доба е поврзано со 16 проценти помал ризик од развој на деменција. Сепак, се чини дека постои важен услов. Анализата на здравствените податоци собирани со децении во Соединетите Држави покажа дека поранешните пушачи имале сличен ризик од деменција како и лицата што никогаш не пушеле, но таа придобивка главно била забележана кај оние што по откажувањето не се здебелиле, пишува „Сајенс алерт“.

Улогата на телесната тежина

Придобивките за мозокот главно се забележани кај учесниците што не се здебелиле или се здебелиле помалку од 5 килограми во рок од две години по откажувањето од пушење. Доколку поранешен пушач се здебелел повеќе од 10 килограми, поврзаноста помеѓу откажувањето од пушење и помалиот ризик од деменција повеќе не се покажувала како статистички значајна. Тоа, се разбира, не е причина за продолжување со пушењето, кое носи многу други здравствени ризици. Наместо тоа, студијата посочува дека по откажувањето од пушење лицата треба да внимаваат на одржувањето на телесната тежина.

-Луѓето често се грижат за тоа што ќе се случи откако ќе престанат со пушењето, вклучувајќи го и зголемувањето на телесната тежина и поврзаните метаболички промени. Нашето истражување покажува дека откажувањето од пушење и понатаму е поврзано со подобро здравје на мозокот, но одржувањето на телесната тежина може да помогне во зачувувањето на тие придобивки - изјави водечкиот истражувач Хуи Чен од Медицинскиот факултет на Универзитетот Жеџијанг во Кина.

Пушењето како ризик-фактор 

Студиите како оваа не можат да докажат причинско-последична врска, па затоа резултатите треба да се толкуваат со претпазливост. Сепак, пушењето цигари се смета за еден од водечките ризик-фактори за деменција. Некои процени се дека оваа навика може да ја зголеми веројатноста за развој на деменција за 30 до 50 проценти. Сепак, дебелината и дијабетесот тип 2, исто така, се поврзани со ризикот од деменција, а зголемувањето на телесната тежина е честа појава по откажувањето од пушење.

Повеќето луѓе добиваат помалку од 5 килограми во годините по откажувањето од пушење, но меѓу 10 и 20 проценти од поранешните пушачи се здебелуваат повеќе од 10 килограми. Останува нејасно како меѓусебниот однос на придобивките од откажувањето од пушење и негативните ефекти од зголемувањето на телесната тежина влијае врз вкупниот ризик од деменција.

Детали и резултати од истражувањето


Неодамнешното истражување на Чен и неговите колеги, објавено во списанието „Неуролоџи“, ги анализираше здравствените податоци на повеќе од 32.000 пензионери во САД без деменција, на просечна возраст од околу 60 години.

На секои две години учесниците известувале за својот статус во однос на пушењето и нивната телесна тежина. За време на 25-годишното следење биле забележани речиси 6.000 случаи на деменција.

Во споредба со тогашните моментални пушачи, оние што престанале да пушат во текот на студијата имале 16 проценти помал ризик од деменција. Лицата што никогаш не пушеле имале 25 проценти помал ризик во споредба со моменталните пушачи. Тестовите за когнитивните функции откриле побавен когнитивен пад кај поранешните пушачи, особено кај оние со помало зголемување на телесната тежина.

Оние што престанале да пушат и не се здебелиле значително имале приближно 20 проценти побавно темпо на когнитивен пад во споредба со активните пушачи. Тоа не било нагла промена, туку постепена, колку подолго некое лице било непушач, толку биле поголеми придобивките за когнитивното здравје.

Порака за поранешните пушачи


Наодите посочуваат дека зголемувањето на телесната тежина може да поништи дел од когнитивните придобивки од откажувањето од пушење. Авторите на студијата тврдат дека јавно-здравствените пораки за пушењето треба да го нагласат и овој факт, со цел луѓето кои се обидуваат да престанат истовремено да преземат чекори за контрола на телесната тежина.

- Нашите резултати покажуваат дека откажувањето од пушење може да помогне во зачувувањето на здравјето на мозокот на подолг рок, но ја истакнуваат и важноста на она што се случува по откажувањето - вели Чен.

Извор: index
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот