X
 25.05.2023 Живот

Португалија сака да го забрани пушењето цигари на отворено

Владата на Португалија претставила амандман на закон со кој забраната за пушење ќе се прошири и на отворено, како покриените тераси. Амандманот предвидува и ограничена продажба на цигари.

- Со овој амандман почнуваме да ги заштитуваме возрасните во иднината - изјавил министерот за здравство на Португалија, Мануел Пизаро.

Доколку парламентот го усвои амандманот, ќе се забрани пушењето во близина на јавни згради, како училишта, универзитети, болници, спортски сали, ресторани на отворено, барови и кафулиња. Забраната би почнала да се применува од 23 октомври. Рестораните и клубовите што имаат одвоени делови за пушење со соодветна изолација ќе може да ги задржат истите до 2030 година.

Од 2025 година само лиценцираните продавници и продавниците на аеродромите ќе може да продаваат цигари и други производи со тутун. Ќе биде забранета и продажбата на производи со тутун со разни вкусови.

Во моментов една кутија цигари чини околу 5 евра во Португалија и е една од најниските цени во Западна Европа. Критичарите велат дека Владата треба да го зголеми данокот на тутун наместо да ги воведува забраните за пушење, но Пизаро изјавил дека зголемената цена само ќе ја охрабри нелегалната продажба.

Извор: World economic forum
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот