X
 13.05.2022 Живот

Деменција, симптоми и видови

Деменцијата претставува сериозна загуба на способноста за осознавање на една претходно здрава личност, покрај она што може да се очекува од нормалното стареење. Деменцијата може да биде статична, да се појави како резултат на повреда на мозокот, или прогресивна, која резултира од долготрајно влошување на здравствената состојба предизвикана од болест или повреда на телото. Иако деменцијата е многу популарна помеѓу геријатриските личности (личностите во длабока старост), може да се појави и пред 65-тата година и во тој случај се нарекува „почетна фаза на деменција“.

Деменцијата не е единечна болест, туку претставува неспецифичен синдром (т.е. збир на знаци и симптоми) во кој оштетени делови од осознавањето може да бидат меморијата, вниманието, јазикот и решавањето проблеми.

Особено во подоцнежната етапа од болеста, лицата кои боледуваат од деменција може да бидат дезориентирани во времето (да не знаат кој ден од неделата е, ден од месецот или дури која година е), во местото (да не знаат каде се наоѓаат) и во личноста (да не знаат ништо за себе или за луѓето околу нив). Иако понекогаш може да се подобри до одреден степен, причинителите на деменција се прогресивни и неизлечливи.

Постојат повеќе видови (причини) деменција, кои се манифестираат преку најразлични симптоми. Сепак, симптомите се толку слични што не е можно да се определи видот на деменција само преку симптоматологијата и само во мал број случаи симптомите се доволни за да се процени за кој одреден вид станува збор. Едни од најчестите видови деменција се: Алцхајмерова болест, васкуларна деменција, деменција на предниот дел од слепоочницата, семантичка деменција и деменција со Луи тела. Се случува и еден пациент да покажува знаци на два или повеќе вида деменција во исто време, бидејќи ниту еден од познатите видови деменција не отскокнува од другите.

Деменцијата не претставува проблем поврзан само со меморијата. Таа, исто така, ја намалува способноста за учење, размислување, задржување на сеќавање или потсетување на некое искуство од минатото, како и промена на начинот на размислување, чувствување и работење. Други ментални и проблеми со однесувањето многу често се одразуваат врз луѓето кои патат од деменција и може да влијаат врз квалитетот на животот, негувателите и институционализацијата. Како што се влошува состојбата на деменција, така некои поединци може да се запостават себеси и да се повлечат во себе и да не можат да се контролираат при вршењето на физиолошките потреби.

Депресијата влијае кај 20-30% од луѓето заболени со деменција и околу 20% имаат нервна растроеност. Психозата (многу често и халуцинации и манија) и вознемиреноста/агресијата често се составен дел од психозата. Секој од овие делови мора да биде проценет и да се лекува независно од деменцијата.

Најразлични видови мозочни повреди може да предизвикаат постојано когнитивно нарушување. Ударите (исхемички или интрацеребрални удари, субарахноидално, субдурално или епидурално крвавење) или инфекции (менингитис и/или енцефалитис (воспаление на мозокот) кои го напаѓаат мозокот, долготрајните епилептични напади и акутен хидроцефалус можат исто така да остават долготрајни последици врз осознавањето. Претерано консумирање алкохол може да предизвика алкохолна деменција, а некои други рекреативни дроги може да предизвикаат трајна деменција; кога еднаш ќе се прекине со консумирање, когнитивното нарушување преминува во постојано, но не напредува.

Деменцијата која постепено почнува да се развива и потоа со текот на годините се влошува најчесто се појавува како резултат на невродегенеративна болест; тоа всушност е болест која ги напаѓа само или главно невроните на мозокот и предизвикува мозочните клетки да забават со работа. Поретко се случува некоја недегенеративна состојба да има второстепено влијание врз мозочните клетки, која може, но и не мора да се повторува ако се земаат соодветни лекови.

Причините за појава на деменција зависат од тоа на која година започнуваат симптомите. Кај постарата популација (најчесто кај луѓето над 65 години), поголем дел од случаите на деменција се предизвикани од Алцхајмеровата болест, васкуларната деменција или пак и од двете. Деменцијата со Луи тела е исто така многу чест причинител, а може да се појави заедно или, пак, со една од горенаведените болести. Хипотироидизмот понекогаш предизвикува когнитивно нарушување кое полека напредува и тоа претставува главен синдром и истиот може да се излекува доколку соодветно се лекува. Нормалниот хидроцефален притисок, иако е релативно ретка појава, многу е важно навремено да се открие бидејќи со соодветно лекување може да се спречи неговиот развој и да ја подобри состојбата на другите симптоми. Сепак, необично е да се појави когнитивно нарушување.



Деменцијата многу ретко се појавува пред 65-тата година. Најчеста причина за нејзина појава е Алцхајмеровата болест, но некои наследни форми од болеста доведуваат истата да се појави и пред 65-тата година.

Кај средовечните луѓе (40-50 години) кои имале нормално ниво на интелигенција, многу ретко може да се појави деменција. Најголем дел од когнитивното нарушување во оваа годишна граница се појавува како резултат на психичка растроеност, консумирање алкохол или некој вид дрога или, пак, од метаболичка растроеност.

Значаен процент од пациентите што се жалат дека имаат проблеми со меморијата или други когнитивни симптоми страдаат од депресија, а не од невродегенеративна болест. Често се појавуваат недостиг на витамини и хронични инфекции; тие најчесто предизвикуваат други симптоми пред да се појави деменцијата, најчесто имитативна дегенеративна деменција. Овде спаѓаат и недостигот на витамин Б12, фолна киселина или ниацин и инфективни причинители како криптококен менингитис, ХИВ, борелиоза, прогресивна мултифокална леукоенцефалопатија, субакутен склерозирачки паненцефалитис, сифилис и Випловата болест.

Постојат повеќе невролошки болести во кои деменцијата се појавува само во подоцнежната фаза од болеста или како еден мал дел од неа. На пример, кај дел од пациенти со Паркинсонова болест, како придружна болест се појавува и деменцијата. Исто така, хроничните воспаленија на мозокот може да го нападнат и центарот за осознавање на подолг временски период, а тоа се мултипла склероза, саркоидоза, Сјогрен синдром и системски еритематозен лупус.

Од појавата на првите видливи симптоми мора да поминат барем шест месеци за да може да се даде дијагноза за деменција или органски мозочен синдром.
Постојат кратки тестови (5-15 минути) кои може да се земат за веродостојни за да се тестира когнитивниот статус. Примери за вакви тестови се скратениот мозочен тест, мини-тест за менталната состојба, модифицираното истражување на мини-менталната состојба и тестот со цртеж со часовник.
Друг пристап кон тестирањето за деменција е да се замоли пациентот да пополни прашалник за неговото секојдневно когнитивно функционирање. Со ваквиот прашалник се обезбедуваат дополнителни информации кои доаѓаат во прилог на краткиот когнитивен тест.
За поставување дијагноза на деменција се прават и лабораториски анализи со цел да се елиминираат причинителите на разни болести кои можат да се излекуваат.

Од невроимеџинг-техниките најчесто се користат компјутерската томографија и нуклеарната магнетна резонанса. Сепак, овие методи немаат оптимална прецизност за големите метаболички промени поврзани со деменцијата кај пациент кој не покажува големи невролошки проблеми (како парализа или изнемоштеност) на невролошко тестирање. Компјутерската томографија и магнетната резонанса може да укажат на нормален хидроцефален притисок, потенцијално реверзибилна причина за појава на деменција и може да дадат информации од голема важност за другите видови деменција, на пример, инфарктот, како вид васкуларна деменција.

Во однос на лекувањето, не постојат лекови кои можат да ја излекуваат деменцијата, но има лекови кои можат одреден период да го забават текот на болеста.
За таа цел се користат ацетилхолинестеразни инхибитори (донепезил, галантамин, римастагмин) и блокатори на н-метил-д-аспартат рецептори (мемантин).

Автор: д-р Васко Даниловски, специјалист невролог, Општа Болница- Кичево

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот