X
 05.07.2021 Наука

Клетките на ракот се јадат за да преживеат, покажува нова студија

Клетките на ракот го оштетуваат телото, но излегува и дека преживуваат на прилично морничав начин. Нова студија открива дека клетките на ракот се јадат за да заздрават кога се оштетени.

Тој процес се нарекува макропиноцитоза и се одвива така што клетките на ракот ја поставуваат неоштетената мембрана на клетката над оштетената област и ја затвораат дупката. Потоа оштетениот дел на мембраната на клетката се дели на мали сфери и се транспортира во „стомакот“ на клетката - лизозомите. Таму оштетените делови се распарчуваат и се дигестираат од лизозомите.

-Нашето истражување обезбедува многу основно знаење за тоа како преживуваат клетките на ракот. Во нашите експерименти исто така покажавме дека клетките на ракот умираат ако се спречи процесот и тоа ја прави макропиноцитозата мета за идни лекувања. Тоа е долготрајна перспектива, но е интересна - истакна водачот на групата, Јеспер Нуланстед од данскиот Истражувачки центар при Здружението за рак и Универзитетот од Копенхаген, кој го предводел новото истражување и кој со години истражувал како клетките ги обновуваат мембраните.

За да ја истражат макропиноцитозата, истражувачите користеле ласер за да ја оштетат мембраната на клетките на ракот. Потоа утврдиле дека ако макропиноцитозата е прекината со супстанции кои го блокираат формирањето на мали сфери, клетките на ракот умираат.

Макропиноцитозата е особено корисна за агресивните клетки на ракот, делумно заради тоа што клетките на ракот имаат можност одново да ја користат оштетената мембрана кога ќе се деградира во лизозомите. Агресивните клетки на ракот се делат често, користејќи многу енергија и материјал за новите клетки, а макропиноцитозата им дозволува да се хранат со енергијата која им е потребна за да продолжат да живеат.

-Продолжуваме да работиме и истражуваме како клетките на ракот ги штитат нивните мембрани. Во врска со макропиноцитозата, интересно е да се види што се случува откако ќе се затвори мембраната. Веруваме дека првото закрпување е грубо и дека потоа е потребно потемелно поправање. Ова може да е уште една слаба точка на клетките на ракот и е нешто што сакаме подобро да го испитаме - истакнува постдокторандот Стин Лаурицен Сондер.

Студијата е објавена во списанието „Сајенс Адвансес“.

Извор: Interesting Engineering
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука