Група истражувачи од Медицинскиот факултет при Универзитетот на Питсбург открија како расте туморот меланом и ја спречува сопствената смрт. Во нов труд, научниците објаснуваат како ги открија генетските промени што им дозволуваат на овие тумори брзо да растат и да преживуваат. Ова откритие може да помогне подобро да се разберат овие тумори и третманите за нивно лекување.
Теломерите, заштитни делови на крајот од хромозомот, го спречуваат деградирањето на ДНК. Кај здравите клетки тие стануваат пократки со секој циклус на размножување додека не станат толку кратки, што клетката повеќе не може да се дели.
Нарушувањето во одржувањето на должината на теломерите може да доведе до тешки болести. Синдромот на кратки теломери доведува до предвремено стареење и смрт, додека премногу долгите теломери се поврзуваат со појавата на ракот.
Фото: Pixabay
- За еден меланоцит да се претвори во рак, една од најголемите пречки е да се направи бесмртен. Откако ќе го стори тоа, тогаш се трансформира во рак - објаснува научникот Џонатан Алдер.
Протеинот теломераза е одговорен за продолжувањето на теломерите и ги штити од оштетување. Овој протеин не е активен во повеќето клетки, но многу видови рак користат мутации во генот на овој протеин и со тоа им овозможуваат на клетките да растат. Поголемиот дел од туморите на меланом имаат мутации во генот на протеинот.
Меѓутоа, научниците претходно не успевале да ги продолжат теломерите како во туморите на пациентите кога во експеримент ги мутирале гените на протеинот. Новиот труд нуди решение на загатката.
Научниците на Универзитетот на Питсбург открија дека друг протеин што ги сврзува теломерите, а е сличен на оној што ги штити, често е мутиран кај пациентите со меланом. Експерименти во лабораторија покажале дека мутацијата на двата протеини создава продолжување на теломерите кај туморите и со тоа им помага на туморите да растат и да преживуваат подолго.
Извор:
Scitechdaily
Насловна фотографија: Pixabay