Лидерот на Америка ги означил како непријателски сите држави што беа против признавањето на Ерусалим како престолнина на Израел.
Американскиот претседател Доналд Трамп го искористи своето прво обраќање до државата (State of the Union) во вторникот за да ги опише како непријатели на Америка државите што гласале против неговата одлука да го признае Ерусалим како главен град на Израел.
Објавата на Трамп на 6 декември, во која е наведена одлуката да ја премести американската амбасада од Тел Авив во светиот град, беше предмет на меѓународна осуда.
Набрзо потоа Генералното собрание на ОН ја прогласи декларацијата за „ништожна“.
Како што се наведува во копијата од планираниот говор на американскиот лидер, тој требало да каже: „Голем број држави во Генералното собрание на ОН гласаа против сувереното американско право на ова признавање“.
„Американските даночни обврзници дарежливо им испраќаат на овие земји милијарда долари секоја година. Затоа, јас вечерва од Конгресот барам да донесе закони за да обезбеди американската помош за странство секогаш да биде во корист на американските интереси и да оди само за американските пријатели“. Меѓутоа, кога дојде времето за говор, Трамп додаде: „а не на непријателите на Америка“.
Оваа изјава во суштина означи 128 држави како непријатели на Америка.
Америка обично ја ограничува својата дефиниција „непријатели“ и нивните соработници како земји што се „спонзори“ на тероризмот. Листата со непријатели на Државниот секретаријат ги вклучува државите како Иран, Северна Кореја, Судан и Сирија.
„Нема да ги толкуваме зборовите на претседателот“, велат од Државниот секретаријат.
Генералното собрание на ОН во таа пригода изгласа необврзувачка резолуција што не прави ништо за да го реши израелско-палестинскиот конфликт или да унапреди подобрување на постигнувањето на мирот.
Додека 128 држави гласале за таа резолуција, 35 членки биле воздржани, а седум биле против резолуцијата.
Администрацијата на Трамп потоа одржала преговори во Вашингтон во чест на тие седум држави, меѓу кои Палау, Науру и Израел.
Велика Британија, поголемиот дел на ЕУ и воените партнери на Вашингтон, како Ирак и Авганистан, биле меѓу оние што гласале за резолуцијата.
Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, изјави дека блокот искажува сериозна загриженост за американската одлука, така што Европа останува посветена на дводржавно решение.
Одлуката на Трамп да го признае Ерусалим како израелски главен град предизвика и протести низ светот. Немирите поради ова прашање и понатаму траат на палестинските територии.
ЕУ и Норвешка во средата организираа вонредна седница на Меѓународната донаторска група за Палестина да разгледа мерки за да се интензивираат напорите што можат да дадат решение.
Ниту една држава моментално нема амбасада во
Ерусалим.