X
 05.11.2018 Наша тема

Ученичките домови едвај врзуваат крај со крај. Директорите прашуваат како со 250 денари дневно по ученик да платат сметки и плати

Начинот на финансирање е најголем проблем, а тој е погубен за домовите во кои се сместуваат помал број ученици. Добиваме 7.500 денари по ученик, десет месеци во годината. И тоа е сѐ. За јули и за август не земаме никакви средства – вели директор на ученички дом

Ученичките домови во кои се сместуваат помал број ученици мака мачат со финансиските средства. Директори на овие институции ни потврдија дека едвај излегуваат на крај со средствата што ги добиваат за секој ученик и дека ако наскоро не се реши ова прашање, нема да можат да функционираат.
Проблемот лежи во тоа што од државата добиваат по 7.500 денари месечно за ученик. Со овие средства тие треба да ги платат режиските трошоци, одржувањето на домот, храна за учениците и плати за сите вработените бидејќи тие не добиваат посебни блок-дотации за таа намена.

Проблем кој се влече 10 години

Директор на ученички дом кој сакаше да остане анонимен вели дека проблемот се влече веќе 10 години.
- Начинот на финансирање е најголем проблем, а тој е погубен за домовите во кои се сместуваат помал број ученици. Добиваме 7.500 денари по ученик, десет месеци во годината. И тоа е сѐ. За јули и за август не земаме никакви средства. Ние всушност треба ем да платиме сѐ ем да заштедиме за овие два месеца. Тоа не е можно. Ние во текот на месецот не успеваме ни основните трошоци да ги покриеме, а да не зборуваме за некаква заштеда – вели тој.


Фото: Фејсбук страница на домот

Поради ова, вработени во некои домови во јули и во август не земаат плата, а знаат да се натрупаат и долгови.
- Постојано сме под закана дека ќе ни ја исклучат струјата или водата – вели тој.

Директорот на ученичкиот дом „Боро Менков“ од Крива Паланка, Бранко Тодоровски, исто така ни потврди дека 7.500 денари по ученик не се доволно за функционирање.

- Постојано, сите директори на домовите бараме да се реши овој проблем. За да може да опстанеме со тие пари, треба да имаме 1 вработен на 8 ученици. Но, во многу домови не е така. Инаку, овој начин на финансирање е воведен во 2001 година кога платите влегоа во партиципацијата. Тогаш изнесуваа 9.500 денари по ученик. Но, МОН во 2010 ги намали за 30 проценти и станаа 7.500. Нашите пресметки се дека се потребни барем 12.000 денари по ученик – вели Тодоровски.

Најзагрозени се помалите ученички домови

Љубица Павловски, директорка на кумановскиот ученички дом „Професор Мијалковиќ“, вели дека финансирањето на ученичките домови не функционира најдобро. Објаснува дека ова е карактеристично за домовите со малку деца.
- Домовите со по 200, 400 деца немаат проблем, но ние, помалите, како во Куманово, Свети Николе, Крива Паланка, Македонски Брод, Пробиштип имаме проблем. Ни треба помош – вели таа.


Некои домови се во катастрофална состојба Фото: МОН

Ако некој вработен отиде во пензија, исто така не постои можност да се вработи нов кадар.
- Пред 15 години домовите добиваа средства одделно за плата, одделно за трошоците. Потоа се смени начинот на финансирање, се добиваат средства по ученик. Во Законот за ученички стандард од 2007 година пишува дека ученичките домови ќе се финансираат со блок-дотации како училиштата, но тоа во практика не функционира. Ние земаме партиципација по ученик – вели директорот.
Тој објаснува дека ако сумата од 7.500 илјади денари се подели на 30 дена, излегува дека имаат на располагање 250 денари дневно по ученик.
- Како со 250 денари да се обезбеди храна, престој, да се плати струја, вода за него, и плус средства за вработени и заштеда за два месеца кога не добиваме пари. Тоа е научна фантастика – вели тој.

Да се одвојат посебни средства за плати

Директорката Павловски вели дека проблемот може да се реши на неколку начини.
- Може да се зголеми партиципацијата по ученик или да се одделат платите и да се стават во друг буџет, на пример, како посебни блок-дотации. Долго време се бара да се направат измени во делот со финансирањето на домовите за да може да функционираме. Ние сме должни на децата да им ги задоволиме основните потреби. Со овој начин на финансирање не можеме да го направиме тоа – раскажува Павловски.
Инаку, кумановскиот ученички дом во моментов има 66 ученици, а има капацитет за 120.

Директорот Тодоровски исто така смета дека решението е во посебни блок-дотации за плати на вработени и зголемување на средствата по ученик.
- Потребно е да се издвои ученичкиот стандард. Исто така, треба да се укине одлуката за недоделување средства во јули и август - вели тој.
Голем дел од ученичките домови, освен со финансиски загуби, се соочуваат и со катастрофални услови кога се во прашање инфраструктурата и опременоста. Поранешната министерка за образование и наука Рената Дескоска во првиот месец од нејзиниот мандат објави фотографии од ученички домови што ја згрозија јавноста.


Фискултурна сала во ученички дом Фото: МОН

Го прашавме сегашното раководство на Министерството дали има решение за проблемот со финансирањето на домовите и дали е интервенирано во домовите за кои МОН најави дека ќе се реконструираат. И по неколку дена оттаму нема одговор.
- Нашата зграда е стара, има добри услови внатре, делумно е реновирана од сопствени средства, и тоа беа пари добиени од раселените семејства што беа сместени тука во 2001 година. Но, треба многу работи да се досредат, а потребно е и редовно да се одржува – вели директорката на кумановскиот дом.

МОН ќе може да ги помага домовите ако заглават во долгови

Инаку, Владата минатата недела донесе одлука за измени и дополнувања на Законот за ученички стандард со кои се дава можност Министерството за образование и наука (МОН) да им додели средства на јавните ученички домови, односно јавните средни училишта во кои има ученички домови доколку непредвидено им се зголемат трошоците за тековно работење.

- Се отвора можност да им излезе во пресрет на потребите на ученичките домови во кои се сместени над 2.000 ученици, а кои се наоѓаат во лоша финансиска состојба - изјави владиниот портпарол Муамед Хоџа.

Но, директорите се согласни дека тоа нема да го реши проблемот и дека е потребна промена на начинот на кој се финансираат ученичките домови.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема