X
 26.09.2019 Наша тема

Како студенти од Архитектонски го направија пристапно ридското Кратово

Подобрувањето на пристапноста започнува од подигнувањето на свеста за оваа невидлива група наши сограѓани кои, за жал, поради непристапноста на градовите, се заробени во своите домови

Осумнаесет студенти од Архитектонскиот факултет - Скопје под менторство на проф. д-р Бојан Каранаков и проф. д-р Дивна Пенчиќ со своите идејни решенија го направија Кратово пристапно за сите. Тие лично истражуваа со какви проблеми се соочуваат лицата со одреден хендикеп во овој град и потоа понудија решенија за полесно движење низ стрмните улици. Крајниот резултат е изложба со архитектонските решенија во Музејот на град Кратово во галеријата на Домот на културата „Лазар Софијанов“.


Студентите со професорите Пенчиќ и Каранаков

Архитектонската работилница под наслов „Кратово – пристапно за сите“ е резултат на соработката помеѓу Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Општината Кратово.
- Подобрувањето на пристапноста подразбира многу повеќе од една обична рампа, елеватор, лифт или платформа. Подобрувањето на пристапноста започнува од подигнувањето на свеста за оваа невидлива група наши сограѓани кои, за жал, поради непристапноста на градовите, се заробени во своите домови. Оттука архитектонските решенија што ја третираат оваа проблематика треба да создаваат простори кои ќе ги користат сите, самостојно и достоинствено, а со тоа ќе претставуваат простор за средби и интеракција наместо да бидат ексклузивно наменети само за една група корисници - вели професорот Каранаков.





Лично истражувале како се движат низ градот лицата со хендикеп

Во рамките на оваа работилница студентите најпрво се запознале со богатата историја на Кратово и посетиле голем дел од туристичките локалитети. Потоа добиле задача да ги разгледаат траекториите на движење и проблемите при движењето низ градот Кратово на три различни категории корисници: турист, граѓанин во трета доба од животот и просечно кратовско семејство.
- Истовремено преку лични искуства ги проверуваа проблемите со кои би се соочила секоја од овие групи корисници доколку корисниците имаат одреден хендикеп, како оштетен вид, оштетен слух или отежнато движење. За таа цел беа ставени во позиција самите да пробаат да се движат низ одредени локации во Кратово користејќи инвалидска количка, со покриени очи или со затнати уши, а на тој начин дополнително да се сензибилизираат за тешкотиите на одредена специфична група граѓани во градовите во кои живееме - објаснува професорот.
Потоа врз база на нивните лични искуства, студентите предложиле концепти за интервенции во градот Кратово преку кои би се подобрила неговата пристапност.

Искуството не беше пријатно

Студентите Јордан Лазороски, Љубица Бојаџиева, Марија Патчева, Симона Галазова, Ангела Кузмановска и Ивана Коцевска истражувале како семејствата се соочуваат со проблемите. Велат дека го искусиле движењето на лицата со хендикеп за подобро да ја запознаат нивната состојба и нивниот однос со градот.
- Искуството не беше пријатно и се соочивме со нивните реални проблеми во однос на совладувањето одредени дестинации и правци. Со ова согледавме дека тоа совладување е речиси невозможно. Од прошетката одбравме неколку локации на кои наидовме на најмногу пречки. Со решавање на овие локации би им оставиле и пример на граѓаните како да се соочат со другите тешкотии при движењето. Интервенциите на потенцијалните локации се во полза на жителите, односно семејствата. Се одлучивме да работиме на две локации за кои сметаме дека ќе бидат од најголема полза за жителите. Станува збор за еден вид крстосници со голема фреквентност на кои жителите најчесто се среќаваат во текот на денот. Не само што се посветивме на тоа да се олесни движењето, туку и да ги задржиме луѓето на место што е добро за социјализација и рекреација. Местото претставува еден вид заеднички двор за соседството каде што тие можат да се одморат и да се социјализираат - велат тие.


Подготовки на решенијата

Во маалото Царина, кое било првото избрано место, имале најмногу предизвици при движењето. Велат дека на оваа локација не само што имало пречки во пешачкото движење туку и во движењето со моторно возило. Во нивното решение ја ослободиле и ја исчистиле локацијата и овозможиле пријатен простор за рекреација и воедно поедноставен пристап за лица во инвалидска количка.
- Интервенцијата ја сочинува рампа со благ пад која го совладува теренот и овозможува пристап на лицата до кулата. Интервенцијата на просторот продолжи со решавање и подобрување на движењето по сокаците. Додадовме гелендери на места што беа критични и стрмни не само за лицата со попреченост, туку и за лица што немаат тешкотија при движењето. Направиме целосна обнова на материјалноста на улиците и сокаците. Материјалноста е соодветна за ова поднебје, односно издржлива на временските услови во Кратово. Сите нивелации што претставуваа пречка во движењето се соодветно третирани со поблаг пад. Локацијата во Tабачка маала отвори решавање на друга проблематика при движење. Поради преголемиот наклон и лизгавата калдрма, улицата е претешка за совладување. На левата страна на сокакот го олеснуваме движењето со засекување на улицата со скали и гелендер, а остатокот на улицата останува слободен и за колско движење. Делот од локацијата каде што се наоѓа чешмата го надополнуваме со клупи за седење и ниша за корисникот со инвалидска количка - објаснува оваа група на студенти.


„Кратово 360“ - нова туристичка атракција

Студентите Тијана Стојковска, Елена Клековска, Деспина Џепароска, Емилија Стојаноска, Виктор Велковски и Христина Царовска во Кратово истражувале како би се снашле туристите. Тие велат дека во своето срце градот содржи безброј историски значајни локалитети околу кои се развивал, оние најпознати одбранбени кули, мостови преку многуте реки, цркви, традиционални куќи и амами, сите заробени во кратерот на некогашниот вулкан кој е должен за фасцинантниот планински пејзаж.
- Оттука произлегува и нашата идеја за интервенција, буквално врз градот, под мотото „минимум интервенција за максимум адаптација“. Првиот сегмент на нашиот пристап се однесува кон постојниот градски парк кој ги удомува некогашниот пензионерски дом, во подножјето, и Споменикот на паднатите борци на врвот. Времето како фактор го осиромашило овој простор од редовни посетители, кој денеска служи за бегство од реалноста на преостанатата младина во овој град. Дали овој сместувачки капацитет би можел да заживее само со промена на својата намена? Ние заклучивме дека одговорот е да, па предвидуваме детско одморалиште, придружено со веќе постојните аудиториуми на отворено. Визурите од врвот беа појдовна точка кон вториот сегмент од нашата интервенција - велат студентите.

„Кратово 360“ го замислиле како нова туристичка атракција, нов начин на доживување на градот, кој истовремено ќе биде нова опција за движење низ градот на локалното население.
- Четири кули, инспирирани од веќе постојните во градот по својата геометрија и порозност, но изведени со современи материјали, поставени на четири дијаметрално најоддалечени и највисоки точки кои го впишуваат центарот во круг, притоа поврзувајќи ги детското одморалиште, камп-просторот кај Стара Мусала, брдото над Табачко маало и едукативниот комплекс. Појдовната точка кон овој обрач ја препознавме токму во работниот простор на оваа работилница, музејот на градот, кој би ја удомил почетната, петта кула на оваа композиција. На овој начин, центарот на градот во кој се удомени сите основни потреби на населението би бил полесно достапен за оние што живеат во повисоките, периферни и подалечни точки, дури и во зимските денови кога тесните сокаци стануваат невозможни за користење. Воедно, се избегнува можно ископување на целокупниот сообраќаен капацитет, за кој би било наивно да веруваме дека би се трансформирал во современи улици - објаснуваат тие.



Подобро Кратово за пензионерите

Сандра Тодевска, Никола Момироски, Пале Јанева, Јован Божиновски, Сара Ристова, Бојана Тоневска се студентите што понудиле решенија за подобро Кратово за пензионерите.
- Започнавме со набљудување на нивните секојдневни потреби и навики, односно лоцирање на местата и објектите што им се најчесто потребни. По кратката анализа заклучивме дека без исклучок сите беа непристапни или многу тешко достапни. По набљудување на конфигурацијата на градот и поставеноста на маалата во него, заклучивме дека постои една аксијала која ги обединува сите делови и со соодветна интервенција на неа може да се олеснат движењето и пристапноста, како и да се зголеми безбедноста при движење. Аксијалата е всушност клисурата на Кратовска Река - велат тие.



Меѓу другото, интервенирале со рампа, ограда на работ на кејот, правење велосипедска патека и паркинг за велосипеди. Направиле и платформа за движење и во центарот на градот каде што профилот на реката е најдраматичен.
- Со решавање на сите проблеми со пристапноста што се јавуваат по кејот на Кратовска Река, освен што се прави една целина која е и врска меѓу крајните точки на градот, се решава и проблемот со безбедноста при движење на пешаците како активни учесници во сообраќајот - велат овие студенти.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема