X
 14.02.2018 Образование

Најдобрата студентка на Архитектонскиот факултет: Студентите мора да бидат авангардни!

Хаосот на Скопје е кулминација на долг процес на недоволно негувана љубов кон него, вели Марија Петрова

Со просек 9,93, Марија Петрова од Кочани е најдобрата студентка на Архитектонскиот факултет во Скопје за учебната 2016/2017 година. Пред очите на јавноста таа беше наградена со комплет вредни книги за архитектонската наука, на отворањето на изложбата на дела од зимскиот семестар на архитектонските студија на овој факултет.


Оваа млада девојка сакала да ги спои талентот за цртање и желбата за техничко надградување и токму затоа во архитектурата ја нашла таа симбиоза.

Втора година по ред си најдобра студентка на овој факултет. Ти значи ли тоа што некој јавно го вреднува твојот труд, а и колку тебе лично ти значат оценките?
- Да се постигне одреден успех, а тој да не биде вреднуван, понекогаш може за некого да претставува залудно вложен труд. Меѓутоа, јас тоа не го чувствувам така. Го правам ова зашто сум посветена на тоа што го сакам и ми причинува големо задоволство што имам шанса да ги покажам и применам моите знаења стекнати во оваа институција. А кога за постигнатиот резултат ќе добиеш и јавна пофалба од страна на факултетот чиј студент си, значи е ценет вложениот труд, а тоа за мене претставува голема чест. Високите оценки за мене се од исклучителна важност и претставуваат потврда за моето вложување во студиите и тие се резултат на напорната работа и личната дисциплинираност. Но, тие не смеат да се сведат само на бројка, туку треба постојано да се работи и учи и да се надградува постигнатото.
 
Како архитектурата стана твој избор, откриј ни малку за себе? Што најмногу те привлекува во оваа наука?
- За архитектурата како професија на почетокот малку знаев. Можеби тоа се должи на фактот дека таа е малку застапена во предметите од претходните образовни нивоа. Па така, можам да кажам дека бев пријатно изненадена кога почнав да се запознавам со нејзините специфичности во процесот на моето студирање. Изборот, пред сѐ, се должеше на тоа што мојот интерес беше насочен не само кон техничките и математички науки туку еднакво и кон ликовната уметност. Затоа барав област во која би продолжила да го негувам и талентот за цртање, но и желбата за техничко надградување, со што наидов на архитектурата како симбиоза на истите.
Архитектурата е творечка дејност! Она што најмногу ме исполнува е нејзината неисцрпност кога се во прашање креативноста и просторот за индивидуално изразување во рамките на еден цел систем испреплетен од разновидни стручни области. Да се стане дел од оваа фела, значи да се има разбирање од работата на различни професии, со тоа архитектурата претставува постојано надградување на личните вештини. И покрај фактот што таа бара максимална посветеност, а со тоа и големо исцрпување, задоволството од сработениот проект на крајот го брише целиот умор од непреспиените ноќи.





Задоволна ли си од студиите?
- Нашиот факултет низ целиот процес на моето досегашно образование, овие четири години, успеа да си ги задржи своите вредности, особено непосредниот контакт професор-студент, за кој можам да кажам дека е од огромно значење за секој млад студент што си го бара местото во неговата идна професија. Во досегашниот тек на студиите наидувам на несебични поттикнувања за работа и лично усовршување од страна на моите професори. Особена чест ми претставува што од оваа година добив можност да бидам дел од наставата како соработник во работата на едно од архитектонските студија. Тоа ми овозможува да бидам во директен контакт со останатите колеги и преку работата со нив да продолжам да ја негувам љубовта кон архитектурата.

Архитектурата е наука која бара често работење заедно. Те исполнува ли тимската работа?
- Архитектонскиот проект многу ретко претставува чисто индивидуално дело, па тимската работа е она на што му се дава најголемиот акцент во текот на студиите, бидејќи останува да нѐ следи понатаму низ целата кариера. Преку ваквиот начин на работа се учиме на препознавање на сопствените грешки и на меѓусебно надградување на професионалните вештини. Заедничкото работење е една од подобрите страни на овој факултет. Тоа ни ја нуди можноста за проширување на кругот на пријатели со кои ги делиме истите обврски, радости, но и разочарувања, токму со овие пријатели градиме цврста врска во рамките на една стручна професионална заедница од самиот почеток на процесот на студирање.

Неодамна учествуваше и на конкурсот „Индустрија во град“. Треба ли повеќе компании да го слушаат гласот на студентите и тогаш кога имаат добри идеи, да ги спроведуваат?
- Гласот на студентите е и мора да биде авангарден и непресушен извор на нови идеи кои ќе ја држат будна чистата и вистинска архитектура. Мислам дека со овој конкурс се зачна идејата за активно вклучување на студентите во креирање на тековната архитектура. Ваквите предизвици ни нудат простор за креативно изразување и практика во трансформирање проект од хартија во реализација на дело. Би било добро доколку ова не претставува само еден исклучок, туку и неопходен дел од нашето образование.


Каков е твојот став за новиот изглед на Скопје?
- Лично сметам дека хаосот на ниво на град Скопје низ изминатиот период, но и овој сега, е кулминација на еден долг процес на нашата недоволно негувана љубов кон овој град, со што тој редовно подлежи на радикални трансформации, со кои ниту се почитува веќе изграденото ниту му се остава неопходниот простор на Скопје нормално да транзитира според тековните архитектонски правци. Во рамките на архитектонските студии, преку соодветните предмети, ние учиме за Скопје и неговата судбина во целиот негов развој. Но, недоволната афирмација на културното наследство и на архитектурата како наука пренесена на пошироките народни маси, придонесе Скопје да биде недоволно почитуван и сакан град. За еден ваков контроверзен и исклучителен случај во светски рамки решението би му било исто толку контроверзно и исклучително, со цел Скопје повторно да застане на свои нозе и да светне во лично свој дух.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование