Каде што има волја, ќе има и мотив. Да се истрае е веројатно најголемата задача исправена пред наставниците и учениците, вели Иванова
Предава пијано во средното и во нижото музичко училиште во Скопје, настапува под отворено небо на плоштадот „Македонија“, во Градскиот парк, на неолитскиот локалитет Врбјанска чука во Пелагонија. Таа е доктор по филозофски науки, а неодамна стана и државен првак во планински велосипедизам. Дуња Иванова вели дека не може да се сети на утро на кое не му се радувала. Едноставно не признава лош ден. Со неа разговараме за наставата по музика во време на пандемија, за визијата да се оди понапред, за вложувањето во себе, за филозофијата на животот.
Наставничка сте по пијано во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Опишете ни како се одвива наставата во услови на пандемија на Ковид-19?
- Ниту еден од нас не беше подготвен за ваква промена на рутината, вообичаено се вознемируваме кога само еден ден ќе тргне по некој непредвидлив тек, но Ковид-19 ни приреди искушенија што ги допреа сите сегменти на живеењето. Секој што барем за миг имал можност да нурне во образовната дејност, во процесот на градење еден систем на вредности, воспитување и едукација, а особено кога станува збор за непосредна, индивидуална настава каква што предвидува изучувањето на музиката и инструментите, знае дека предизвикот да се одржи контактот и континуитетот во овие услови на пандeмија е навистина голем. Следејќи ги препораките на надлежните институции и во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, музиката и во овие услови е водилка на патот кон нови сознанија, вештини и успеси.
Дуња Иванова со учениците
Технологијата што до неодамна многумина ја осудија како исклучителнo штетна за развојот на детето, сега е нашиот најголем сојузник. Наставата во моментот се одвива комбинирано. Физичко присуство е препорачано за учениците од средниот оддел, додека основниот ги користи актуелните платформи за комуникација. Каде што има волја, ќе има и мотив. Да се истрае е веројатно најголемата задача исправена пред наставниците и учениците. Од друга страна, близината како секојдневна комуникација и грижа која во вакви услови на далечинско учење ја остваруваме со учениците и нивните родители, во комфорот кој до неодамна го живеевме, немаше таков интензитет. Со учениците комуницираме секојдневно, и по неколку пати во денот, снимаме видеоматеријал, пребаруваме музички библиотеки, користиме информации од интернет и на тој начин чекориме напред.
Можно ли е да се совлада еден инструмент без директен контакт меѓу наставникот и ученикот?
- Не постои невозможно нешто, можно е сето она што можеме да го проектираме во нашиот ум. Кога постои идеја, има и модус, уште ако има дисциплина и волја, тогаш целта е остварлива. Навистина е исклучително важна таа непосредна, физичка комуникација и присутност кога станува збор за изучување музички инструмент зашто, меѓу другото, тоа е сепак и занает. Принципот на покажување и повторување е најбрзиот начин за едно мало дете да ги ,улови првите чекори, сензибилитетот и емоцијата, магијата која наставникот на свој начин умее да му ја раскаже преку спонтана изведба на инструментот е најсилната врска помеѓу ученикот и музиката.
Сепак, ова се вонредни услови и ние учиме дека мора да може и поинаку. Оние ученици што се музички описменети и кои релативно добро се ориентираат на клавијатурата, доста брзо напредуваат и при учење на далечина. За помалите, сепак, е потребен голем труд, примена на различен пристап - асоцијативен, пред сè, и помош од родителите, a најмногу заради правилно поставување на телото и рачниот апарат во однос на инструментот, како и совладување на основниот музички јазик. Сите нè охрабрува желбата и идејата дека наскоро ќе ги напуштиме екраните и ќе учиме додека ги чувствуваме вибрациите на жиците и мирисот на резонантната кутија.
Има ли талентирани ученици по пијано во Македонија?
- Овде отсекогаш вирееле разнобојни детски умови, а за музиката - со особено сјајна ѕвезда. И секако дека талентот, ако зборуваме за ,,остро уво“, чувство за ритам, анатомска и моторичка предиспозиција, е една исклучително значајна компонента како појдовна точка. Сепак, оние што се занимаваат со изведувачка уметност и го минале тој долг пат на изучување на инструментот, па сè до концертната сцена, знаат дека музиката морате да ја прифатите како дел од себе, како дел од секој ваш ден. Тоа значи дека многу часови, денови, месеци, години сите сетила комуницираат со тонот, со времето, со музичката боја, како пасија и потреба, како љубов која не стивнува. Таква е музиката. Ве понесува од дното до врвот, низ најскриените одаи на човековата внатрешност. И вие едноставно ѝ се предавате, не можете тукутака да ја заборавите, да ја оставите зад себе.
Tокму тоа е клучот за изградба на вистински квалитетен музички уметник. Остварувањето на таа врска со инструментот заснована на чиста идеја и посветеност. Патот е навистина макотрпен, особено за децата кои се во развој и кои пред себе имаат безброј предизвици. Но, истрајноста преку силна мотивација, откривање на вистинските вредности и комуникација со сите изразни уметнички форми е несомнено формулата за изградба на среќно, самосвесно и успешно дете со посредство на бисерот помеѓу уметностите - музиката.
Често настапувате на алтернативни сцени, под отворено небо. Како реагира публиката надвор, во Градскиот парк, како на класична сцена? Која е разликата во естетското доживување?
- Популарноста како вредносен суд во актуелното опкружување сè уште претставува главен критериум за селектирање на музиката како квалитет. Не по цена на квантитет, туку со интенција за ослободување на слушателите од стигмата за тоа што значи класичен музички концерт, ја менувам изведбата од задолжителниот концертен простор и време и ја сместувам во алтернативни опкружувања. Со селекција на програма која бара класичен изведбен манир, но со нагласена експресивност, единствената идеја е да се поттикне слушателот кон исклучително вредно музичко творештво, понатамошно истражување и пласирање на уметност која гордо го носи епитетот музичка. И најпосле, како еден гласен одек и борба против шундот кој сè почесто во завиена форма на поп-култура се промовира меѓу младата популација.
Доктор сте по филозофски науки. Како науката се испреплети со музиката и педагогијата?
- Музиката, и уметноста воопшто, својата најбујна суштина ја ужива помеѓу страниците на автори филозофи кои својот живот го посветиле на одгатнување на нејзините тајни. Таа врска е неодминлива, ја детектира есенцијата на едно дело како естетски вредна форма. Има моменти во мојот живот кога рамката во која секојдневно дејствувам ми се чини претесна. Тоа е порив за кој не размислувате, нема калкулации, тоа е силно чувство кое нескротливо ви покажува нов пат. И покрај тоа што е несомнено ,,голем залак“ паралелно да посетувате настава и да се подготвувате за две магистратури од различни области, подоцна и докторат, и тоа ви го одзема речиси секој миг од денот, сигурна сум дека е најголемата придобивка што ја обезбедив за себе.
Иако во нашата држава засега сум единствена со ваков профил, можноста за напредок и конкретен придонес кон образовниот систем и едукација е заглавена на истите стојалишта и манири како пред многу години. Сè уште на терен опстојува флоскулата „по мене потоп“, со суетни испади на поединци и со намера некој да биде „згазен“ по цена да се покаже некаква привидна моќ или влијание. И ова ќе беше смешно, но реално е тажно, особено што се случува во тие академски кругови каде што на младоста би требало да ѝ се подаде рака, оти годините не врват наназад, туку само нанапред. А утрешнината му припаѓа токму на тој млад свет, ентузијазам и бистар ум, кој од своите ментори треба да црпи мудрост, знаење, да чувствува поддршка. Но, нашата реалност, за жал, сè уште е како огледало на минатото, не успева да пркне и да се одлучи за достоинствено вложување во прогрес наместо негување еден закоравен систем кој историјата нема ниту да го насети.
Деновиве станавте државен првак (со освоени три први места) во планински велосипедизам. Колку спортот го надополнува претходното?
- Спортот е извор на енергија и на задоволство и покрај негувањето на физичкото здравје, ја разбиструва и мислата. Велосипедизмот особено, поради тоа што дружењето со природата е интензивирано, мигови кога имате привилегија да ги слушате тишината и звуците на планината. Сите ние, во одреден период од животот, поради различни животни ситуации, чувствуваме дека ја губиме земјата под нозете. Тогаш, наместо да пропаднеме, треба да побараме гума за спасување.
Во мојот живот не можам да се сетам на утро на кое не сум му се радувала, едноставно не признавам лош ден. Некогаш главниот пат пред вас се чини најудобен, но козјите патеки скриени во прегратките на планината се местата каде што се создаваат и се кријат вистинските волшепства. За мене, тоа е спортот, тоа е таа секојдневна неопходна потреба да се дружам со велосипедот. Успехот е само последица.
Пијано, педагогија, филозофија (естетика), велосипедизам... има ли место каде што се чувствувате најсвоја?
- Корен, стебло, лист и цвет. Како крвоток кој кружи сочинувајќи жива материја. Сето ова што го набројавте е исклучителен и важен дел од мене. Никогаш и ништо не правам за конкретна добивка зашто знам дека таа добивка ќе дојде како последица на посветеност, работа, љубов која треба да го крепи секој човек. Фактот што сме сега и тука, и што наутро имаме можност да го гледаме изгрејсонцето, е најсилниот мотив да покажеме дека пат кон целта секогаш постои, да се ослободиме од стереотипите и секојдневно да поместуваме граници, зашто тие и не постојат.