Алтернативна божиќна реклама која прикажува тажен татко кој се бори да го направи Божиќ посебен за својот син стана вирална на социјалните мрежи.
Видеото наречено „Гокарт“ е снимено од млади видеографи во Западен Јоркшир и привлече милиони прегледи.
Режисерот Сем Тиле вели дека сакале да создадат нешто што ќе ја одрази кризата на трошоците за живот.
- Пораката е: „Божиќ се создава, не се купува“ - вели Сем.
Во видеото, во една од сцените, берберот го прашува момчето што добило за Божиќ, но тоа одговара дека Дедо Мраз не е при пари оваа година.
Видеото завршува на гробишта кадe што момчето се вози на дрвена количка што ја направил неговиот татко и ѝ посакува Божиќ на својата мајка.
Сем вели дека видеото ја прикажува суровата реалност на она со што се соочуваат многу семејства во услови на криза и високи трошоци за живот, и ја носи пораката дека Божиќ е за блиските личности и период од годината кога најмногу размислувате за изгубените најблиски.
Фото: Screenshot/YouTube