X
 06.02.2021 Живот

Митот што им овозможува на мажите да се извлечат од чистење на домот

Постои широко распространето верување дека момчињата, а подоцна и мажите, се особено неуредни. Постои одредена основа за овој стереотип, но полот нема многу врска со тоа.

- Не постојат докази за вродени, биолошки разлики во половите кога станува збор за уредноста или неуредноста -  вели Сузан Мекхејл, професорка по човечки развој и семејни студии на државниот универзитет „Пен“. Таа вели дека вродените преференции во врска со уредноста варираат од дете до дете, но дека културните фактори имаат значително влијание врз родовата нееднаквост во однос на ова прашање.

Полот не е фактор врз чија основа можете да предвидите нечија вродена способност да направите хаос. Девојките можат да бидат исто толку неуредни колку и момчињата, но вистинското прашање е кој ќе го расчисти направениот неред.

Кога истражувачите ја проучувале родовата нееднаквост во поделбата на домашните обврски, тие честопати добивале одговор од мажите во хетеросексуални односи дека жените имаат повисоки стандарди кога станува збор за чистота или едноставно се подобри во водењето на домаќинството и дека е природно тие да го прават тоа повеќе.

Во истражувањето спроведено во 2019 година учествувале 600 луѓе кои ја оцениле уредноста на собата на една фотографија. Врз основа на нивните процени, истражувачите заклучиле дека нема разлика помеѓу мажите и жените во тоа како ја перципираат просторијата - колку е неуредна и колку итно треба да се исчисти. Заклучокот бил дека мажите препознаваат неред еднакво добро како и жените.

maz
Фото: Freepik

Важна разлика била во тоа како учесниците ги оцениле хипотетичките станари во оваа просторија. Кога им било кажано дека во собата живее жена, тие почесто велеле дека собата е поуредна отколку кога им било кажано дека собата му припаѓа на маж.

Друга заедничка работа за многу мажи кои сметале дека се неспособни да го делат истиот товар на домашните обврски како и жените е дека тие се совршено способни да вршат високо квалификувани работи. Така, одликите што им помогнале на многу мажи да успеат на работа, како што се проактивност и темелност, некако станаа невидливи или неискористени по работата. Како е можно мажите да знаат да водат бизнис, а да не знаат да држат метла? Се разбира, тоа не е недостиг на вештина, туку привилегија и родови норми што им овозможуваат да излезат од овој вид работа низ домот.

Причината за нееднаквоста лежи во фактот дека товарот на чистење им се наметнува на жените како културна норма.

Родовиот јаз кога станува збор за средување на куќата се јавува уште во детството, бидејќи децата ги прифаќаат културните норми на општеството во кое растат. Девојчињата се охрабруваат да бидат уредни и да држат до изгледот, без разлика дали станува збор за нив самите или нивната куќа, додека на момчињата обично им е дозволено да бидат невнимателни затоа што имаат поважна работа отколку да се грижат за уредноста. И за момчињата и за девојчињата, отстапувањето од овие норми може да наиде на социјално неодобрување.

Извор: The Atalntic
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот