Примерот со парламентите во Велика Британија и Северна Ирска покажува како се одразува многувековната парламентарна традиција врз однесувањето на народните претставници. Ви пренесуваме десет примери што сè е забрането во Вестминстер. Ако се сеќавате на сцените од ситкомот „The New statesman“, сигурно сте забележале дека никој никому таму не се обраќа по име.
Имено, тоа е забрането. Тие меѓусебно мораат да се ословуваат со „почитуван пратенику на...“, па потоа следува името на изборната единица во која е избран дотичниот народен претставник. Ако некој не може да се сети каде бил избран неговиот колега, има право да му се обрати со „почитуван господине“ или „почитувана госпоѓо“.
Доколку некој се обраќа кон својот колега од истата партија, британскиот пратеник може да си допушти таква блискост и да го нарече „мој почитуван пријателе“. Претседателот на парламентарниот дом, пак, ако сака, може некого да го ослови по име. Друга забранета работа е да му се обраќаат на друг освен на претседавачот. Директното обраќање кон кој било друг е забрането. Тоа и е причината зошто политичарите таму обраќањето го почнуваат со „господине претседавач“, а потоа се надоврзуваат на нечиј исказ, реферирајќи со „тој“ или „таа“ го рече тоа и тоа, односно е ваков или таков.
Дошепнувањата во клупите се толерираат, бидејќи не се дел од расправата. Но, доколку ситуацијата зоврие, тогаш има и ука и бука, но тоа веќе е нешто друго. Трета забранета работа се фотографирањето и снимањето. Единствено дозволено е регуларното ТВ снимање на седниците на парламентот. Од безбедносни причини, воопшто е забрането фотографирање во Вестминстерската палата. Инаку, забрането е и некој да се нарече „лажливец“ и тоа според строги одредби за користење „непарламентарен јазик“. А ако некому му се испушти, тогаш претседавачот ќе го опомени и ќе го замоли да го повлече кажаното. Да го наречеш „лицемер“ својот колега во парламентот, би било корисно за да се оцени неговиот карактер, стилот на работа во политиката и сл. Само што ни тоа не е допуштено, иако политиката каква што ја знаеме низ историјата до денес всушност е многу лицемерна. Повеќевековната традиција на британскиот парламент најизразена е во пописот на забранети навреди.
„Безначаен човеку“, „свињо“, „стаорецу“, „неранимајко“... е попис кој денес звучи многу старомодно, неколку класи под тоа што знаел да го изговори Алан Бастард (Alan B’Stard) во споменатата хумористична серија. Уште една работа за која нема шегување во Вестминстерската палата се правилата за облекување. Од мажите се очекува да доаѓаат во кошули и кравати, од жените да носат деловен костум или нешто слично. Особено е забрането да се носи маица со слоган.
Уште една забрана која важи до денес е доаѓање во парламентот во оклоп и со меч. Забраната ја вовел кралот Едвард Втори, бидејќи до денес во гардеробите на парламентарците, покрај закачалката за капутот, постои и посебна алка за закачување на мечот.
Друго прашање е и јазикот. Во Велика Британија денес милиони луѓе зборуваат велшки, десетици илјади шкотски, а слично е и со гелскиот во Ирска. Наспроти тоа, единствен јазик кој смее да се зборува е англискиот, бидејќи таму немаат преведувачи како во Европскиот парламент. И за крај, до денес постои закон според кој во тамошниот парламент е забрането да се умре.
Причината за донесување таков закон потекнува од Средниот век, кога било одлучено секој што ќе умре во
парламентот, да има право на државен погреб. Очигледно е дека некој од обичните поданици во таа доба искористил дупка во процедурата и обезбедил погреб за некој свој близок човек.