X
 01.08.2020 Наша тема

И старо и младо во Тетово сака да научи како се прават резби кај Буде-Пишман

Најмлад негов ученик е петтоодделенецот Даниел од Тетово. Доаѓаат и странци, Французи, Германци, Грци. Апостолски бесплатно ја пренесува оваа уметност, традиција, занает...

Како што пред неколку стотици години резбите во дрво станале сведоци за вековниот македонски национален и културолошки идентитет, така копаничарството и во иднина ќе биде прозорец кон светот за Македонците со оглед дека многумина имаат желба да работат ваков вид изработка во дрво. Со ваков став го почнува разговорот најпознатиот тетовски копаничар Будимир Апостолски, кој триесетина години изработува резби во неговото ателје, кога го прашавме дали има заинтересирани да ја научат оваа уметничка вештина. Кај 69-годишниот тетовец, познат како Буде-Пишман, копаничарството го изучувале и возрасни, но и деца што подоцна станале уметници, занаетчии.


Апостолски триесетина години изработува резби во неговото ателје

- Се занимавам со копаничарство триесетина години и во моето ателје во Тетово постојано доаѓаат луѓе што сакаат да научат како да прават резби во дрво. Станува збор за луѓе од различни профили, без допирна точка со копаничарството, но со одредена дарба. Исто така, тоа се лица од различна возраст. Дел од нив продолжиле да изработуваат икони и резби, па и самите да учат други луѓе - вели тој.

Со појавата на коронавирусот, Апостолски повеќе време поминува сам во својата работилница и вели, дека сега има и повеќе време за својата најголема пасија.


И странците учат од него

Карактеристичен пример на човек кој изучува копаничарство е Љубомир Христовски, школски другар на Будимир од гимназијата. Двајцата се родени во 1951, а гимназија учеле во 1965-1969 година.
- Во текот на работниот век Христовски се занимавал со сосема други работи, во областа на фармацијата, водел бизнис. Откако се пензионира пред некоја година, почна да доаѓа кај мене да ги стекнува овие вештини. Најмлад е петтоодделенецот Даниел од Тетово. Доаѓале и странци, последни беа Французин и Германка, дури и Грци. Еден од странците дури 8 месеци престојуваше во Тетово. Инаку, бесплатно ја пренесувам оваа уметност, традиција или занает, како што различно се толкува - вели Будимир.

Значајни дела во многу цркви, манастири и музеи

Разговорот го продолжуваме и заклучуваме дека копаничарството веројатно е сето тоа - и уметност и традиција, но и занает. Се потсетивме на ученикот Мирче Аврамовски, кој минатата година во Тетово ја имаше првата изложба на резби и икони.
- Еден од моите ученици има татко кој бил столар. Имајќи ја столарската основа, тој успева на дрвото освен функционалност како предмет, да научи да му дава и уметничка душа и изглед. Друг ученик не можеше да го усоврши резбањето во дрво со длето, но затоа сега прави ремек-дела со пила - вели соговорникот покажувајќи фигура на волк која со тој ученик заедно ја подготвуваат за изложба.




Многу негови дела се на значајни места

Почетоците на Буде се во 90-тите години кога сам почнал да го изучува копаничарството, а дел од усовршувањето го направил во Охрид кај копаничарот Ристо Тасевски.
- Јас по вокација сум економист. Но цел живот сум сликар, акварелист. Со оглед на тоа дека за копаничарството треба да имаш одредена уметничка дарба, кај мене сликарството беше основата што ми помогна да го научам овој „занает“. Секако, потребна е и голема љубов, желба и истрајност бидејќи како и секоја област, и копаничарството си нови одредени предизвици. Во 90-тите години ја продадов првата икона и оттогаш имам направено 1.200 разни парчиња и видови резби - вели Апостолски, покажувајќи стар тефтер каде што евидентирал од кого и од каде ги добивал нарачките.

Многу дела на Апостолски се поставени на значајни места низ Македонија.




- Особено сум горд на Библиотеката во Музејот на македонската револуционерна борба во Скопје, каде што сите столбови и делови од ѕидовите се украсени со моите резби. Две парчиња резба имам во певницата во Бигорскиот манастир, „Свети Јован Крстител“. По повод 120 години од основањето на ВМРО, во 2013 година направив копија од црешовото топче според изложеното во Воениот музеј „Ататурк“ во Истанбул - вели Будимир.


Копија од црешовото топче

Тој има работено на нови и на реставрација на иконостаси во цркви. Ги има изработено иконостасите во црквите Св. Георгиј Победоносец во Мала Речица, Св. Атанасиј во Сараќино, Св. Димитриј Солунски во Теарце, Св. Ѓорѓи во Лавце и манастирската црква Св. Атанасиј во селото Глуво на Скопска Црна Гора. На реставрирање иконостаси има работено во црквите Св. Петар и Павле во Бањица, гостиварско, и Св. Богородица во селото Сетоле, тетовско.




Ги применува сите видови резба - поткопана, ажурна, плитка, длабока. Најмногу работи на дрво од орев, но употребува и дрвја од цреша, липа, јасен, храст и бука.
- Тематски, кога се во прашање порачките, пред сѐ, се бараат православните светци и житијата - потенцира тетовецот.
Копаничарите користат специјален алат - длето и чекан и во разни форми оставаат траги во дрвото со цел да се исцрта посакуваниот лик на резбата.



Подготвил: Александар Самарџиев, наш дописник од Тетово

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема