X
 06.03.2022 Култура

Не се смешкаат и не се поздравуваат на улица: Како денес живеат Летонците?

Летонија е крајбрежна држава на Балтичкото Море и земја во која живее еден од најкреативните, но и најповлечени народи во Европа. Нејзиниот главен град Рига е дом на една третина од населението, богат со неверојатна архитектура, со прекрасни и шармантни згради и стар град. Низ историјата во неа биле обединети традициите на истокот, западот, северот и југот, па така денес Летонија се смета за мултикултурна земја со уникатна средина.

Во споредба со другите европски метрополи, овде има малку автомобили, луѓето на улица не се насмевнуваат и не се поздравуваат, а општата атмосфера се карактеризира со високо ниво на мир. Еве како изгледа животот денес во Летонија, зелената балтичка земја која според последниот попис има нешто повеќе од два милиона жители!

Земја на креативци каде што и денес може да се чуе рускиот јазик на секој чекор

Летонија, често наречена Латвија, е низинска и шумска земја која се наоѓа на источниот брег на Балтичкото Море, помеѓу Естонија и Литванија. Многу Европејци се восхитуваат на нејзиниот економски раст по напуштањето на Советскиот Сојуз и нејзината прогресивна работна сила. Дополнително, оваа земја е позната како земја на креативци бидејќи има еден од најголемите удели на креативниот пазар на труд во Европската Унија.

Поголемиот дел од своето постоење Летонците го поминаа под нечија власт, а најболна трага оставија Русите кои ги окупираа во 1944 година. Во тоа време тие почнаа да ги населуваат сите балтички држави под изговор за растечка индустријализација, така што на периферијата на Рига никнаа илјадници бараки и нови постројки за дојденци од исток.

latvija
Фото: Freepik

Денешниот музеј на окупацијата на Летонија, лоциран во центарот на плоштадот на Старото градско собрание, можеби најдобро ја илустрира атмосферата од тоа време. Станува збор за целосно црна зграда со модерен облик, изградена во 1971 година во чест на Ленин, а преименувана во 1991 година, кога Летонија конечно се ослободи од советските окови. Иако оттогаш не е признаен од официјалната политика, рускиот јазик сè уште може да се слушне на секој чекор, особено во главниот град Рига.

Животот во Летонија е прилично скап


Животот во Летонија денес е поскап од порано, особено во главниот град. Иако флексибилноста на работата и зголемувањето на работничките права донесоа економски раст, во реалноста обичните луѓе и работниците живеат полошо од порано. Додека цената на работната сила е ниска, храната и основните потреби се релативно скапи и веројатно можеме да се идентификуваме со таква ситуација. Бидејќи најголемиот дел од населението работи преку ден, нема да наидете на многу минувачи во центарот на градот, кој датира од средниот век.

Старото градско јадро е украсено со споменици и прекрасни тесни улички и според многумина, тоа е најубавиот дел на Рига. Покрај неизбежниот Споменик на слободата, препознатлив мотив и симбол на градот е и црната мачка која ќе ја видите на секој чекор. Имено, легендата вели дека некогаш постоел занаетчија кој не сакал да биде примен во еден еснаф, поради што на покривот од куќата направил скулптура на црна мачка која му го врти грбот на седиштето на градскиот еснаф. Со оглед на тоа дека овој мотив во многу култури се сметал за лош знак, занаетчијата сакал да испрати токму таква порака до мештаните кои го разочарале. Така, ова мистериозно, но елегантно животно стана заштитно лице на Рига и ги следи секојдневните активности на посетителите и жителите од секој агол.

latvija
Фото: Freepik

Паганска култура и христијански обичаи заедно

Летонија е позната по сè уште живите траги на паганската култура која во голема мера ги обликува обичаите. Зачувувањето на фолклорот е специфично за оваа земја, а верувањата во различни божества и легенди се видливи во различните симболи што луѓето често ги носат. Иако повеќе од 70 отсто од населението се изјаснуваат како христијани, од кои повеќето се лутерани и католици, секоја религиозна прослава сè уште е под влијание на паганските обичаи.

Колку тие го ценат своето потекло и обичаи, се гледа во големата почит кон постарите бидејќи тие ги сметаат за најголем извор на мудрост. Жителите на Летонија се генерално многу љубезни луѓе, иако не се склони да разговараат и да го споделуваат својот интимен живот со другите. Ова може да изгледа необично, но кога ќе земеме предвид дека причината за тоа е што на сите сакаат да им дадат личен простор и мир, тогаш тоа добива некое ново значење.

latvija
Фото: Freepik
 
Необичен бонтон на интровертни креативци


Кога слушаме приказни дека Летонец ќе премине на другата страна од патот кога некој ќе тргне во негов правец или дека ќе чека соседот да излезе од лобито пред да влезе во него, малку ни се креваат веѓите во знак на неодобрување. Освен што сите народи не се толку екстровертни и срдечни како нас, не е дека Летонците се асоцијални и непристојни суштества, туку напротив, тие сакаат да им дадат шанса на сите да избегнат срамни муабети или непотребни поздрави.

Ова во никој случај не е незаинтересираност или лоши манири, туку простор што луѓето имаат право да го земат за себе и за своите мисли. Креативноста е важен дел од нивниот идентитет, а многу студии покажуваат поврзаност помеѓу креативноста и склоноста кон осаменост.

Летонската интровертност во никој случај не значи недостиг на емпатија, пристојност или љубезност. Ова е всушност начинот на кој жителите на оваа балтичка земја му даваат можност и право на секој да биде во својот свет и да не размислува што и како некому да му каже. Кога ќе ги поставиме работите во таа перспектива, зарем не сакате да живеете во Латонија барем еден ден?

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура