X
 06.04.2018 Економија

Што би било ако на секој 25-годишен Македонец, државата би му дала еднократна помош од 15.000 евра?

„Граѓанскиот фонд за имот би им овозможил на граѓаните заеднички да поседуваат дел од нашето национално богатство и да се обезбеди секој да реализира корист од зголемувањето на приносот на капиталот, а не само луѓето што ќе наследат или веќе поседуваат имот“ - оваа реченица не е извлечена од неосоцијалистички манифест или изборна програма на некои од европските радикални левичарски политички партии, туку цитат на британската економистка Керин Робертс, вработена во „тинк-тенк“ Институтот за истражување на јавната политика.

Робертс заедно со колегата Метју Лоренс, се автори на публикацијата во која се зема во предвид создавањето на „национален фонд“ чии средства би се полнеле со продажба на државен имот, финансиски трансфери од државниот буџет и можеби приходи обезбедени од реформа на постојните даноци. Она што е интересно во моделот е плаќањето од фондот, дизајнирано како директен еднократен трансфер, еден вид на дивиденда, на сопствениците.

Конкретно, предлагаат од фондот да се обезбеди универзално наследство што ќе изнесува околу 15.000 евра за секој Британец кој има 25 години. Објаснувањето за овој модел е релативно едноставно. Директнио трансфер на пари од јавен фонд на сметката на сопствениците е најдобра опција во однос на можноста средствата да се плаќаат во буџетот и така да се финансира идната јавна потрошувачка затоа што се проценува дека директното плаќање има значително поголем потенцијал да резултира со ефект врз животот на поединците. Од друга страна, исплатата е темпирана за 25-та година од животот бидејќи авторите проценуваат, врз основа на емпириско истражување, дека сопственоста на капиталот во оваа фаза на животот игра важна улога во отворањето на можности за живот.

Поедноставно кажано, оние кои денес на оваа возраст поседуваат значителен износ на пари, можат да одлучат дали да ги потрошат за факултет, дали да купат недвижен имот, дали да основаат семејство или да започнат бизнис. Фер би било, а и социјално корисно кога оваа можност би била достапна за сите, а не само за оние чии предци биле финансиски успешни.

Овој предлог, се разбира, не е ништо повеќе од увезена провокативна идеја чија подетална анализа веројатно би открила голем број потенцијални проблеми. Сепак, вистинското прашање не е дали оваа идеја е добра или не, туку зошто воопшто не постојат слични идеи во македонскиот јавен простор и политика. Затворени во самоопределената предвидливост, домашната политика е помалку способна да произведе било какви сугестии што ќе ги инспирираат или мотивираат гласачите. Првите жртви на таквата општа неизбежност, скриени во стравопочитувачката „политичка стабилност“, се младите. Зарем не е време некој на политичката сцена да посвети внимание на идеите што произлегуваат од рамките на „можното“? Таквиот пристап долгорочно би значел и повеќе од 15.000 евра на сметката.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија