Милано наскоро ќе добие зелена кула што ќе ја збогати убавината на градот.
„Дилер Скофидио + Реинфро“ и „Стефано Боери архитекти“ победија на натпреварот „Пирели 39“, проект дизајниран како дел од големиот напор за реновирање на постојна зграда. Дел од проектот за реновирање вклучува промени во кулата „Пирелино“, покрај новата
зелена станбена кула. Двете згради ќе бидат поврзани со лебдечка база што ќе функционира како мост од стаклена градина и ќе биде место каде што ќе се одржуваат јавни едукативни настани и програми, а тука ќе биде сместена и „библиотеката на дрвјата“.
Победниците на натпреварот го опишуваат проектот како можност да се воведе природен дизајн, истовремено подобрувајќи го урбаниот живот.
- Бидејќи голем дел од нашата работа е насочен кон иднината на градовите, проектот „Пирели 39“ претставува одлична можност за развој на нов модел со мешана употреба и одржлив урбан раст. Проектот комбинира приспособлива употреба на зградите со еколошки одговорна нова градба и живописна културна дестинација посветена на уметноста и науката за растенијата - вели архитектот Елизабет Дилер.
Овој фокус кон екологијата е она што ја натера КОИМА, компанија за инвестиции и развој која го организирала натпреварот, да ги избере токму овие дизајнери. Жирито оценило дека овој проект се фокусира на односот помеѓу урбаноста и природата; се користи вегетација што се простира на 1.672 квадратни метри низ целата нова станбена кула, така што ќе помогне да се надомести јаглеродниот отпечаток на зградата со апсорпција на 14 тони јаглероден диоксид и производство на 9 тони кислород на годишно ниво.
Дополнително, користеното дрво во текот на целиот проект ќе помогне и во минимизирањето на неговиот јаглероден отпечаток. А со речиси 2.800 квадратни метри фотонапонски панели, 65 отсто од енергетските потреби на зградата ќе бидат задоволени преку соларна енергија.
- Овој проект ќе ја заживее поранешната зграда „Пирелино“, создавајќи нова кула што ги меша архитектурата и природата за да создаде зелен простор отворен за целиот град. Во толку тежок период, овој проект ја почнува визијата за Милано и храбро се исправува пред големите предизвици на климатската криза - вели Стефано Боери.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: Diller Scofidio + Renfro, Stefano Boeri Architetti, COIMA, Aether Images -
Instagram |
Facebook