X
 15.08.2018 Живот

Причината поради која се сруши мостот во Џенова... Кој ќе ја преземе одговорноста?

Инженерски професор во 2016 година предупредил дека „Моранди“, мостот во близина на Џенова што се сруши вчера, требало да биде целосно реконструиран бидејќи неговата структура се влошила премногу брзо.

Изграден во 60-тите години, мостот што служел и како автопат бил подложен на големи поправки во 80-тите, 90-тите и неодамна во 2016 година, приватната компанија „Аутостраде“ работела на зајакнувањето на нејзината основа.

Портпаролот на „Аутостраде“ изјави дека поправките биле добро следени и надгледувани и дека не постоела причина мостот да се смета за опасен.

- Континуираните трошоци за неговото одржување посочуваат дека за неколку години ќе ги надминат трошоците за реконструкција на мостот: тогаш ќе дојде време да се руши и повторно да се изгради - изјавил пред две години Антонио Бренчиќ, професор по инженерство на Универзитетот во Џенова.

1
Фото: Associated Press


Додека ваков мост би требало да трае најмалку 100 години, професорот смета дека една од кулите, поточно источната, требало да биде зацврстена со замена на клучни компоненти, само 20 години по изградбата.

Луиџи Данџело, висок официјален претставник на агенцијата за цивилна заштита, изјави дека властите немале доволно информации за да разберат како се случил инцидентот. Сепак, директорот на „Аутостраде дел Тронко Џеновезе“, Стефано Мариглијани, кој е одговорен за одржување на автопатите во регионот, изјави дека катастрофата не можела да биде предвидена.

- Не постоеја никакви знаци за опасност. Мостот беше предмет на чести проверки и постојано беше следена неговата инфраструктура. Работите во тек беа само обично одржување - изјави тој.

Рикардо Моранди, инженерот кој го изградил мостот, бил познат по неговата иновативна употреба на армиран бетон. Тој исто така го изградил мостот „Маракаибо“ во Венецуела, кој делумно се распаднал откако бил погоден од бензински танкер во 1964 година, две години по неговото завршување.

Моранди, кој исто така бил дел од тимот што ги изградил градежните мостови во Фиренца и во близина на Фиумичино во Рим, си го одзел животот на Божиќ во 1989 година.

Архитектот Диего Зопи, поранешен претседател на „Џеноесе Ордер“, вели дека мостот имал недостатоци во конструкцијата.

- Пред 50 години постоеше неограничена доверба во армираниот бетон. Се веруваше дека е вечен. Со континуираните вибрации од сообраќајот, пукнатините на цементот пропуштаат воздух, кој допира до внатрешната метална конструкција и ја тера да оксидира - вели тој.

- Поради оваа причина, мостот секогаш бараше обемна работа за одржување. Градбите изградени во Италија во 50-тите и во 60-тите години итно мора да се реновираат, а опасноста од колапс е потценета - додава тој.

Друг проблем со мостот беше тежината на возилата што минуваа по него бидејќи тој беше главната артерија што ги поврзуваше Југозападна Франција и Северозападна Италија со срцето на земјата.

- Кога беше изграден, не беше планот да има толку сообраќај со тешки возила - изјавил поранешниот градски советник Џани Васало на интервју во 2014 година.

Колапсот на мостот одзеде најмалку 30 животи. Неколку домови и бизниси во близина беа евакуирани поради стравувањето дека останатите делови од мостот би можеле да пропаднат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот