X
 06.06.2024 Наука

Австријци ставаат паметни брави за поштарите да им влезат во домот и да го остават пакетот

Во јули Австрија воведува услуга за достава на пакети на домашна адреса. Оваа земја е прва во Европа што на доставувачите ќе им овозможи да влезат во домовите на корисниците за да го остават нарачаниот пакет.

Ваквата услуга за испорака се тестира од 2021 година и ќе биде достапна за сите Австријци постари од 18 години без дополнителни трошоци. Услов е таканаречената паметна брава, уред кој го нуди компанијата „Нуки хоум солушнс“ за 289 евра.

По инсталирањето на бравата, поштарите може да користат мобилен уред за да ја отклучат вратата, да го остават пакетот на одредена локација во домот и повторно да ја заклучат вратата на заминување.

Идејата за ваквото решение се појави поради зголемената популарност на онлајн купувањето. Само минатата година австриската поштенска компанија обработила рекордни 200 милиони пакети.

Иако поштата нема пријавено никакви инциденти за време на пилот-тестирањето, услугата предизвика реакции на интернет поради потенцијални безбедносни проблеми. Некои се многу скептични за новата услуга.

- На луѓето им е тешко да замислат да пуштат непознат човек во нивниот стан или дневна соба. Оваа услуга е за специфична целна група до која сакаме да допреме - вели Маркус Лајтгеб, портпарол на поштенската компанија.

Услугата е наменета за клиенти на онлајн продавници во урбани средини кои прават чести нарачки. За разлика од руралните области, каде што пакетите може да се остават во градините или гаражите, жителите на градовите често немаат безбедно складиште на отворено, па затоа мора да останат дома или да ги подигнат пакетите во дистрибутивен центар. Со новата услуга потрошувачите би можеле да го избегнат тоа. Тоа би можело да спречи и кражба на пакети оставени надвор од домот, што е проблем со години.

Иако има и такви што се загрижени за ваквата практика, првичната побарувачка беше „огромна“. Од компанијата велат дека примиле 2.000 барања за паметни брави во првите 24 часа по објавувањето на веста за новата услуга. Меѓу потенцијалните први корисници на системот во Австрија би можеле да бидат околу 40.000 луѓе кои веќе ја имаат паметната брава „нуки“.

Иако овој концепт е нов во Европа, тој веќе се користи во САД. На пример, „Амазон“ нуди испорака во гаража со помош на паметен клуч, а „Волмарт“ доставува намирници директно до фрижидерите на клиентите. Сепак, не сите такви услуги се успешни: испораката во автомобил на „Амазон“, која овозможи пакетите да се ставаат во багажниците на автомобилите, беше укината во 2021 година.



Извор: n1info.hr
Фото: Nuki.io
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука