X
 06.06.2026 Живот

Елена Антовски од „НОВА“ влезе на „Браун“, а примена е и на десетина други универзитети: „Со отворениот курикулум ќе ги следам двете најголеми страсти - биомедицинското инженерство и глумата“

Талентираната матурантка Елена Антовски од мeѓународното училиште „НОВА“ во Скопје, воедно и добитничка на стипендијата „Борис Трајковски“, наесен почнува со студии на престижниот Универзитет „Браун“ во Род Ајленд, Провиденс, САД, член на елитната Ајви лига.

Таа е примена на Универзитетот Браун, со намера да студира биомедицинско инженерство. Од 47.937 апликанти, таа успеа да влезе во 1.674 примени студенти во регуларниот уписен рок, што претставува стапка на прием од 3,8%. Комисијата за прием беше инспирирана од достигнувањата на кандидатката за креативното размислување, интелектуалната љубопитност и потенцијал да придонесе во академската заедница Браун.

Елена имаше голем избор за студирање на други престижни универзитети зашто нејзините апликации освен од „Браун“ беа прифатени и од други светски реномирани високообразовни институции, како што се Универзитетот на Северна Каролина на Чапел Хил, каде што доби и целосна стипендија „Морхед-Кејн“, Кралскиот колеџ во Лондон, Бокони, универзитетите во Единбург, Торонто и Манчестер, а во моментов е на листите на чекање на Принстон, Јејл и Колумбија.

Одлуката за избор не беше лесна

- Крајната одлука воопшто не беше лесна. Долго време се двоумев помеѓу „Браун“ и целосната стипендија „Морхед-Кејн“ на Универзитетот на Северна Каролина. При мојата посета на факултетот во Северна Каролина бев топло пречекана и се спријателив со многу прекрасни луѓе. Дополнителен предизвик беше фактот што сум првата Македонка што ја добила оваа стипендија, па немав со кого од нашите простори да се консултирам за нивното искуство. Во моментите на најголема неодлучност се случи нешто многу симболично. Неколку дена пред рокот за одлука од училиштето ни ги вратија писмата што ги имавме напишано до себеси на првиот ден од средното образование. Во моето писмо го имав споменато токму Универзитетот „Браун“. Тој момент ме потсети на мојата првична цел, а кога на тоа ќе се додадат можностите што ги нуди тој универзитет, знаев дека е вистинскиот избор за мене - вели Елена.
Уникатниот отворен курикулум на „Браун“ е уште една причина што ја привлече да го одбере овој универзитет, каде што нема задолжителни општи предмети и дозволува студентите да ги истражуваат своите интереси без ограничувања. Ова ѝ овозможува целосна слобода паралелно да ги следи нејзините две најголеми страсти - биомедицинското инженерство и глумата.




Процесот на аплицирање е долг, напиша дури 40 есеи

Процесот на аплицирање беше долг, напорен и бараше голема лична жртва во однос на слободното време. Овие неколку месеци таа мораше да го промени секојдневието за да ги подготви апликациите и истовремено да постигне високи оценки во училиште. Елена вели дека не се гледала со пријателите толку често колку што сакала, но затоа ова лето тоа ќе биде целосно надоместено.

-Интензивно ги спремав апликациите од септември 2025 сè до јануари 2026 година. Оние за универзитетите во Велика Британија ги завршив релативно брзо бидејќи нивното мотивациско писмо е строго академски настроено. Меѓутоа, за американските универзитети ми беше потребно многу повеќе време. Нивниот систем за аплицирање е холистички структуриран, така што тие не сакаат да ве запознаат само како ученик преку оценките и активностите, туку, пред сè, како човек преку разновидни есеи за вашите лични искуства. Најголем предизвик ми беше да го доведам до совршенство главниот есеј, кој го испратив на сите факултети во САД. Тој процес бараше длабока саморефлексија, во која се соочив со фактот дека тоа совршенство што го барав, всушност, не постои и дека е доволно да верувам цврсто дека она што имам да го дадам е повеќе од доволно. Напишав над 40 есеи - додава матурантката.

Покрај есеите, имаше и интервјуа со неколку факултети. Најдетални беа интервјуата во процесот на аплицирање за престижната целосна стипендија „Морхед-Кејн“ на Универзитетот на Северна Каролина. Таа е првата студентка од „НОВА“ што ја добила оваа престижна награда, првата Македонка и единствена од континентална Европа оваа година.




Добитничка на престижни стипендии

Првата рунда вклучуваше десетина есеи, резиме и видеоесеј, кои ги работев релативно кратко време. Мислам дека токму ова овозможи да не премислувам што пишувам и да дојде до израз мојот искрен карактер. Полуфиналето беше автоматизирано интервју каде што имав само две минути усно да одговорам на неочекувани прашања пред камера. Потоа следуваше виртуелно интервју и на крајот, како финалист, бев поканета во САД на кампусот на училиштето со целосно покриени трошоци за натпревар во живо. Таму поминав низ четири етапи на тестирање: тимска работа, две интервјуа со комисија, пишување аргументативен есеј на самото место со тајмер и квиз за општо знаење. Тоа беше незаборавно искуство во кое се спријателив со талентирани млади луѓе од целиот свет и значително си го проширив светогледот - додава Елена.

За да ги добие престижните стипендии „Морхед-Кејн“ (Morehead Scholar) на Универзитетот на Северна Каролина и НОВА – „Борис Трајковски“ за средношколско образование, несомнено беа потребни висок успех и долгогодишни иницијативи надвор од училиштето.

- Сепак, надвор од овие биографски постигнувања, сметам дека пресуден фактор беше мојата автентичност низ процесите на селекција. Мојот пристап беше да бидам целосно искрена во врска со моите верувања и вредности.

За време на интервјуата во живо во процесот на селекција за „Морхед-Кејн“ комисијата постојано ги предизвикуваше нашите размислувања и ставови. Во тие моменти верувам дека најмногу ми помогна мојата отвореност да сослушам поинакво гледиште, па дури и подготвеноста да го сменам сопственото мислење доколку соговорникот има посилни аргументи. Искрено верувам дека од суштинско значење е да се негува љубопитност кон туѓите перспективи, бидејќи само така растеме како личности.

За двете стипендии, „Борис Трајковски“ и „Морхед-Кејн“, сметам дека исто така беше клучно што другите кандидати не ги доживував како конкуренција што треба да ја победам, туку како извонредно интелигентни и инспиративни млади луѓе со кои можeме меѓусебно да се надградувамe. Можноста да стекнам нови, перспективни пријателства, да научам многу за себе и да си ги проширам хоризонтите со тоа што дозволив светот да го погледнам низ нивните очи ми беше омилениот дел од двете искуства.

Голема помош од „НОВА“ при аплицирањето и изборот на универзитети

Искуството и поддршката од училиштето „НОВА“ одиграа суштинска улога во процесот на аплицирање и избор на вистинскиот универзитет.

-Самата ригорозна ИБ (International Baccalaureate – IB) програма и вонучилишните активности што ги нуди училиштето дополнително ме подготвија за академската ригорозност на престижните универзитети. Во овој обемен и често стресен процес од најголема помош ми беше нашиот академски и кариерен советник Ирена Филкова. Нејзината посветеност преку редовните предавања, персонализираните состаноци и континуираните стручни совети беше клучна за мојот успех. Таа знаеше како да ме насочи, да ми помогне стратешки да ги истакнам своите јаки страни и да донесам правилни одлуки при селекцијата на факултети. Навистина сум неизмерно благодарна за нејзиното менторство и на целото училиште за вербата во мојот потенцијал - нагласува Елена.




Математичарка со уметнички гени

Во текот на средното образование омилени предмети ѝ беа математика и танц.

-Предметот математика: анализа и пристапи на високо ниво (Mathematics: Analysis and Approaches HL) беше исклучително напорен и полн со предизвици. Меѓутоа, токму тоа ме мотивираше да изградам дисциплина и да размислувам надвор од она што го знам. Од друга страна, танцот ми овозможи да ја изразам мојата креативност и служеше како извонреден емотивен вентил. Иако овој предмет вклучуваше доста обемни писмени и теоретски оценувања, самиот чин на кореографирање и танцување за мене беше одмор. Преку движењата успевав да раскажам приказни и да ги преточам сопствените чувства во уметност, што позитивно влијаеше врз моето ментално и физичко здравје - вели Елена.



Таа повеќе од 11 години се занимава со балет, џез и современи танци во студиото „Арт балет“, а во рамките на „НОВА“ го основа и три години го раководеше училишниот клуб за танц заедно со блиските пријателки Моника Лазаревска и Тамара Ташковска. Во рамките на својот уметнички ангажман има настапувано во над 30 сценски продукции, меѓу кои се и главните улоги Венди во „Петар Пан“ (балетски мјузикл награден со „Златна бубамара“) и Алиса во „Алиса во земјата на чудата“. Учествува и во студиото „Бродвеј јуниор“, каде што неодамна ја толкуваше улогата на Јасмин во мјузиклот „Аладин“. Дванаесет години посетуваше часови по пијано и соло пеење во музичкото училиште „Пијано форте“.

-Уметноста е мојата прва љубов и навистина ме изгради во личноста којашто сум. Сцената ме научи на самодоверба и дисциплина, а секоја одиграна улога ми овозможи да ги преточам сопствените чувства во креативна форма на изразување. И покрај сите академски обврски, во уметноста пронаоѓам мир и инспирација - додава Елена.




Покрена иницијатива за влез на роботиката во училиштата низ државата

Во последниве четири години беше активна во клубот за роботика при училиштето „НОВА“.

-Започнав како механичар и раководител за социјални мрежи, а оваа година ја имам честа да бидам и капитен на тимот. Како дел од клубот, предводев четири успешни иницијативи за собирање средства за опрема и трошоци за натпревари, и едукативни програми за заедницата. Особено сум горда на кампањата „Девојки во СТЕМ”, преку која исклучително го зголемивме учеството на девојчиња во нашиот тим - вели таа.

За свој најзначаен ангажман во областа на роботиката ја смета програмата за едукација во роботиката РЕОП (Robotics Education Outreach Program) во која се појавува како коосновач со свои пријатели и која успеаја да ја подигнат на национално ниво.



- Во мојата прва година како стипендист во приватно училиште станав свесна за изобилството од можности што ги имав, но истовремено и за постоењето на нееднаков пристап до такви можности за соучениците во државни училишта. Токму затоа го започнавме РЕОП. Преку него обезбедивме грант од ЕУ од 2.300 долари, со кој организиравме двомесечна, бесплатна национална програма и натпревар за роботика и кодирање за средношколци во просториите на ФИНКИ. По натпреварот дониравме опрема за роботи на државни училишта во Скопје и ги поддржавме да започнат клубови за роботика. Оваа година започнавме да работиме и со дечиња од основни училишта и дониравме училишна опрема на здружението „Сумнал“. Оваа иницијатива ми е навистина драга и искрено ми го зацврсти верувањето дека е наша колективна одговорност да се погрижиме секое дете да биде препознаено и да добие шанса за напредок - вели Елена.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот