X
 06.07.2022 Економија

Платите на хигиеничарите во Австралија само растат, а повторно нема доволно кадар

Фирмите за хигиенски услуги во Австралија им плаќаат над 90.000 долари годишно на вработените, пишуваа „Дејли мејл“.

Џој Вес, директорка на компанијата за чистење „Абсолут доместикс“, вели дека фирмата морала да ги зголеми платите бидејќи не можела да најде работници. Сега хигиеничарите што работат преку оваа фирма се платени 45 долари за час, што значи дека добиваат 93.600 долари годишно доколку работат осум часа дневно, пет дена во неделата.

За споредба, почетната плата на годишно ниво во Австралија за работниците во здравството е 72.000 долари, во правниот сектор е 66.000 долари, во градежништвото е 65.000 долари, а во енергетскиот сектор е 70.000 долари, според податоците на „Дејли мејл“.

Вес открива дека новото покачување на платата на хигиеничарите било по само девет месеци од претходното покачување на 35 долари за час. Но и покрај тоа, таа не може да најде доволно работници во некои делови од Сиднеј. Затоа сега бара од Владата да им дозволи на странските студенти да работат повеќе часови.

Во меѓувреме, и други компании за чистење нудат високи плати. „Урбан компани“, која плаќала 35 долари за час, сега  ги плаќа вработените од 40 долари до 54,99 долари за час. Во зависност од брзината на чистење, може да се заработи и до 60 долари за час.

Извор: Daily mail
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија