X
 06.07.2026 Живот

Бројот на милионери експлодира: Светот за една година доби речиси милион нови богаташи

Глобалното лично богатство забележа најголем раст во последните осум години. Според најновиот извештај на УБС (UBS), во текот на 2025 година во светот се појавија речиси милион нови милионери, додека јазот меѓу најбогатите и остатокот од населението дополнително се продлабочи.

Како што наведува „Глобал велт рипорт 2026“, вкупното лично богатство во светот минатата година порасна за 10,8 отсто, што претставува најголем годишен раст од 2017 година.

Сепак, најголема корист од тој раст остварија најимотните слоеви на општеството.

Според податоците од извештајот, околу 1,5 отсто од најбогатите возрасни жители на планетата денес поседуваат речиси половина од вкупното светско богатство, додека во многу држави медијалното богатство стагнираше или дури и опадна, и покрај растот на просечната вредност на имотот.

Речиси милион нови милионери

Во текот на 2025 година во светот се појавија речиси милион нови милионери, односно повеќе од 2.600 секој ден.

Најголемиот дел од новите милионери доаѓаат од САД, каде што е регистриран речиси половина од вкупниот број новостекнати милионери.

Во САД просечното богатство по возрасно лице достигна 696.277 американски долари, додека медијалното богатство изнесуваше 68.998 долари, што укажува на сè поизразена концентрација на богатството во рацете на помал број најбогати граѓани.

Нееднаквоста и понатаму расте


Авторите на извештајот предупредуваат дека иако во последните 25 години значително е намален бројот на луѓе чиј имот вреди помалку од 10.000 долари, растот на богатството не е рамномерно распределен.

Според нивните процени, идниот раст на личниот имот сè повеќе ќе зависи од пристапот до финансиските пазари, инвестициите и капиталот, што би можело дополнително да ги зголеми разликите меѓу најбогатите и остатокот од населението.

Извештајот заклучува дека токму достапноста на инвестицискиот имот и финансиските пазари ќе биде еден од клучните фактори што ќе ја одредуваат распределбата на богатството во наредните години.

Извор: бука
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот