X
 06.08.2018 Наша тема

Се прават паралелки и со тројца средношколци. Очајна е состојбата во некои стручни училишта

Директорите на средните стручни училишта очајно бараат начин како да ги заинтересираат младите да ги учат овие дејности

Во Македонија фалат работници од повеќе сектори од машинската, угостителската, електротехничката, земјоделската струка. За неколку години тешко ќе биде да се најде заварувач, бравар, монтер, водоинсталатер бидејќи никој не се запишува на тригодишните програми во средните стручни училишта што го произведуваат овој кадар. А ова се дефицитарни кадри во државава. Директорите на средните училишта очајно бараат начин како да ги заинтересираат младите да ги учат овие дејности. Надеж гледаат само во дуалното образование и во поголема вклученост на стопанството.



Тригодишните машински профили во Битола останаа без ученици

Со ваков проблем сега се соочува Битола. Во средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола годинава не се пријавил ниту еден полуматурант што ќе учи во тригодишната машинска струка - обработувач на метал/заварувач и инсталатер за греење и климатизација/машинист за енергетски постројки. За електромеханичар, исто така тригодишна програма, се пријавиле само седум ученици, па не се знае дали ќе успеат да направат паралелка.
- За тригодишната машинска струка немаме ниту еден ученик годинава, а овој кадар и тоа како е баран на пазарот на трудот. Две компании од Битола ми бараат по 20-30 ученици да работат како заварувачи, дел бравари, а немаме ниту еден да им препорачаме. Од мои сознанија почетната плата за оваа струка е 17.000 денари – вели Владимир Роме, директор на училиштето.
Тој смета дека голем проблем е и тоа што според новиот конкурс за упис во средните училишта, укинат е августовскиот уписен рок.
- Ова првпат се случува. Ставија два рока само во јуни, во август веќе нема уписи. Инаку, имам сознанија дека шеесетина ученици од Битола не се запишани во училиште. Како да ги запишеме кога нема уписен рок во август – прашува овој директор.

Како ќе се запишат учениците што ги пропуштија роковите или кои се одбиени, прашавме во Министерството за образование и наука. Ни одговорија дека уписот на ученици во средните училишта се одвива тековно.
- Од 20.699 ученици што годинава завршија деветто одделение, во текот на два уписни рока во јуни веќе се запишаа 15.310 ученици. Имајќи го предвид фактот дека во многу училишта сѐ уште има слободни места, убедени сме дека ниту еден ученик што ги исполнува условите нема да остане надвор од образовниот процес – велат од МОН.

Според Роме, погрешната политика на МОН во изминатите години е најголем виновник што младите не сакаат да учат занаетчиски дејности.
- Се популаризираа гимназиите, но еве и таму нема деца. Проблем е што сите гледаат да учат четиригодишно образование за да може да одат на факултет. Никој не сака три години да учи. Исто така, сметам дека МОН не треба да ја крои уписната политика на училиштата. Треба да се дозволи тоа да го прави локалната самоуправа, која најдобро знае каков кадар му треба на секој град бидејќи има тесна соработка со стопанството – вели Роме.



Во Скопје само тројца пријавени за водоводџија и заварувач

И во средното училиште „8 Септември“ на Град Скопје годинава има рекордно најмал број на пријавени ученици за тригодишните програми.
Директорката Елизабета Младеновска вели дека за двата образовни профили - инсталатер на водовод и заварувач/обработувач на метал - се пријавиле само по тројца ученици и за македонски и за албански наставен јазик.

- Поднесовме молба до Град Скопје да ни дозволи да формираме паралелки. Иако секоја година се соочуваме со намален број на ученици, годинава стоиме најлошо со бројките. Се трудиме да привлечеме повеќе ученици, снимаме промотивни видеа, гостуваме по емисии, но едноставно децата не сакаат да учат. Не ми е јасно зошто гимназиите се толку привлечни – вели Младеновска.
И за преостанатите четиригодишни профили во ова школо има по едвај десетина пријавени кандидати.
- Проблем е и тоа што годинава нема трет уписен рок во август. Обично сме добивале понекој ученик плус кој бил одбиен од другите училишта. Нашите профили се дефицитарен кадар, има работа. Ми се јавуваат од повеќе компании, бараат ученици и за пракса, но немаме да им понудиме – вели таа.

Младеновска смета дека е потребна поголема афирмација на овие профили. Таа како добар модел го издвојува дуалното образование што веќе го има во „Михајло Пупин“.
- Тоа е мерка што ја поддржувам и сметам дека ќе им помогне на стручните училишта во земјава да добијат поголем број ученици. Ние сме расположени заедно со компаниите целосно да ги реформираме профилите и во следна фаза сигурно ќе се пријавиме за овој тип образование.

Во битолското земјоделско училиште учат само 45 ученици

Со екстремно намален број на ученици се соочуваат и дел од земјоделските средни училишта. Пример за тоа е средното општинско земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“. Го прашуваме директорот Благојче Кривевски каква е состојбата по годинашните уписи?

- Катастрофа. Имаме пет образовни профили. Лани запишавме 7, годинава 13 ученици. Во школово има 45 ученици вкупно. Зградата е огромна, па може да замислите како изгледа тоа. За среќа, тука ни се учениците од спортската гимназија, па се слуша некаков џагор – вели Кривевски.
Во 1959 година во училиштето имало дури 443 ученици. Драстичен пад има по 2000 година. Годинава има три ученици во насоката за агроменаџмент, четири за ветеринарен техничар, во насоката техничар за фармерско производство ќе има четири ученици и во насоката техничар за хортикултура има само еден ученик.
- Во план ми се неколку стратегии за да го заживеам училиштето. Има многу заинтересирани компании за соработка, па се надевам дека токму дуалното образование е спасот. Можноста за брзо вработување е голема бидејќи сите наши струки на учениците им нудат вработување веднаш по завршувањето на средното образование – вели тој.

Во некои од училиштата постои опасност и за кадарот. Голем број професори едвај стигнуваат до целосен фонд на часови, а некои мора да предаваат и во повеќе училишта.
Инаку, најголем дел од матурантите се запишуваат на факултет, што можеби е една од причините зошто учениците преферираат гимназиско образование. Но, исто така треба да се земе предвид дека на листата на Агенцијата на вработување постојано расте бројот на невработени со високо образование, магистри и доктори на науки.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема