X
 04.04.2019 Наша тема

Четирите технички школи во Скопје ги водат професори по физичко

Јас сум убеден дека не е случајно што се погодивме во оваа учебна година да бидеме сите директори од Факултетот за физичка култура, оти како индивидуи сме посоцијализирани, имаме менаџерски дух и сме отворени за соработка, вели Димитар Ѓорѓиев, директор на „Михајло Пупин“


Четирите технички средни училишта во Скопје во оваа учебна година имаат директори што дипломирале на Факултетот за физичка култура или како што популарно се нарекуваат „дифовци“ (од изразот Државен институт за фискултура, кој порано се користел). Овој куриозитет ни се виде интересен и затоа решивме да ги собереме на едно место и да ги запознаеме подобро.
Различни генерации дипломирани на Факултетот за физичка култура од Скопје, кои се познаваат со години и се одлични колеги и пријатели, ги обединуваат многу заеднички карактеристики, но најважни се ведриот дух и енергијата што ја шират. На едно место ги собра директорот на електротехничкото училиште „Михајло Пупин“, Димитар Ѓорѓиев, а се сретнавме во училиштето со најголем број ученици од стручните - „Владо Тасевски“, популарно познато како ПТТ.



Менаџери на средните стручни училишта се: Ферид Кочан на АСУЦ „Боро Петрушевски“, Кенан Асани – на средното машинско „8 Септември“ познато како ЕМУЦ, Александар Сибиновски – на „Владо Тасевски“.
- Статистички, на ниво на поранешна Југославија најмногу менаџери и директори во основните и средните училишта беа „дифовци“, а по нив - одделенските наставници. Јас сум убеден дека не е случајно што се погодивме во оваа учебна година да бидеме сите директори од Факултетот за физичка култура, оти како индивидуи сме посоцијализирани, имаме менаџерски дух и сме отворени за соработка. Сите ние сме колеги, нонстоп се среќаваме по натпревари, сме носеле екипи. Ги познаваме работите на училиштата и дојдени сме за да го подигнеме нивото на стручното образование, пред сè, - вели Ѓорѓиев, кој предава во ова училиште 15 години.

Дисциплина и ред мора да постојат

Двојно поискусни во образованието се Асани и Кочан, со повеќе од 30 години.
- Ние сме борци, не седиме на едно место. Не чекаме некој нешто да ни даде гратис, оти самиот спорт нè учи така. Кога се занимаваме со некој спорт, ние не сме најдобрите, почнуваме да го учиме спортот од почеток, чекор по чекор. Поминуваме низ многу етапи, со разноразни тренери. Имаме многу контакти и без разлика дали станува збор за индивидуален или тимски спорт, работиме тимски и слушаме совети - вели Асани, кој четирипати бил првак во карате на Македонија.


Aсани Кенан

Тој додава дека на дипломираните на Факултетот за физичка култура не им недостига дисциплина и тимска работа. Асани е директор на ЕМУЦ од октомври 2018 г., а бил член на управен одбор повеќе години.
- Еден директор треба да е „прошетан човек“, да се сретнал со неправди, а во спортот нив ги има колку што сакате. Мислиш дека некој те осудил непотребно, па се бунтуваш. И треба да се соочиш со сето тоа. Исто е и со животот. Јас сум работел и во топилница и знам што е тешко - вели директорот на „8 Септември“.

Најискусен во образование е Ферид Кочан, директорот на Автосообраќајниот училиштен центар „Боро Петрушевски“, кој работи 35 години во просветна дејност, и тоа во ова училиште. Тој смета дека денес е најважно директор да знае да менаџира, не е ниту важно што завршил, односно дали е од дејност сродна на училиштето што го води.
- Средните стручни училишта се плодна почва за еден таков кадар како што се колегите по спорт. Тоа се луѓе што од мноштво избираат најдобри. Дисциплина и ред мора да постојат. Тие квалитети ги поседуваат професорите. Тие мора да имаат комуникација и со играчите, и со судиите, и со публиката. Во нашето училиште учат и Македонци и Албанци. Нескромно ќе кажам дека меѓучовечките односи никогаш не биле подобри. Односот меѓу учениците исто така е подобрен. Не се случило да се задеваат на меѓуетничка линија, можеби надвор се случува тоа, ама на училиште не  - вели Кочан.


Ферид Кочан

Најмлад меѓу овие менаџери е Сибиновски.
- Иако сме од различни генерации, принципите на кои сме се обврзале се истите, оние на кои нѐ научил факултетот. Дисциплината ја пренесуваме тука. Ако има, ќе има и резултат. Кога има позитивна атмосфера, сè полесно се решава. Ние сме научени и кога има најголем проблем, да му гледаме в очи. Ако некој победи, му честитаме. Сите тие дружења, обуки, скијање се привилегија на нас, спортистите, таму учиме многу работи за социјализацијата - нагласува Сибиновски.
Неодамна ова училиште прослави 60 години од основањето. Сибиновски нагласува дека се радува што во училиштето гледа задоволни колеги и позитивен дух.


Александар Сибиновски

Ако те гледаат позитивно, значи дека добро работиш

Ние сме флексибилни луѓе и сакаме колегите на работа да бидат среќни, а не да им се враќаат нозете назад, вели Ѓорѓиев.
- Комуникацијата професор-ученик што ја има на ФФК ја нема во ниедно средно училиште или факултет. Професорите не го чуваат знаењето за себе.
Директорот на АСУЦ вели дека олку менаџери од оваа струка одеднаш немало во скопските училишта. Тој вели дека е нормално да постои скептицизам додека да ги запознаат подобро и да им дадат шанса.
- Нормално е да постои скептицизам. Фискултурците како колеги се секогаш добро примани во друштво и кога ќе дојдеме на такво одговорно место, не ни ги знаат менаџерските способности. Ако те гледаат позитивно, значи дека добро работиш - вели тој.


Димитар Ѓорѓиев

Сибиновски вели дека се труди да го слушне секое мислење и секој проблем од повеќе страни. За Асани, транспарентноста е многу важна.
- Во моето училиште никогаш не се знаело колку пари има, за што се трошат, кои програми ги работиме, а таму работам 23 години. Сега може кој сака да дојде слободно на увид. Јас тоа им го зборувам, дека МОН, БРО, Град Скопје се наши установи, тие не ни се непријатели. Интегралната инспекција што дошла, колегите се наши – тогаш ќе имаме успех. Ние тоа го учиме на факултет. Тие мислам дека ние на факултет учиме да скокаме, да трчаме... Ние секоја работа ја поткрепуваме со теорија. Кај нас е мерлива работата. Не можат да ни влијаат отстрана и луѓето стекнуваат доверба во нас - колегите, компаниите со кои работиме, меѓународните организации - објаснува Асани.
Овие училишта се многу активни и на полето на спортот и имаат училишни спортски клубови. Еден куп медали и пехари ги красат овие училишта.
Сите си посакаа по четири години повторно да се соберат на едно место и да зборуваат за резултатите.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема