X
 06.09.2019 Живот

Наставник предизвика контроверзии откако измисли нова техника против препишување

Професорот Луис Хуарез Тексис од Мексико предизвика лавина коментари на интернет откако ги натерал студентите да носат картонски кутии на главите додека полагаат испити, како метод против препишувањето.

Многумина сметаат дека со овој чин професорот ги понижил и им ги прекршил основните човекови права на студентите, откако фотографијата од него и неговите студенти со картонски кутии на глава се појавила на интернет.

Родителите на студентите ја споделија фотографијата на социјалните мрежи, а во соопштение бараат од образовните власти во Мексико да го отпуштат професорот.



- Го осудуваме овој чин на понижување, физичко, емоционално и психолошко насилство на кое се подложени студентите. Еве како Луис Хуарез Тексис ги третира и понижува студентите. Како родители загрижени за академската обука на нашите деца, ги молиме федералните и државните образовни органи и институции што ги обезбедуваат правата на младите да дејствуваат веднаш со отпуштање на Луис Хуарез Тексис, директор на Ел Сабинал, Тлакскала. Се надеваме дека овој вид насилство врз студентите нема да биде занемарен и дека федералните и државните власти ќе го отпуштат овој директор и со тоа ќе му стават крај на овој вид понижување во простор наменет за учење - напишаа лутите родители во соопштението на „Фејсбук“.

Фотографијата од студентите што носат картонски кутии со дупки за да можат да гледаат беше споделена илјадници пати на социјалните медиуми. Но, наместо да го осудат наставникот, повеќето интернет-корисници му честитаа за пронаоѓањето ефикасен начин да спречи студентите да препишуваат.

- Одлична работа, професоре, ова не им штети и всушност родителите повеќе треба да се грижат нивните деца да учат отколку за кутиите што ќе ги научат децата на одлична лекција - напиша во коментар еден корисник.

- Ова е одлична техника, честитки до наставникот - се надоврза друг.

На прашањето од локалните репортери за коментар за целата ситуација, Хуарез Тексис, кој на фотографијата е зад студентите што ги носат кутиите, изјави дека тој присуствувал само како набљудувач и дека студентите се согласиле на ваков метод против препишување.

Ова не е првпат да видиме ваква екстремна техника против препишување. Во 2013 година на интернет се појави слична приказна од Тајланд, каде што студентите беа принудени да носат „капи“ направени од хартија.

prepisuvanje
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот