X
 21.07.2026 Наша тема

Од најдобар студент до професор и научен истражувач со 7 труда - Дејан Јаневски му се врати на училиштето каде што ја засака ветерината

Дејан Јаневски, прогласен за најдобар студент на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ - Битола во 2019 година, денес го вложува својот потенцијал во образовниот систем и во училиштето каде што се вљуби во ветерината.

Како средношколец ја заврши ветеринарната струка во Средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола, потоа дипломира со највисок просек на Ветеринарниот факултет во Битола, а денес е научен истражувач во областа на ветеринарната медицина и професор во истото средно училиште каде што некогаш учел. Како професор по стручни предмети, неговиот наставен ангажман е насочен кон предметот Анатомија и физиологија на домашни животни, кој претставува една од основните и најзначајни дисциплини во ветеринарната медицина.

- Академските резултати што ги постигнав во текот на студирањето беа значаен фактор за започнувањето на мојот професионален пат како професор. Враќањето во истото училиште за мене имаше посебно значење – од ученик кој некогаш седел во училишните клупи да застанам од другата страна, како професор и да работам заедно со моите поранешни професори. Тоа претставува голема чест, но и одговорност бидејќи преку наставата имам можност да придонесам во образованието и развојот на нови генерации ветеринарни техничари - вели Јаневски.



Придонес кон образованието на нови стручни кадри

Во работата се води од начелото дека вистинската вредност на еден наставник се гледа во знаењето што го пренесува и во влијанието врз учениците, мотивирајќи ги да продолжат да учат, да се развиваат и да ја сакаат професијата што ја избрале.

- Љубовта кон ветеринарната медицина со текот на образованието кај мене прерасна во силна професионална определба, поткрепена со знаење, истражување и одговорност. Таа не е само лекување на животни, туку спој на наука, хуманост и грижа за целокупното здравје на живите организми. Токму можноста преку знаењето да помогнам, но и да придонесам во образованието и усовршувањето на нови генерации млади стручни кадри беше една од најголемите причини што го избрав овој благороден повик - додава Јаневски.



Признанието за најдобар студент – поттик за докторски студии

Ветеринарниот факултет во Битола (Интегрирани студии од прв и втор циклус) го заврши во 2019 година, во редовен рок од пет години, со просек 9,39. За постигнатиот успех му беше врачено официјално признание за најдобро дипломиран студент на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

- Признанието за мене претставуваше голема чест, но и потврда дека посветеноста, дисциплината и континуираната работа носат резултати. Воедно, беше силен мотив да продолжам со понатамошно академско и професионално усовршување, што ме насочи кон запишување докторски студии на Полјопривредниот факултет при Универзитетот во Нови Сад, Србија, на катедрата за ветеринарна медицина - вели Јаневски.

Со овој факултет имал воспоставена соработка уште во студентските денови. Докторските студии сега му овозможија да стекне нови знаења, соработки со ветеринарни експерти од различни земји на Балканот.



- Сметам дека ветеринарните кадри од нашата земја имаат висок потенцијал и квалитет, што се потврдува преку нивната стручност, посветеноста кон професијата и научната работа. Разликите најчесто не се во знаењето и способностите, туку во можностите за истражување, современата инфраструктура и достапноста на технологијата. Со континуирано вложување во образованието и науката, нашите ветеринарни експерти можат да бидат дел од регионалните и меѓународните научни текови - вели тој.

Во една година објави 7 научноистражувачки труда

На докторските студии успешно ги заврши сите студиски и истражувачки обврски со просек 9,80, а сега ја подготвува докторската дисертација. Јаневски за само една година објави седум научноистражувачки труда, на кои е прв автор, во реномирани списанија индексирани во Web of Science, Scopus и домашни бази.

- Истражувањата беа поврзани со мојата докторска дисертација и беа реализирани во соработка со стручни колеги од Универзитетите во Нови Сад и Битола. Научната работа бара многу повеќе од пишување на трудот – потребни се знаење, истрајност, тимска работа и подготвеност постојано да се надградуваат сопствените компетенции. Искуството како професор дополнително ми помага бидејќи наставниот процес постојано отвора нови прашања и идеи за истражување, а научните сознанија, пак, директно придонесуваат за поквалитетна и современа настава - додава Јаневски.
Посебна благодарност упатува до професорот од Ветеринарниот факултет – Битола, Живко Гацовски, кој уште од самиот почеток го насочувал и му помагал во процесот на развојот на истражувањата и научното објавување.



Ги поттикнува младите да веруваат во себе

- Од ученик во средното ветеринарно образование, преку студент на Ветеринарниот факултет, до професор и докторски истражувач во областа на ветеринарната медицина, овој пат ме научи дека секој успех се гради постепено, со желба за учење, одговорност и постојано усовршување. Затоа сметам дека наша задача како професори и ветеринари е да ги мотивираме младите да веруваат во себе, да го надградуваат своето знаење и да ја изберат оваа професија која нуди можност за личен развој и придонес кон општеството - заклучува Јаневски.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема