Пентагон проучува дали инсектите може да се „регрутираат“ за да се борат против загубата на приноси при итни случаи во земјоделството.
Бубачките би носеле вируси што би биле резултат на биоинженеринг, кои би можеле да бидат распоредени брзо ако важните житни приноси, како пченката или пченицата, станат ранливи на суша, природна непогода или неочекуван напад со биолошко оружје.
Концептот предвидува вируси кои прават генетички модификации кои во моментот ги штитат растенијата, за време на една сезона. Програмата е финансирана од Агенцијата на американското министерство за одбрана, одговорна за развој на нови технологии за војската на САД (ДАРПА) и има интересно име: Инсекти-сојузници. Но, според некои критичари, сето ова е малку морничаво.
Тим скептични научници објавија статија во списанието „Сајенс“ во која наведуваат дека програмата отвора Пандорина кутија и вклучува технологија која може да се сфати како напор за развивање биолошки агенти за непријателски цели. На страницата создадена од страна на критичарите стои и дека програмата на ДАРПА лесно може да се искористи како оружје.
Менаџерот на програмата, Блејк Брекстин, пак, истакна дека програмата е само за мирoтворни цели, дека е разгледана од владините агенции одговорни за безбедност во земјоделството и има неколку слоеви на гаранции, односно заштити во истражувачките протоколи.
- Не сметам дека јавноста треба да биде загрижена. Не мислам дека меѓународната заедница треба да биде загрижена - вели Брекстин.
Тој додава дека програмата вклучува нови технологии кои потенцијално би имале двојна намена, теоретски, или за одбранбени или за офанзивни цели. Но, тоа е така за речиси секоја напредна технологија, смета тој. Нагласува дека тие се фокусирани на позитивните цели.
Програмата во моментов предвидува три вида инсекти-штетници кои би биле сојузници, а кои во природата редовно шират вируси меѓу растенијата.
Неодамнешните напредоци во измените на гените би мoжеле потенцијално да им овозможат на истражувачите да ги приспособат вирусите за да постигнат некоја цел кај инфицираното растение.
Вирусот кој би бил продукт на инженеринг би можел да активира или да деактивира некои гени кои, на пример, го контролираат степенот на раст на растението, што може да биде корисно за време на неочекувана и тешка суша.
Според Брекстин, има неколку слоеви на заштита за да се осигури дека технологијата нема непосакувани еколошки ефекти. Целта на ДАРПА е да најде начин да направи привремена, корисна модификација кај растенијата во една
сезона на растење. Сепак, истражувањето може и да не вроди со плод.