X
 06.10.2021 Здравје

Секој трет има долгорочни симптоми на ковид-19, велат истражувачите

Истражувачи од Универзитетот „Оксфорд“ направиле анализа за да го одговорат ова прашање и откриле дека дури една третина од лицата со ковид-19 имале симптоми 3-6 месеци по дијагнозата. Во многу случаи пациентите мислеле дека оздравеле, а по неколку недели забележале нови симптоми или сфатиле дека не се целосно оздравени.

Истражувачите откриле и дека симптомите се разликувале во зависност од возраста и полот, но и нивната сериозност на почетокот. Во анализата биле употребени податоци од речиси 274.000 Американци што имале ковид-19, кои биле споредени со околу 114.000 лица што имале грип во истиот период.

Биле идентификувани 9 потенцијални симптоми на долг ковид-19. Дури 37 отсто од пациентите со ковид-19 имале барем еден од овие 9 симптоми, а тоа е 1,5 пати повисок процент од пациентите со грип.


Фото: Pixabay

Меѓу симптомите се наведуваат абнормално дишење, проблеми со абдоменот, болка во грлото или во градите, когнитивни проблеми, умор, главоболка, болка во мускулите, друг вид болка и анксиозност или депресија.

Најчест симптом бил анксиозност или депресија бидејќи 15 отсто од испитаниците го имале 3-6 месеци по дијагнозата. Меѓутоа, доколку се анализираат сите видови болка заедно, тогаш болката станува најчест долгорочен симптом на ковид-19. Истражувачите откриле и дека болката како симптом почесто се јавувала подоцна.

Жените и помладите лица почесто имале главоболки и болка во мускулите, а жените почесто имале и проблеми со абдоменот и анксиозност или депресија. Мажите почесто имале проблеми со дишењето и когнитивни проблеми.

Извор: World Economic Forum
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје