X
 21.03.2020 Живот

Професор Љупчо Кеверески: Светот треба да ја врати силата на емпатијата

Поводот за овој напис е дамнешен, но причината е актуелна, кога секој од нас треба да го даде својот придонес и да манифестира највисока лична и професионална одговорност. Во услови кога во светот „беснее“ најфреквентниот збор во нашиот речник според идната класификација на фреквенција на зборови (коронавирусот/Ковид-19), светот е пред задача да ја поврати силата на емпатијата, која има највисока психолошка цена за нашата иднина. Зошто?

Проф. д-р Љупчо Кеверески

Затоа што сигурно секој од нас повеќе или помалку се прашувал што би се случило кога треба да го провериме нашиот емпатички капацитет во услови на нарушување на „нашиот физички и психолошки комфор“?

Секако сте се прашале како да се однесувате во услови кога треба да се „спасите“ или да ги „спасите“ од заедничкиот непријател на човештвото кој ни го „узурпира“ нашиот физички и психолошки микро и макропростор. Уште поголем повод за овој напис е доскорешното тврдење на секој од нас дека денес живееме во свет во кој постои „нулти степен на емпатија“, луѓето го имаат намалено својот „психолошки капацитет за емпатичноста“, денес светот е премногу посветен на разумот, а не и на емоциите, сведоци сме на „ерозија на сочувствувањето“, дека имаме „пад на емпатијата“ или дека сме на прагот на „исчезнување на емпатијата“ (Koen Baron, S., 2011).

Аналогно на тоа прифатлив е и ставот дека во светот во кој живееме „изостанува емпатијата“ како една трајна психолошка карактеристика или релативно стабилна црта на личноста. Тој понатаму тврди дека секоја личност се наоѓа на одреден степен на емпатичност и тоа од оние што имаат или се на нулти степен на емпатичност, па до луѓе со хиперсензитивен степен. Се сложуваме и со тврдењето дека емпатијата претставува валиден индивидуален и општествен предиктор на моралноста. Афирмацијата и популаризацијата на овој феномен е сѐ понеопходна бидејќи индивидуалниот коефициент на емпатичност е директен индикатор на нивото на општествената емпатичност. 

Недоволната застапеност на емпатијата, која е мултифакторски детерминирана и условена од генска, срединска (контекстуална) и персонална детерминација, претставува опомена за нашето човештво, кое треба да се врати на патот на традиционалните хумани вредности на развој на поединецот и општеството во целина. Денес, човештвото во микро и макроамбиент има можност да го провери и верифицира цивилизацискиот коефициент на емпатија кој за многумина е најмасовниот тест за човештвото до денес.

Но, суштинската примена и проверка на коефициентот на цивилизациската емпатија е ДЕНЕС. Емпатија (од грч. εν — во; и грч. παθος — чувство, страст) oзначува сочувствување, соживување, германски “Einfühlung,” значи „сочувствување“ („feeling into”) е многу распространет и популарен феномен. Емпатијата подразбира способност емоционално да се разбере и доживее другата личност. Во суштина тоа е ставање во туѓа позиција и соживување со емоциите на другите. Еден од најпознатите автори во оваа област смета дека емпатијата е „способноста да препознаеме што друга личност мисли и чувствува и адекватно емоционално да одговориме соодветно на перципираната емоционална состојба“ (Koen Baron, S., 2011:24). 

Тој смета дека емпатијата се случува кога нашето внимание претставува да биде еднонасочно и наместо тоа, станува двонасочно насочено. Престон и Де Ваал во соработка со Хофман ја дефинираат емпатијата како состојба на субјектот која повеќе се однесува на состојбата на другиот, односно на самиот себе.

Овие дефиниции ни даваат спектар на размислувања кои ги одразуваат теориските и емпириските погледи на голем број автори во врска со овој феномен. Емпатијата ни овозможува да ги разбереме другите и често пати нѐ „присилува“ да преземеме мерки за да ги ублажиме емоционалните трауми на другите лица. Таа е комплексна вештина која ни овозможува да ги идентификуваме и споделиме емоциите со другите. Емпатијата е вештина како да ги доживеете емоциите на другите и како свои. И покрај јасната операционализација на овој поим сепак е тешко детално и сеопфатно да се дефинира и објасни. На крајот на ова појмовно разграничување би кажале дека емпатијата претставува „неприсилен-доброволен, слободен, внатрешен“ психолошки импулс кој го динамизира и насочува емоционалното однесување на поединецот кон другите.

Eмпатичноста останува императив на сите цивилизациски генерации. Емпатијата е наш судбински еволуциски предзнак бидејќи таа во својата основа има одредена генска детерминација. Ако човештвото го достигнува својот научно-технички врв, тогаш би требало да се стреми кон паралелен однос во постигнување идентични духовни вредности, бидејќи нашиот универзум би се нашол пред дилемата за својата иднина. Сегашниот, ако го претставиме како „низок“ просек на емпатија, тогаш тој не би бил компатибилен со нашата иднина, иднината на човечката цивилизација.

Во оваа смисла би можеле да истакнеме дека човештвото направи мегапромоција во постигнување врвни дострели во квалитетот на живеење, но засега тој не направи мегапромоција во постигнување високи човечки духовни вредности кои се универзални и вечни. Поединецот треба да се сврти кон својата внатрешност, бидејќи со тоа тој го задржува својот внатрешен свет. Општеството со своите морални постулати би требало да биде генератор на позитивни импулси со кои се јакнат персоналните капацитети на секоја индивидуа. Емпатичноста помеѓу луѓето треба да се практикува со засилен емоционален интензитет во интеркомуникациските релации бидејќи луѓето не го чувствуваат тоа. Емоционално и емпатично описменување на општеството е врвен национален и цивилизациски приоритет. Емпатијата би требало да биде идеал кој има моќ да го преобрази нашиот живот, како и да се остварат длабоки општествени промени. „Таа може да предизвика револуција во нашата перцепција на личните и професионалните односи“ (Хофман, 2003). 

Сите ние како никогаш досега треба да се свртиме и приближиме еден кон друг, поблиска опсервација на еден кон друг, гледање на другите со „нивни очи“ и од „ нивните обувки“ да ја согледуваме нивната емоционална ситуација. Тоа е голем предизвик и шанса за нас. Треба да се искористи можноста повторно високата моралност да биде дел од нас. Човекот има сила и мудрост и ќе ги искористи кога најмногу треба за себе и за другите.

Автор: проф.д-р Љупчо Кеверески, Педагошки факултет - Битола

Национален координатор на Интернационалната асоцијација за емоционална интелигенција, Њујорк

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот