X
 09.12.2020 Здравје

Како европските земји планираат да ги вакцинираат жителите против Ковид-19?

Како да вакцинирате над 7 милијарди луѓе против Ковид-19? Ова е предизвикот со кој се соочуваат здравствените власти низ светот. Засега, Велика Британија е единствената земја што дозволи јавно користење на вакцина против коронавирусот, но други земји работат на стратегии за вакцинирање.

Франција има план со три фази

Франција планира да го имплементира првиот дел од планот за вакцинирање во јануари. Во рамките на оваа фаза ќе се вакцинираат жителите на домовите за стари лица и работниците што имаат работа која носи поголем ризик за заразување. Првите вакцини, еден милион, ќе бидат наменети за овие лица.

Во втората фаза ќе се вакцинираат 14 милиони жители кои се со здравствени состојби и спаѓаат во ризични категории, како и некои здравствени работници.

Во третата фаза, која треба да заврши напролет, ќе се вакцинира останатиот дел од населението.

Португалија им дава приоритет на најранливите граѓани

Португалија има сличен план како Франција. Државата ќе им даде приоритет на 400.000 граѓани од најранливите групи во јануари. Земјата планира да вакцинира 1 милион луѓе до април.


Фото: Pixabay

Велика Британија почнува со вакцинација во вторник

Велика Британија веќе ги прими дозите од вакцината на „Фајзер“ и  на„Бајонтек“, која беше одобрена од регулаторните тела во земјата неодамна. Вакцинирањето треба да почне во вторник. Досега се добиени 800.000 дози кои ќе бидат наменети за старските домови - за вработените во овие домови, лицата на возраст над 80 години и некои здравствени работници.

Покрај оптимизмот, Обединетите нации (ОН) предупредија дека вакцината нема да биде доволна да се поправи штетата направена од пандемијата. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека вакцината нема да ја поправи штетата, која ќе се чувствува со години, па дури и со децении. Како најголеми закани за човештвото, Гутереш ги споменува заканата за глад и зголемена сиромаштија, и најголемата глобална рецесија во последните осум децении - нешто што не е предизвикано само од коронавирусот.

Гутереш ги повикал најбогатите држави во светот да ѝ помогнат на Светската здравствена организација да им дистрибуира вакцини на најсиромашните држави.

Извор: euronews.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје