X
 06.10.2024 Технологија

Скриена шема на процесор „Пентиум“ откриена во ткаење на Навахо килими

Инженерот Кен Шириф е надалеку познат по неговите фотографии со висока резолуција од архитектурата на различни силиконски чипови, но неговиот најнов увид во внатрешноста на процесорот „Интел пентиум“ е прилично необичен - се базира на навахо килим исткаен од Марилу Шулц во 1994 година.

- Брзајќи низ Националната галерија на уметноста пет минути пред затворањето, поминав покрај навахо ткаење со сложена апстрактна шема. Одеднаш сфатив дека шемата ми е чудно позната, па застанав и погледнав повнимателно. Дизајнот се покажа како слика на чипот „Пентиум“ на Интел, од почетокот на долговечното семејство процесори „Пентиум“. Ткајачката, Марилу Шулц, го создаде уметничкото дело во 1994 година користејќи традиционални материјали и техники - истакнал Шириф.

Шириф открил дека Интел го нарачал ова ткаење како подарок на Американското индијанско друштво за наука и инженерство. Шулц користела традиционални техники на ткаење, но наместо природни мотиви или апстрактни обрасци, нејзината работа покажува како изгледа оригиналниот процесор „Пентиум“ кога силиконскиот чип се гледа под микроскоп.

За време на разговорот со Шулц, ткајач на навахо и професор по математика, Шириф дознал дека килимот е создаден со помош на фотографија од чип „Пентиум“, а техниката на ткаење вклучува подигнување на контурите на секое парче, постигнувајќи тродимензионален ефект. Таа користела традиционални растителни бои, додека волната ја добивала од овците навахо-чуро.

- Килимот е толку прецизен, што секој регион може да биде означен со неговата соодветна функција во вистинскиот чип. Шемата е доволно точна за да се утврди дека претставува специфична варијанта на чипот „Пентиум“, наречен П54Ц. Мотивацијата за П54Ц беше да ги подобри перформансите бидејќи оригиналните чипови на Пентиум (наречени П5) не беа толку брзи како што се очекуваше и имаа проблем со прегревање - истакнал Шириф.

Шулц моментално работи на уште едно ткаење засновано на чип, овој пат со Ферчајлд 9040 - дел кој го изработуваат навахо инженери на земјата Навахо.

Извор: benchmark.rs

Фото: Benchmark

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија