X
 06.11.2018 Култура

Сѐ што досега знаеме за „Игра на троновите“ - премиера, актерска екипа, спојлери!

Зимата конечно дојде!

Белите шетачи го срушија Ѕидот, успеаја да земат змеј под нивна команда, а судбината на Вестерос лежи во рацете на Старк, пијаното џуџе, Мајката на змејовите, девојката без лице и момчето што се претвора во гавран.

Последната сезона на „Игра на троновите“ ќе биде епски спринт до самиот крај на гигантската приказна за кралевите и кралиците на Џорџ Р.Р. Мартин.

Значи, што знаеме за претстојната сезона?

Датум на премиерата

Додека Ејч-би-о потврди дека „Игра на троновите“ ќе се врати во првата половина на 2019 година, фановите веруваат дека серијата ќе се врати во април 2019 година.

На Мејси Вилијамс, која ја глуми Арја, во текот на интервју ѝ се испушти дека првата епизода ќе биде премиерно прикажана во април.

Што видовме досега?


Ејч-би-о ги крие деталите во врска со претстојната сезона, едвај откривајќи нови снимки, и прави сѐ за да спречи протекување на информациите. Фановите можеа да видат како Џон Сноу ја прегрнува својата сестра Санса Старк во кратка видеоснимка.

„Ентертејнмент викли“ ја објави првата (и единствена) официјална фотографија за време на сетот на „Игра на троновите“, на која Џон Сноу и Денерис се гушкаат.

Колку епизоди?

Додека првите шест сезони се состоеја од 10 епизоди, седмата сезона имаше само седум. Продуцентите Дејвид Бениоф и Д.Б. Вајс одлучија да ја ограничат должината на осмата сезона, така што ќе има само шест епизоди (продуцентите првично сакале последната сезона да биде составена од три филма наместо од шест епизоди, но Ејч-би-о беше против оваа одлука). Епизодите ќе бидат подолги од вообичаените 60 минути и ќе траат од 80 до 90 минути.

Шпекулациите се дека секоја епизода чинела 15 милиони долари за продуцирање, додека Емилија Кларк, Питер Динклаџ, Кит Харингтон и Лена Хедеи се платени по 500.000 долари од епизода.

Сценаристи на епизодите и режисери


Дејвид Натер - најдобро познат по режирањето на озлогласената „Црвена свадба“ - се враќа и ќе режира три епизоди од последните шест, вклучувајќи ја и премиерата, напишана од Дејвид Хил. Продуцентот Брајан Когман ја напиша втората епизода, додека Бениоф и Вајс ги напишаа последните четири.

Режисерот на „Битката на копилињата“, Мигел Сапочник, се враќа за третата и петтата епизода, додека Бениоф и Вајс ќе ја режираат последната епизода од нивната серија.

1
Фото: НВО


Нова актерска екипа


Со оглед на тоа што ќе има само шест епизоди со кои ќе заврши оваа епска приказна, не би требало да има многу нови ликови. Кастинзите за последната сезона беа двосмислени, со детали како „северна девојка“ и „момче“. Се претпоставува дека Хари Стрикленд ќе биде дел од актерската екипа.

Кој се враќа? (Внимание, потенцијални спојлери)


Заедно со главните ликови, Карис ван Хутен на нејзиниот инстаграм-профил објави дека Црвената жена се враќа. Велшкиот актер Вилф Сколдинг, кој го глумеше вистинскиот татко на Џон Сноу, Реган Таргариен во текот на финалето од седмата сезона, наводно ќе се врати - нешто што го напиша на неговиот инстаграм-профил, но подоцна постот беше избришан.

Битка што ќе им стави крај на сите преостанати битки

Со толку тајност и мистерии, многу малку знаеме за осмата сезона. Сепак, знаеме дека актерската екипа поминала 55 дена снимајќи една голема битка во Мониглас во Северна Ирска. Тоа е подолго од која било друга битка прикажана на „Игра на троновите“. Динклаџ изјави дека претстојната битка ја прави „Битката на копилињата“ да изгледа како забавен парк.

Првата сцена од новата сезона

Потврдено е дека сезоната ќе започне со пристигнувањето на Денерис и Џон во Винтерфел, а описот на сцената е: - Она што следува е возбудливо и напнато мешање на ликовите - некои што никогаш не се сретнале, други имале лоша историја - сите се подготвуваат за соочување со неизбежната инвазија на Армијата на мртвите.

Ејч-би-о можеби молчи во врска со финалето, но актерите во повеќе наврати зборуваа за неговиот крај. Емилија Кларк изјави дека сите ќе запомнат која беше Денерис.

Софи Тарнер го нарече завршувањето на серијата „задоволително“, додавајќи дека осмата сезона ќе биде покрвава од кога било и преполна со предавство, војна и опасности. Питер Динклаџ изјави дека серијата завршува брилијантно, многу подобро отколку што тој замислувал.

Спојлери од сетот

Оние што не сакаат да дознаат ништо, сега е момент да престанат да читаат бидејќи следните параграфи се темни и полни со спојлери.

Уште еден огромен замок

Во текот на продукцијата во Белфаст беше забележан сет на новоизграден замок. Се шпекулира дека би можело да станува збор за улиците на Кингс Лендинг, кои биле создадени за подоцна да бидат запалени - што значи дека змејовите доаѓаат во главниот град.

Кога сме кај огнот, еден фан на серијата случајно поминувал покрај сетот на Винтерфел кога забележал дека гори. Се чини дека Ноќниот крал и тоа како го користи змејот.



Исто така, Кит Харингтон и Џон Бредли биле забележани како заедно снимаат сцена. Не изненадува, со тоа што Сем Тарли моментално се наоѓа во Винтерфел, каде што Џон треба да пристигне.

Повторно обединување

Џејми Ланистер и Бриен биле забележани заедно на сцена. Шпекулациите велат дека во текот на четвртата епизода од осмата сезона Бриен и Џејми ќе бидат принудени да се борат заедно против Армијата на мртвите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура