Магдалена Алексовска дипломира на колеџот „Вагнер“ во Њујорк, САД, и за кратко време успеа да ја добие работата од своите соништа во славната „Метрополитен опера“.
Магдалена е пејачка, кантавторка и флејтистка која студираше музика како стипендистка на престижниот „Вагнер“ во Њујорк. На пошироката јавност ѝ стана позната по улогата на госпоѓица Хениген во мјузикл „Ени“. Пред тоа ѝ се претстави и на европската јавност, кога со своја авторска песна „Плетенка“ ја претставуваше Македонија на Детската Евровизија во 2015 година во Софија. Нешто потоа на „Американ протеже“ во Њујорк ја доби шансата да запее на најголемата сцена во „Карнеги хол“, во „Исак Стерн аудиториум“.
Ти си првата музичарка од Македонија што заврши на „Вагнер“ во САД, како го доживуваш тој момент?
- Привилегија и чест е да сум алумни од „Вагнер“, тоа многу значи. Сè уште не ми е верно дека сум дипломиран вокален уметник на „Вагнер“ и дека се поминати речиси четири години откако сум дојдена во САД. За мене, дипломирањето на „Вагнер“ е остварување на еден голем детски сон. Мило ми е што сум првата Македонка што заврши тука и се надевам дека ќе има уште многу Македонци после мене што ќе го одберат овој факултет.
Веднаш по дипломирањето се вработи во „Метрополитен опера“, како изгледа работата од соништата?
- Работата од соништата бара многу труд, знаење и способности кои јас ги стекнав во текот на моето школување и работа на „Вагнер“ во изминативе четири години. Америка функционира многу поразлично од Македонија, можностите се многу големи, но и конкуренцијата е фасцинантно поголема. За да успеам да влезам во „Метрополитен опера“, ова лето го поминав аплицирајќи на повеќе од 400 работни места, од кои 10 беа токму за оваа институција. Во моментов сум дел од администрацијата на „Метрополитен опера“. Како дел од оваа институција, влезот го делам со целиот тим на „Метрополитен опера“, со сите големи актери, оперски, режисерски и композиторски имиња. За само четири недели имав шанса да се запознаам со Александра Курзак, Ерин Морли, Квин Келси, Надин Сиера и многу други. Средбата со нив за мене беше фантазија... сон, а сега во нивно друштво можам да испијам кафе. Ја имав и честа да стапнам на сцената, од која се надевам дека во скоро време ќе можам да ја воодушевувам њујоршката публика.
Пееш, свириш, пишуваш... Кога осозна дека музиката ќе биде твојот животен избор и што влијаеше врз тој избор?
- Откако знам за себе, јас сум опкружена со музика. Дали при средување на домот се пеат песните на Тоше или пак „О соле мио“ ечи низ куќата, музиката секогаш ме опкружувала и ме следела. На седум години почнав во „Златно славејче“, а по една година почнав во „Илија Николовски-Луј“ во нижо музичко каде што шест години изучував флејта. Низ тие години ја добив шансата преку проф. Весна Димчевска, диригент на хорот „Пиколо“, да бидам дел од детскиот фестивал „Славјански базар 2013“ во Витебск, Белорусија. Таму го имав првиот настап во живо каде што првпат во мене се разбуди чувството дека сум родена за да бидам на сцена. Тоа беше само почетокот. Потоа секој нареден натпревар, настап, концерт, фестивал само ми потврдуваше дека моето место е во музиката и дека ова е мојот пат.
Дали настапот во „Карнеги хол“ пресуди да останеш да се образоваш во САД?
- Желбата за студии во САД се роди кога имав 12 години, што влијаеше врз одлуката да одам на аудиција за светски натпревар во САД. Настапот и наградата во „Карнеги хол“, како и четирите дена што ги поминав во волшебниот Њујорк, беа потврда дека таа желба сѐ уште е будна и ми го потврдија местото каде би сакала да бидам за време на студиите.
Каков е образовниот систем во САД, особено во музичката уметност, имаме ли сличности?
- Кога е во прашање образовниот систем, би рекла дека во САД начинот на едукација за сите професии е повеќе фокусиран на практичност. Имав многу проекти, семинарски, презентации низ кои го совладувавме материјалот. Кога е во прашање музичката едукација, покрај совладувањето на материјалот, најбитна е можноста за создавање искуство и доживување на професијата во реална средина, како на сцената така и зад неа преку комплетно создавање на многу музика, улоги, концерти, настапи, рецитали, натпревари и така натаму.
Имаше завидна музичка кариера и во Македонија, многу настапи на фестивали. Колку ти помогнаа тие настапи за кариерата во Њујорк?
- Настапите и фестивалите ми помогнаа многу во градењето на мојата биографија и кариера. Сето тоа ми помогна да станам дел од „Вагнер“, но и да добијам голема стипендија. Стекнатото искуство ми беше од голема помош, дури и покрај тоа што тие фестивали овде во САД не се многу познати, има моменти кога луѓето знаат за натпреварот и изразуваат воодушевување дека јас сум била дел од него, на пример, Детската Евровизија.
Кога ќе се спомене Њујорк мислиме на музика, уметност, авангарда, култура... Како изгледа Њујорк низ твоите очи?
- Њујорк е сè што замислував и повеќе, секое ќоше крие нешто ново. На почетокот бев баш турист и го посетував Тајмс сквер цело време и сите големи и популарни атракции што ги нуди, но по некое време дознав дека има многу повеќе прекрасни места што ги крие Њујорк. Секое ќоше на Њујорк има своја магија.
Ќе снимаш и ќе твориш на англиски или публиката ќе може да те слуша и на македонски?
- Досега имам две песни на македонски, „Збори ми“ и „Друг да ме нема“, кои се на сите музички платформи, а една од нив и во препев на англиски „If I don’t have you“. Баш би сакала да имам песни за македонска публика и на англиски јазик за да може секој да ја слуша мојата музика. Во моментов многу посветено работам и творам и за македонската и за американската публика. Што би се рекло, „нешто се крчка“, за што ќе има информации наскоро!
Може да те видиме во некој мјузикл на Бродвеј?
- Работам на аудиции и доста проекти, дел од нив се и за Бродвеј театрите, уште од најмала возраст имав желба да бидам дел од таа сцена. Со текот на годините и моето вокално растење можам да кажам само ако не е мјузикл на Бродвеј, ќе биде сцената на „Метрополитен опера“, ако не сега веднаш, во блиска иднина секако.
Би одржала солистички концерт пред домашната публика?
- Секако би сакала да одржам солистички концерт пред домашна публика што поскоро! Во последниве четири години мојот глас е доста созреан и трениран, и баш би сакала да го споделам тоа со нашата публика.
Фото: приватна архива