X
 31.07.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Каде се наоѓа Билазора, најголемиот град на Пајонците?

Во оваа рубрика ви презентираме интересни податоци за нашата земја

Во Билазора имало владетелска палата кога во Атина куќите биле од керпич, велат археолозите кои ги истражуваат старите градови во Македонија. Каде лежи престолнината на независната држава Пајонија, чии жители имале силна култура и оставиле значајни материјални остатоци на територијата на денешна Македонија? Убикацијата на Билазора кај светиниколското село Кнежје прв ја направил археологот и професор Иван Микулчиќ. Во текот на последните две децении на локалитетот беа спроведени археолошки истражувања кои дадоа многу интересни научни откритија.
Локалитетот го искупуваа археолози од Тексашката фондација за археолошки и историски истражувања (ТФАХР), од Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје во соработка со Народниот музеј од Свети Николе. Последните големи истражувања ги предводеше професорот Драги Митревски од Институтот за историја на уметност и археологија. Нашите археолози ги истражуваа слоевите од 5. и 4. век пред новата ера, времето во кое живеел Перикле.


Архитектонски делови пронајдени на локалитетот / Извор: Youtube

Истражувачите велат дека во тоа време, кога со Долномакедонското кралство владееле Александар Први или Пердика Втори, на оваа територија можело да има само пајонски владетели. Тие имале добиено независност од македонската империја за да ја чуваат од северните напади. Тукидид ги спомнува во втората половина на 5 век пр.н.е - независните Пајонци. Тие биле независни од империјата, ама биле во нивна служба. Во изворите се среќава податок дека најголемиот град на Пајонците е Билазора и зафажал површина од 20 хектари.

Според проф. Митревски, владетелите на Пајонија ковале монети, учествувале во историските настани - Ликпеј, Патрај, Авдолеон, Леон, Дропион, сите биле јаки фактори во овој дел на светот. Заради својата независност, некогаш зајакнувале до таа мера што дури и се спротивстваувале на македонската империја, но генерално биле во нејзина служба.


Реконструкција на античкиот храм, според проф. д-р Драги Митревски и м-р Кирил Денковски / Извор: Youtube

Во времето на Александар Велики, Пајонците ги давале главните генерали во армијата во походот на Александар. Тие биле бафер-зона и намерно биле чувани така во политиката на Античка Македонија - да ја штитат од северните племиња, за да може Филип (Втори) да планира поход на исток.

Археолозите велат дека не може точно да се дефинира со колкава територија располагале независните Пајонци бидејќи границите не може да се толкуваат во денешна смисла на зборот. Но, во изворите се среќаваат податоци - хидроними и топоними кои кажуваат многу нешта. На пример, важно место е реката Брегалница, каде што се крунисувале своите владетели. Важен хидроним е Вардар и неговата долина, Средно и Горно Повардарје. Во изворите се спомнуваат најсеверните Пајонци - Агријаните кои се сместуваат во Скопско, Кумановско, Ќустендилско, до Горна Струма.
Според Митревски, Пајонци се всушност заедничко име на сродни заедници, племиња, кои имаат ист јазик и култура, но секое од нив има свое племенско име. Се спомнуваат на запад Деропи, на југ е најразвиеното племе Дерони. Има Добери, Сиропајони. Но, едни биле независните Пајонци - тие што живееле во Билазора, имале своја политика, владетели, престолнина, свој систем и владетелска палат.


Пајонците се единствените од овој крај кои Хомер ги спомнал во Илијада. Хомер знаел дека биле сојузници - отишле под ѕидините на Троја да се борат на нивна страна. КОга ги опишувал сите народи кои учествувале во војната, ги спомнал „Пајонците од широкостројниот Вардар“. Тие се спомнуваат како значаен фактор во историските настани уште во доцното бронзено време.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема