X
 06.12.2021 Технологија

Камера со големина на зрно сол прави феноменални фотографии

Научната генијалност значи дека камерите стануваат сѐ помали, а најновата не само што е неверојатно мала - со големина на зрно сол - туку може и да направи фотографии со многу подобар квалитет од многу други ултракомпактни камери.

Користејќи технологија позната како метаповршина, која е покриена со 1,6 милион цилиндрични столбови, камерата може да направи фотографии во боја кои се еднакво добри како и оние направени со традиционалните леќи кои се околу половина милион пати поголеми од оваа камера.

Супермалата направа има потенцијал да биде од помош во голем број случаи - од помагање на минијатурни роботи да го истражуваат светот до давање подобар увид на експертите за тоа што се случува длабоко во човечкото тело.

Фотографија од постојни микрокамери (лево) и од новата камера (десно)

Еден од специјалните трикови на камерата е начинот на кој го комбинира хардверот со процесирањето за да ја подобри фотографијата: алгоритми за процесирање на сигнали користат техники на машинско учење за да ги намалат замаглувањето и другите дисторзии кои инаку се појавуваат кај камерите со толкава големина. Камерата ефикасно користи софтвер за подобрување на фотографиите.

Тие алгоритми може да се користат и за други нешта освен за подобрување на фотографиите. Може да се распоредат за автоматски да детектираат одредени објекти што ги бара камерата, како знаци на болести во човековото тело.

Тоа процесирање е додадено на метаповршинската конструкција во која заоблените стакла или пластичните леќи, кои обично се користат, се заменети со материјал широк само половина милиметар. Секој од 1,6 милионите цилиндрични столбови бил дизајниран индивидуално за најдобро да го фати тоа што е пред камерата.

Илустрација како изгледа површината на камерата

Силициум нитридот, од кој е направена метаповршината, е сличен на стакло и е материјал што може да се вклопи во конвенционалните процеси на производство, што значи дека не би требало да е многу тешко да се зголеми производството на овие супермали камери користејќи ги постојните процедури и опрема.

Иако има уште многу работа за да се извадат овие камери од лабораторијата и да се комерцијализираат, сепак, има добри знаци дека тоа е можно. Штом ќе се направи тоа, ќе имаме пристап до супермали камери кои можат да направат добри фотографии.

Извор: Science Alert
Фотографии: Princeton University
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија