X
 06.12.2022 Наша тема

Горната гимназија од Битола создава свое младинско радио, а печати и средношколски весник

Младинско радио во етер и весникот „Нова Веда“ се медиуми преку кои се пренесува гласот на младите генерации.

Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола им пркоси на лошите трендови во медиумскиот простор во земјава. Додека згаснуваат весниците и замолкнуваат сѐ повеќе радиостаници, средношколците се зафатија со прометејска задача да издаваат средношколски весник и да создадат младинско радио.

Група ентузијасти и вљубеници во македонскиот јазик, меѓу кои професорот Никола Трајковски и уште педесетина ученици, одамна ги надминаа рамките на вообичаена новинарска секција и посегнаа по медиумски проекти кои веројатно се единствени од ваков тип во државата. Во тек е првата фаза од основањето на таканареченото Младинско радио во етер, па учениците се обучуваат од страна на професионалци од медиумската сфера, а веќе се подготвува второто издание на весникот „Нова Веда“.



Учиме дека во медиумите треба правилно да се користи македонскиот јазик, велат младите новинари

- Голем дел од учениците имаат изгубено допир со медиумите. Повеќето од нашата генерација немаат весник фатено в рака во животот и затоа сметам дека е важно да се вклучиме во овие медиуми и да создадеме интересни медиумски производи, со илустрации, да не е се само на интернет, а со радиото и да се слушне нашето мислење - вели Ева Ристевска, ученичка од трета година која е вклучена и во радиото и во весникот.

Учениците велат дека со пишувањето ќе им се прошируваат и видиците и ставовите, а сакаат и да ги пренесат своите мислења, да бидат гласот на нивната генерација.

- Радиото ни е многу интересно и ни е чест што ќе бидеме дел од првата генерација која ќе работи на него. Сметам дека е важно како млади луѓе да го негуваме јазикот зашто сѐ повеќе и повеќе губиме допир со литературниот јазик и важно е да ги искажуваме нашите мислења и да сме во допир со нашиот мајчин јазик. Голем е интересот кај учениците за странските јазици, па не смеат да останат заборавени нашите автори и нивните дела - додава Ристевска.



Еднаш неделно ќе се снимаат поткасти

Професорот Никола Трајковски, координатор на проектите, посочува дека со овие два медиума им се остварува дамнешната желба да имаат средношколско радио и весник. Проектот со младинското радио првично беше идеја на невладината ГЕТ иновации во партнерство со гимназијата, а проектот го поддржа Амбасадата на САД во Македонија преку Програмата за демократија.

Отворањето на младинското радио е во три етапи. Во тек е првата и дваесетина ученици се обучуваат од страна на професионални медиумски работници како да изработуваат и да презентираат вести. Во втората фаза ќе следуваат практични вежби, ќе се снимаат кратки стории, вести, поткасти и ќе се емитуваат преку интернет-радио.



- Планот е еднаш неделно да имаме поткаст со различни гости што учеле тука и завршиле, па сега се познати и признати луѓе. Да ја раскажат својата приказна додека учеле тука и како било откако си заминале. Во третата фаза ќе направиме камп во кој ќе се вклучат учениците од нашите медиуми и лица од областа на новинарството за да разменат искуства, да видат до каде сме стигнати, да помогнат дополнително. И крајната цел е формирање радио кое на почеток ќе се емитува само на интернет, а подоцна ако успееме, и преку радиофреквенција - вели Трајковски.

Опремата за радиото ќе биде обезбедена преку проектот и по завршувањето ќе остане во сопственост на училиштето. Со тоа радиото ќе продолжи да опстојува.

Најпрво интернет-радио со теми од животот на младите

Професорот Трајковски вели дека на овој начин учениците се учат убаво, креативно и содржински да се изразуваат на својот мајчин јазик, дека македонскиот јазик треба правилно да се користи во медиумите и дека како млади луѓе мора да бидат медиумски писмени.



- Се забораваат радиото и весниците како медиуми кои некогаш беа многу актуелни. Но, со нашите активности сакаме да ги научиме учениците и во радиото и во весникот како треба да се користи јазикот во медиумите зашто сме сведоци дека она што се случува сега, особено на интернет-порталите кои се далеку од користење на литературниот македонски јазик. Да покажеме дека литературниот јазик не се користи само на часовите, туку тој е изразна форма и во медиумите. Добиваат и медиумска писменост. Тоа беше и целта на самиот проект - да бидат медиумски писмени, да знаат да препознаат што се тоа лажни вести, да знаат ако утре се занимаваат со таа професија, да не продуцираат такви вести - вели професорот.

Планираат секој ден да имаат радиопрограма, не со долги емисии, туку со кратки вести од секојдневниот живот на младите, случувањата во гимназијата, во градот, преку повеќе рубрики спорт, образование, забава...

Се подготвува вториот број на „Нова Веда“

Интересот кај учениците за вклучување во тимовите кои го подготвуваат весникот и радиото е голем. Од 30 до 40 ученици активно работат на подготовка на вториот број на „Нова Веда“, кој е продолжение на весникот „Веда“ што во 1994 година се издавал во училиштето. За ангажман во радиото аплицираа повеќе од 30 ученици, па во првата фаза се вклучени дваесетина, а потоа ќе им се придружат и другите.

- Идејата беше прво да го вратиме тој весник во печатена форма и сега следните броеви ги планираме комбинирано - и во печатена и во електронска форма. Минатата учебна година го имавме првото издание, а сега го подготвуваме второто и се надеваме дека до крајот на годината ќе го издадеме. Планот е на секои три месеци да имаме по еден број. Целта ни е да се дистрибуира и во другите училишта зашто ќе опфатиме теми кои се актуелни за сите млади, а не само за оние од ова училиште. Сакаме да се прошириме и да го читаат сите - додава Трајковски.



Тој на крај нагласува дека сето ова се прави со поддршка од училишниот колектив и раководството со цел учениците, покрај формалното образование, да добијат и неформално зашто овие теми се малку опфатени во образованите програми, а големата моќ на информациите што денес стигнуваат до секоја пора на општественото живеење налага да се обрне повеќе внимание на медиумите и на информирањето.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема