Двете девојки, користејќи го знаењето пренесено од бабите и нивниот уметнички талент, ги рушат предрасудите на младите дека нема да изгледаат убаво носејќи маски. Создаваат уникатни модни додатоци кои не само што ќе ги заштитат младите од болеста туку и ќе ги направат да изгледаат тренди
Времето на чингелаќето и иглите на бабите не е поминато. Тоа на дело го докажаа двете креативни средношколки Ангела Стојановска и Јана Белевска од Битола, кои рачно изработуваат маски со уникатни плетки како моден додаток за младите. Тие се предизвик и за повозрасните што сакаат да носат впечатливи парчиња облека. Двете девојки, користејќи го знаењето пренесено од бабите и нивниот уметнички талент, ги рушат предрасудите на младите дека нема да изгледаат убаво носејќи маски. Создаваат уникатни модни додатоци кои не само што ќе ги заштитат младите од болеста туку и ќе ги направат да изгледаат тренди. Така, постепено меѓу тинејџерите стануваат хит маските со провокативно име Sherlyn, рачно изработени од памучен или мерцеризиран конец.
Научиле да плетат од бабата Николина
- Идејата за плетени маски произлезе од пандемијата, како и од вишокот слободно време во вакви услови, па баравме начин како да го пополниме. Маските ги плетеме со чингелаќе, а тоа го научивме од мојата баба Николина, на која плетењето ѝ претставува големо хоби. Сметаме дека кај нив е уникатна плетката и тоа што се изработени рачно. Живееме во време кога маските се дел од модниот живот, а нашите маски се модерно и уникатно парче кое може да се комбинира со сè - раскажува Стојановска.
Талентот, љубовта кон уметноста, кон убавото, кон модата и македонските традиционални изработки, но, пред сè, пријателството ги врзало од прво одделение. Уште од детството ги спојува една заедничка нишка - желбата да имаат машина за шиење, чингелаќе, игли за плетење... Старите народни рачни изработки како да се заборавени во последниве години, но во семејствата на овие две девојки плетењето е талент кој се провлекува низ сите генерации до денес.
Маските штитат од вирус и се модно парче
Малиот заеднички бизнис, кој го стартуваа самоиницијативно потпирајќи се повеќе на желбата креативно да се изразат отколку да заработат, им го зајакна пријателството и им овозможи да се борат со нови предизвици. За три месеци, колку што трае овој претприемачки бизнис, односно продажбата на маските, имаат изработено околу 150 уникатни парчиња кои не се повторуваат. Маските исплетени со многу љубов најчесто се прават по порачка.
- Најчесто ги изработуваме по нарачка, во зависност интересот одлучуваме колкав дел од денот ќе потрошиме на ова хоби. Се случува да плетеме и секој ден, но во слободно време зашто предност имаат училишните обврски - велат другарките, кои се ученички во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола.
На младите им порачуваат: „Пред сè, маските се направени за заштита од вирусот, а покрај тоа, како модно парче, ќе го подобрат изгледот. Освен плетениот дел, внатрешноста е поставена, со што добиваме два слоја и поголема заштита. Многумина мислат дека дишењето низ нив е тешко, но кој пробал, знае колку се удобни. Им порачуваме на сите да не го запоставуваат носењето маски и да не им биде само обврска, туку навика. Во ова време-невреме, кога здравјето е приоритет, со sherlyn-маските нема да ја запостават ни модата“.
Се носат во комбинација со стилски обетки, чантички и други додатоци
Уникатно е тоа што девојките рачно изработуваат и обетки кои одговараат со маската. Од ист или сличен материјал, боја, плетка, детал кој дава впечатливост, префинетост. Тука се и плетените чантички и други ракотворби кои го збогатуваат изгледот на девојките. Но, тие изработуваат и маски за машки кои исто така сакаат да бидат модерни и да се издвојат.
Овие средношколки имаат време и желба да го украсат домот и за верските празници. За Нова година имаа навистина впечатливо украсување карактеристично за овој период од живеењето - божиќните дрвца ги накитија со маски во сите бои. Оваа пролет поставија изработки што внесуваат свежина, а за велигденските празници се подготвуваат да ги разубават домовите на уникатен начин покажувајќи дека и во денешното тешко време, кога Ковид-19 ни ја урива полетноста, сепак останува енергија и желба убавината да влезе во нашиот дом.
Фото: приватна архива