Луѓето реагираат на настани, ситуации и луѓе на различни начини. Кога сме заљубени, самото присуство на саканата личност нè полни со радост и нашите реакции на околината се позитивни, а кога сме под стрес, негативно реагираме на луѓето. Понекогаш постојат луѓе што го извлекуваат најлошото од нас.
Кога сме во близина на овие луѓе, реагираме негативно и честопати не размислуваме рационално. Оваа состојба се нарекува емоционална реактивност, а се дефинира како автоматска реакција на настани, ситуации и луѓе, пишува Стивен Стосни за „Сајколоџи тудеј“.
Кога автоматски реагираме на настаните, нашиот мозок е во режим на мало дете и сè што излегува од нас се негативни реакции во кои одбиваме да го разбереме светот и разумно да реагираме на настаните. Во најлош случај, продолжуваме негативно да реагираме на настаните или луѓето околу нас за да го задржиме чувството на себеси. Во овие ситуации забораваме на главните цели и желби и се фокусираме само на она на кое му се спротивставуваме и што не ни се допаѓа.
Брз начин да препознаете дали се соочувате со емоционална реактивност е да видите како се однесувате на состанок на работното место. Доколку не сте сигурни за вашиот став сè додека некој не каже или не стори нешто што ќе ја поттикне вашата реакција, можеби навистина автоматски реагирате на околината.
Фото: Pixabay
Следниот пат кога сте на ваков состанок или во ваква ситуација, забележете кој е вашиот прв став за работите, а потоа видете дали тој се менува како реакција на некоја личност.
Единствениот начин на кој може да се ослободите од овој вид реагирање на ситуациите е да не заборавате на сопствената вредност дури и кога сте под стрес. Ова бара влегување во режим на возрасен мозок, кој ја регулира сопствената вредност, пишува Стосни.
Најлесен начин да се префрлите од режимот на детски мозок во режимот на возрасен мозок е да се прашате што може да сторите за да ја поправите ситуацијата.
Режимот на детскиот мозок наликува на систем за аларм - тој не може да се поправи и точно да ја процени ситуацијата, ниту да види други перспективи. Штом се прашате како може да ги подобрите работите, веќе влегувате во режимот на возрасен мозок, пишува Стосни.
Извор:
Psychology Today