X
 07.01.2017 Култура

Божиќното писмо на Марк Твен до неговата ќерка

Иако во подоцнежните години од неговиот живот бил познат по својот цинизам и огорченост, новогодишните празници за Марк Твен биле „слаба точка“. Сѐ до денес, за тоа остана да сведочи и ова писмо кое познатиот писател го напишал за својата ќерка, преправајќи се дека е Дедо Мраз.

„Дворецот на Свети Никола
Месечина
Божиќно утро

Драга Сузи Клеменс,

Ги примив и прочитав сите твои писма кои ми ги испратија твојата мајка и дадилките, а кои им ги диктиравте ти и твојата мала сестра. Исто така ги прочитав сите писма кои ми ги напишавте вие, со ваш ракопис, иако не користите букви кои ги користат возрасните - вие пишувате со знаци кои ги разбираат сите деца на светот. Со оглед на тоа што сите мои клиенти се деца и користат вакви букви, јасно е дека без проблем разбрав се' што напишавте ти и твојата малечка сестра.

Сепак, имам проблеми да ги разберам писмата кои им ги диктиравте на вашата мајка и дадилките бидејќи јас сум странец и не го разбирам најдобро англискиот јазик. Ќе видиш дека не направив ниту една грешка кога станува збор за подароците кои ти и твојата сестричка ги порачавте во вашите писма - влегов преку оџакот на полноќ додека спиевте и лично ги оставив. И двете ве бакнав бидејќи сте добри деца, добро воспитани и спаѓате во најпослушните мали луѓе кои некогаш сум ги видел.

Сепак, во писмата кои ги диктиравте, имаше неколку зборови кои не ги познавам и неколку нарачки кои не можев да ги испорачам бидејќи ги немав во залиха. Нашата последна кујна за кукли отиде кај едно сиромашно девојче во Северната ѕвезда, студена земја на Големата мечка. Нека твојата мајка ти ја покаже оваа ѕвезда, а ти можеш да ѝ кажеш: „Мала снегулка (така се вика девојчето), мило ми е што доби мебел бидејќи ти е потребен повеќе отколку мене“, односно напиши го ова во твоите соништа и Снегулка ќе ти одговори. Нека твоето писмо биде лесно бидејќи патува далеку, а поштарината е скапа.

tven
Фото: Wikipedia

Во писмото од твојата мајка имаше неколку зборови кои не ги сфатив. Дали пишуваше: „Камион полн облека за куклите?“ Ќе ѕвонам на твојата кујнска врата, но никој не смее да ме види освен ти. Кога ќе го слушнеш ѕвончето, замижи му ги очите на Џорџ и испрати го да ја отвори вратата. Мораш да му кажеш да оди на прсти и да не кажува ни збор бидејќи еден ден ќе умре. Ти мораш да одиш во собата на сестра ти, да се качиш на столче, да го потпреш увото на цевката која води до кујната - кога ќе слушнеш дека заѕвонив, во цевката кажи: „Добредојде Дедо Мраз!“. Тогаш ќе те прашам дали порача облека. Ако кажеш да, ќе ме интересира кои бои ги сакаш. Со мајка ти изберете убава боја бидејќи мораш да ми го кажеш секој детал кој сакаш да го добиеш. На крајот, кога ќе речам: „Збогум и среќен Божиќ моја мала Сузи Клеменс“, ти мораш да одговориш: „Збогум, добар, стар Дедо Мраз и те молам кажи ѝ на Снегулка дека вечерва ќе гледам во нејзината ѕвезда, па и таа мора да гледа долу на мене - ќе бидам на западниот прозорец и секоја ведра вечер ќе гледам кон нејзината ѕвезда и ќе велам: „Знам дека има таму некој како мене“.

Потоа мораш да одиш до библиотеката и да му кажеш на Џорџ да ги затвори сите врати освен излезот и сите морате да бидете мирни и тивки уште неколку секунди. Јас ќе одам на Месечината да ги земам моите работи и за неколку моменти ќе се спуштам низ оџакот и ќе го оставам подарокот.

Луѓето можат да зборуваат се' до моментот кога ќе ги слушнеш моите чекори во ходникот. Тогаш речи им да бидат тивки додека не се качам од оџакот. Можеби нема ни да ме чуеш - ако се случи тоа, слободно ѕирни низ клучалката од вратата во трпезаријата и во еден момент ќе го видиш својот подарок под елката. Ако оставам снег во ходникот, кажи му на Џорџ да избрише, но не со метла туку со крпа. Во спротивно некогаш ќе умре. Мораш да го надгледуваш да не направи некаква глупости и да се изложи на опасност.

Ако оставам траги од чизмите на мермерот, Џорџ не смее да ги избрише. Нека останат како знак за мојата посета. Секогаш кога ќе ги погледнеш или кога ќе ги покажеш некому, ќе се сетиш дека треба да бидеш добро девојче.

Збогум за неколку минути, односно додека не дојдам и не заѕвонам на твојата кујнска врата.

Те сака,
Дедо Мраз
кого луѓето некогаш го нарекуваат „Човекот во Месечината“

За жал, семејната среќа на Марк Твен не траела долго. Само неколку години после ова писмо, неговата Сузи починала од менингитис, а истата судбина ѝ се случила и на неговата сопруга и на другата ќерка Џејн.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура